Во Собранието

Изгласани законски измени за мерката „Викенд без ДДВ“, ќе се спроведе овој викенд

Со 71 глас „за“, девет воздражни и без ниту еден против, Собранието денеска по скратена постапка го донесе Законот за изменување и дополнувањe на Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица.

Со законските измени се овозможува реализација на мерката „Викенд без ДДВ“, како дел од најавените антикризни мерки на Владата.

За пратениците од СДСМ ова е проект од интерес на граѓаните и ќе значи пари назад на сметките на граѓаните, поддршка на приватната потрошувачка и зајакнување на домашниот буџет.

Опозицијата, пак, оцени дека законот е напишан набрзина и оти има задоцнетост во неговата примена. Според нив, граѓаните нема да имаат никаква корист, а проектот бил наменет само за тие кои имаат „паметни телефони" и се корисници на апликацијата „Мој ДДВ“. Нивниот предлог беше да има четири викенди без ДДВ, по еден во ноември и декември и по еден викенд во јануари и февруари следната година. Така, велат, ќе се заштитело здравјето на граѓаните и немало да има турканици во продавниците, а истовремено ќе се зајакнува економијата и ќе се помага на производителите на македонски производи.

Со „Викенд без ДДВ“ граѓаните ќе го добијат назад целиот ДДВ за производите што ќе ги купуваат во претстојниот продолжен викенд меѓу 10 и 12 октомври. Проценките се дека околу 350 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе можат да купуваат домашни производи и услуги, компјутери и друга ИКТ опрема во вредност од најмногу 30 илјади денари, а во рок од неколку дена на нивните трансакциски сметки ќе им биде исплатен назад целиот ДДВ.

Преку оваа мерка, според проценките, ќе се оствари промет од 170 милиони евра кои ќе бидат инјекција во стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра преку повратот на ДДВ.

Во законот се наведува дека фискалните сметки кои ќе бидат цел на целосен поврат на ДДВ ќе може да се скенираат преку апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи најдоцна три дена од рокот на издавање. Враќањето на целосниот износ на данокот ќе се врши најдоцна 15 дена од денот на издавање на фискалната сметка.

 

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе