Во писмото Пендаровски оценува дека со примањето на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење е исправена историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници. Пендаровски исто така изрази надеж и очекување за скорешно конечно решавање на административниот статус на нашата црква преку доделување на Томос за автокефалност од страна на Вселенската патријаршија, истакнувајќи дека целосното заокружување на автокефалноста на нашата црква е од врвен национален интерес, бидејќи отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество.
„Примајќи ја нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење, Вие ја исправате историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници и ги исцелувате длабоките рани предизвикани од децениската изолација. Особено важно е што на нашата Црква ѝ го признавате и нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија која низ вековите била прибежиште и извор на духовна сила и надеж за православните верници.
Имајќи го предвид историското и канонско право на Вселенската Патријаршија, заедно со моите сограѓани од православна вероисповед искрено се надевам и го очекувам скорото конечно решавање на административниот статус на Нашата црква преку доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна. Целосното заокружување на автокефалноста на Нашата црква е од врвен национален интерес за нас бидејќи отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество“, пишува меѓу другото во писмото од Пендаровски до вселенскиот патријарх Вартоломеј.