„Mицкоски не е никаква жртва, туку е режисер на крваво сценарио заедно со неговите коалициски партнери Левица и Алијанса за Албанците. Крваво сценарио кое не успеа. Мицкоски не беше мета, туку вечерва ја одигра најлошата улога за државата и граѓаните. Срамно, страшно и опасно е однесувањето на опозицијата која настојува да предизвика меѓуетнички тензии, рече портпаролот на СДСМ Дарко Каевски во врска со вечерашниот инцидент на плоштадот „Скендербег" кога врз демонстрантите едно лице впери пиштол.
Каевски потоа покажа фотографија од лицето Цуфи Кока, кој требало, како што рече, да глуми напаѓач.
Кока е уапсен, рече Каевски и додаде дека негов брат е функционер од коалицискиот партнер на Мицкоски - Алијанса за Албанците.
Братот, Зуди Енузи Кока, рече портпаролот, е директор на градското комунално претпријатие и претседател на чаирскиот огранок на партијата, но нагласи, и главен во кампањата на Данела Арсовска на изборите за градоначалник на Скопје.
Потоа портпаролот покажа фотографија од Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците, па потоа и на Арсовска, па кажа дека градоначалничката на Скопје Данела Арсовска е на секоја втора фотографија.
„Сѐ е лажно во ВМРО-ДПМНЕ, дури и крвавото сценарио кое не им успеа. Нивната стратегија е креирање на конфликт и внесување страв кај граѓаните. Спремни се да жртвуваат луѓе и да ја запалат државата. Нема тоа да го дозволиме. Не се во прашање меѓуетнички тензии, туку крваво сценарио на кое граѓаните никако не смеат да подлегнат. Нема да дозволиме црни сценарија, кои секако ќе бидат поразени", рече Каевски.