Политичарите на двете држави, и на Македонија и на Грција, со години ветуваат дека ќе го отворат овој граничен премин кој беше затворен во далечната 1967 година.
На петтата тридневна преспанска оф-роуд тура „Патување по стапките на мечката и историјата“ имаше само грчки учесници.
На турата бил поканет и поранешниот македонски премиер Зоран Заев, кој преку својот фејсбук-профил им се заблагодарил на организаторите на поканата. „Како поддржувач на политиките на отвореност, добрососедство и поврзување, го споделувам вашето очекување што поскоро да се отвори граничниот премин Маркова Нога што нашите две пријателски држави го преземаа како обврска од Договорот од Преспа.
Отварањето на граничниот премин Маркова Нога е наша обврска кон сегашноста и иднината – ова е вистинското и крајно време да ја срушиме неприродната блокада на природниот тек на брегот на Преспанското Езеро. Очекувам дека во најбрз можен рок ќе се завршат неопходните инфрастурктурни интервенции и дека многу скоро ќе се најдеме таму на официјалното отворање на преминот што ги поврзува двете страни на Преспа“, напиша Заев.