МАНДАТ 5 ГОДИНИ, РОК ЗА ОБВИНЕНИЈА 18 МЕСЕЦИ

Има две варијанти за продолжување на рокот на СЈО за покренување обвиненија

Рокот за покренување обвиненија од Специјалното јавно обвинителство истекува на 30 јуни. СЈО и опозицијата бараат пролонгирање на овој рок, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, кое со актуелниот распоред на пратеничките места речиси е и невозможно да се постигне. Сепак има две други можности за пролонгирање на договорениот рок во Пржино од 18 месеци.

Според член 22 до Законот за СЈО обвинение може да се поднесе „во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и на материјалите во негова надлежност“.

И со евентуални нови избори, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, а и со постојниот состав на Собранието, потребното двотретинско мнозинство за промена на овој член е невозможно. ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека се против продолжување на рокот на СЈО за нови обвиненија, а тоа значи дека евентуалното ново собраниско мнозинство од СДСМ (49), ДУИ (10), Беса (5) и Алијансата за Албанците (3), нема да има 2/3 од 120 пратенички места во Собранието.

СЈО предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДСМ ги презеде на два пати, на 4 декември 2015 година и на 30 декември 2015 година. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство на 4 декември 2015 година, на СЈО му предадоа 31 предмет од незаконското прислушување, а Јанева и нејзиниот тим добија и случаи од обвинителствата во Битола и во Куманово. На 15 декември 2015 година, специјалната јавна обвинителка соопшти дека СЈО е надлежно и ќе работи по 34 предмети, вклучувајќи го и случајот „Пуч“.

Експертите велат дека со ваквото ограничување од 18 месеци од добивањето на прислушуваните материјали, обвинителите на СЈО не се во рамноправна положба со обвинителите на Јавното обвинителство на Република Македонија. Рокот за покренување на обвинение и за обвинителите на ЈО е 18 месеци, но откако ќе почне истрагата. А за обвинителите на СЈО во овој рок од 18 месеци влегува и периодот на предистражна постапка. Ова значи можност за покренување на иницијатива пред Уставен суд за оспорување на уставноста на овој член врз основа на нерамноправност на обвинителите. Според сегашниот состав на уставните судии и нивната поделеност во однос на актуелните случувања во земјава, тешко е да се очекува прифаќање на евентуална ваква иницијатива.

Втората варијанта за можно пролонгирање на рокот од 18 месеци би се однесувала на толкувањето на член 22 во делот „...од денот на преземањето на предметите и на материјалите во негова надлежност“. Што ако денеска некој им предаде на специјалните обвинители нови аудио снимки од прислушуваните разговори? Дали во ваков случај рокот за покренување обвиненија би почнал од денеска, па нови 18 месеци за отворање истраги и за поднесување обвиненија.

И ова изгледа логично ако се знае дека задачата на СЈО е истрага за случаите кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите. Иако Зоран Заев, претседателот на СДСМ на 30 декември 2015 година изјави дека ги предал сите материјали што партијата ги поседувала, јасно е дека некој некаде има и други аудиоснимки.

СЈО досега отвори 11 истражни постапки и поднесе две обвиненија против стотина лица.

Според ставот 3 од членот 1, Законот за СЈО ќе биде на сила пет години од усвојувањето од страна на Собранието и може да се продолжува еднаш годишно, со одлука донесена со двотретинско мнозинство од пратениците.

А.Д.

Доколку и се избере влада на РМ без формално определен мандатор Уставниот суд на РМ нема да има правна можност за никаква интервенција.

повеќе

Таквата федерализација, како што нѐ учи балканското искуство е само преодна фаза која води кон распад на земјата.

повеќе

Во Македонија мора да се случи мирен премин на власта. Така мора да биде и по изборите од 2016 година. Во спротивно, земјата ќе се третира како „пиратска“ или како „разбојничка“ држава.

повеќе