Има ли „егзит“ по прославата на Охридскиот договор?

По скандалозните случки за време на прославата на годишнината од Охридскиот договор и исвиркувањето на македонскиот јазик, на официјална осуда долго се чека. Но затоа слушнавме воодушевени најави дека оној фестивалскиот дел од прославата може да прерасне до димензиите на фестивалот „Егзит“ познат во светски рамки, каде се слави музичката култура на сите народи и јазици. Но ние да си го поставиме прашањето: има ли излез?

Не е првпат да се згрозиме од националистичко и шовинистичко однесување. Такви појави имало и на големи државни настани, на партиски организирани настани, на спортски натпревари... Се исвиркувала химната, се газело знамето, имало секакви извикувања, пароли, имало и инциденти, имало и повредени...

Па сепак, зачуди исвиркувањето на македонскиот јазик.

Ако некој праша како се случи тоа во Македонија и дали е тоа можно, дијалогот би можел да изгледа отприлика вака:

Каде се случи тоа? На прославата на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор. А кој е организатор? Владата. Поточно? Постои министерство за односи меѓу заедниците, што би се рекло, за соживот, ете тоа. А чие е? Како чие, па на Владата е, а случајно го води Артан Груби. И кој го исвиркувал македонскиот јазик? Дел од присутните на прославата, инаку Албанци. А не биле Бугари, зашто тие го негираат македонскиот јазик? Не. И баш сега кога Бугари го негираат македонскиот јазик и постоењето на македонскиот народ, тоа се случи од сограѓани Албанци? Да. Реагираше со осуда тоа министерство на тој Груби? Досега не. А можеби бил изоставен албанскиот јазик на прославата па затоа тоа се случило? Не, прво се читаше на албански јазик, а потоа водителката читаше на македонски јазик, ама тогaш беше заглушена од свирежи...

Можеби уште повеќе зачуден од нас самите би бил еден странец ако оваа случка му се раскаже. И уште повеќе ако ги слушне и политичарите кои велат дека изградиле општество еднакво за сите, со соживот, толеранција и почитување меѓу различните етнички заедници. А резултатите од тој, славениот Охридски договор, се рамноправност на Албанците, употреба на албанскиот јазик, факултети, универзитети, друштва, заедници, спортски клубови... Албанец претседател на парламентот, Албанец прв вицепремиер, Албанци министри за надворешни работи, за финансии, економија, за образование итн., итн., директори... итн., итн., и тие сите си зборуваат и официјално на албански јазик.

Па затоа би можел оној замислениот наш дијалог да продолжи во следниов стил:

И, каде е проблемот?
?

А осуда нема од тоа министерство за односи...
Не.

А звучи тоа како одобрување на свирежите за македонскиот јазик?
Можеби...

Сепак, МКД.мк ја праша Владата дали го осудува исвиркувањето на македонскиот јазик на прославата на Охридскиот договор, дали е во ред официјално прво сѐ да оди на албански јазик, а потоа на македонски и, воопшто како ја оценува организацијата на прославата.

И пред да се доврши текстот стигна одговорот од Владата. А во неговиот втор дел пишува:

„Секој обид за поткопување на постигнатото (со Охридскиот договор, н.з.) нема никаква поддршка и Владата го смета за изолирана провокација какви што имало и ќе има. Најважно од сѐ е што за разлика од порано, ваквите обиди немаат поддршка од ниту еден претставник на власта“.

А, најнапред Владата, без да биде прашана за тоа, за МКД.мк како вовед го соопшти следново:

„Потпишувањето на Охридскиот рамковен договор донесе придобивки за развој на нашето демократско општество и претставува заеднички успех и вредност со што Северна Македонија треба да се гордее и да го промовира како модел. Тој веќе дваесет години е основа на меѓуетничката стабилност и меѓусебното почитување. Дополнително како резултат на политиката на оваа Влада, имаме релаксирани меѓуетнички односи како никогаш порано. Секој граѓанин, без оглед на етничката, верската или која било друга припадност, ја чувствува Северна Македонија како своја држава која се грижи за правата на сите“.

И што да се каже по таа прослава и свирежите? Разочарувачки во една земја во која со векови народите живеат заедно, разочарувачки во еден сензитивен период кога Бугарија ја уценува Македонија користејќи го своето членство во ЕУ и која го негира македонскиот народ и македонскиот јазик, разочарувачки затоа што токму Албанец (Бујар Османи) практично ги води преговорите со Бугарија и постојано истакнува дека врвен приоритет му е да не се посегнува по македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а не секој му верува дека тоа му е врвниот приоритет, а не почетокот на преговорите со ЕУ токму во период кога тој е министер. Итн., итн.

Инаку, настанот чинеше доста пари земени од буџетот, што значи од граѓаните од сите етнички заедници. И тоа во време на економска криза, кога Владата признава дека тешко ќе се преброди зимата и кога Владата прави даночни реформи со цел повеќе да се наполни буџетот. Можеби е ова добар повод дека треба да се крати токму на вакви прослави од кои финансиски ќар нема, а тие пари, на пример, да се одвојат за цената на лебот да биде пониска.

Прогнозите на првиот вицепремиер, кој го раководи министерството за односи меѓу заедниците, е дека прославата ќе стане традиционална и дека концертниот дел, можеби ќе прерасне и во голем фестивал, како „Егзит“ во Нови Сад, на пример, како што ќе рече.

А добро би било пред да се каже тоа да се каже „оп“ и да се отиде на „Егзит“, а секако, да се бара излез од ваквите кризи во земјава.

П.Џaмбазоски 

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе