Како никој да не е надлежен - па така регистрација има и здружението „Цар Борис Трети“

До Министерството за правда не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети", информираат од министерството. Сепак, здружението кое дејствува во Охрид е запишано во Централен регистар на 17 ноември 2021 година, додека здружението „Иван Михајлов“ од Битола (каде е отворен и клуб со истото име - попознато како Ванчо Михајлов) било запишано две години претходно. Леснотијата за регистрација на антимакедонски здруженија се чини се наоѓа во фактот дека нема државна институција која е надлежна за регистар на историски имиња.

Хитлер и Цар Борис - архива

Откако германска новинарка алармира дека токму во еврејска куќа во Битола се наоѓа клубот „Ванчо Михајлов“, каде се воздигнува фашистичкото дело на оваа историска личност, која била и директен соработник на Хитлер како и на фашистичка Софија во Втората светска војна, а со тоа е одговорна и за убиството на над 7 илјади македонски евреи во логорите на смртта, Здружението на Евреите побара одговори од надлежните институции за проверка на тврдењето на новинарката, но и постави прашање: Кој дозволил во Македонија да се регистрира  здружението „Цар Борис Трети“?

„Згрозени сме од леснотијата со која во државата се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза“, реагира Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. 

„Името цар Борис III е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна. Да потсетиме, цар Борис III и владата на Царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во центарот за убивање Треблика, во окупирана Полска. Цар Борис III на 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија 'Eден цар, еден народ, една држава' и е докажан заговорник за спроведување на таканараченото 'конечно решение на еврејското прашање'. Ова е еклатантен пример на негирање и искривоколчување на холокаустот, на исмевање и навреда за Евреите“, соопшти .Еврејската заедница и во очекување на одговори потсети дека уште од април чека одговор од власта за правната издржаност на дозволата за отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Oваа улица за седиште во Охрид ја најде „Цар Борис“

Оттука, всупшност, денеска брзиот одговор од Министерството за правда кое отфрла своја одговорност за регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“.

Секако, цар Борис е одговорен и за смртта и злосторствата врз илјадници цивили и партизани.

Ако се тргне од дилемите кои надлежните институции се обидоа да ги расчистат во своја полза, пролетва, кога јавноста гневно реагираше поради отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ на здружението „Иван Михајлов“, регистрирано во март 2019 година, треба да дојдеме до заклучок дека никој не е одговорен за употребата на имиња на историски личности. 

Според тоа, некој би можел да се регистрира и со името „Хитлер“. Дали тогаш државата би реагирала? Веројатно да, бидејќи таквата вест полесно би била пласирана во странските медиуми.

Но, хронопогијата е ваква: Централен регистар во април годинава се огради од одговорност бидејќи во врска со „Ванчо Михајлов“ имале допис од Министерството за правда од кого било побарано мислење за барањето за упис во регистерот на здруженија. Во одговорот од Правда пишувало:

„Министерството за правда не е во можност да издаде одобрение од причина што во Министерството не се води регистар на историски личности или каков било друг документ со кој може да се утврди статусот на историска личност и употребата на нејзиното име“.

Централниот регистар потоа заклучил дека не постои надлежен државен орган кој може да издаде одобрение за употреба на име на личност и дека во секој друг случај кога имало барање за регистрација на здружение кое содржело во називот лично име, одговорите од Министерството за правда биле идентични. Оваа институција истакнува дека се раководи според уставното начело за слобода на здружување на граѓаните. 

Во случајот на „Цар Борис Трети“, чија регистрација доаѓа две и пол години по одобрението што го добило здружението „Иван Михајлов“, очигледно Централен регистар се раководел од „воспоставена пракса“.

Сепак, ако се анализира Уставот, во државата постои место кое може да пресече.

Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд, покрај другото, одлучува и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженијата на граѓаните. Во негова надлежност е и укинување и поништување на Статут и Програма на здружение, доколку утврди дека истите не се во согласност со Устав или закон.

Веројатно затоа Томе Блажески, претседател на „Цар Борис Трети“, вчера за телевизија Алфа внимателно, според свое видување на историјата, ги кажува мотивите за основањето на здружението.

„Целта ни е да ја негуваме бугарската култура во Македонија. Дел од нас се декларираат како Бугари, некои како Македонци. Ако можат други етнички заедници да основаат здруженија, зошто не би можеле свое да основаат и Бугарите. А и зошто да не под името Цар Борис кога тој а ослободил Македонија од српско ропство“, изјавил Блажески како што пренесе телевизијата.

Здружението има и своја фејсбук страница, каде е поставен прилогот на Алфа, а Блажески го најавува како интервју за телевизијата, иако всушност, ниту застанал пред камера, ниту пак дал снимена телефонска изјава.

Какви одговори ќе добие Еврејската заедница останува да се види.А и јавноста ги чека одговорите. Од Министерството за правда засега, само една реченица. Владата пак, со месеци го анализира работењето на здруженијата од овој тип.

 

Висока бугарска делегација се закрена на отворањето во Битола

Инаку, клубот во Битола беше отворен на 16 април годинава, а на церемонијата присуствуваа потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, тогашниот премиер Кирил Петков, тогашната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, како и поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов (кој како министер на земја членка на НАТО се имаше закането дека со инжинерски единици ќе влезе на главниот плоштад во Скопје) и претставници на сите здруженија на Бугари во земјава. Јавноста беше гневна, а нешто подоцна беше подметнат и пожар пред просториите кој предизвика мала штета. 

Здружението во Охрид пак, неодамна добило донација од 500 бугарски книги од „лице“ од Софија.

П.Џ.

Легенда под Главна слика

Хитлер и Цар Борис - архива

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе