Вториот годишен форум за локална самоуправа „Партнерство за одржливи локални самоуправи".

Граѓаните се незадоволни од услугите на општините во однос на екологијата, транспарентноста и урбанизмот

Заштитата на животната средина, транспарентноста, урбанистичкото планирање, локалниот економски развој и социјалната заштита, се услугите од кои граѓаните на локално ниво се најнезадоволни. Постигнати се едвидентни успеси во однос на намалувањето на наследените долгови на општините, но овој проблем не е целосно затворен. И денес има општини со наследени долгови кои ги надминуваат нивните буџетски капацитети и можности, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на Вториот годишен форум за локална самоуправа „Партнерство за одржливи локални самоуправи".

Министерот Пенов порача дека финансиската стабилност на општините е најважна за да ги извршуваат функциите и да испорачуваат услуги.

„Според последното мерење на перцепцијата на граѓаните, има раст во генералното задоволство од 2,97 на 3,2 индексни поена во однос на услугите што ги добиваат. Но, тие се најмалку задоволни од локалниот економски развој, социјалната заштита, заштитата на животната средина, транспарентноста и урбанистичкото планирање“, истакна Пенов.

Данок на имот, напомена министерот, е еден од најбитните извори на приход за финансирање на изворните надлежности на општините.

„Затоа е потребно локалните власти да вложат поголем напор во наплатата на овој данок. На состаноците што ги имав со градоначалниците, ми беше посочено дека имаат проблем со ажурирањето на базите на податоци за наплата на данокот на имот, заради што беше побарана помош и од централната власт. Лично ќе се ангажирам да се изнајде институционално, системско решение за надминување на овој проблем“, истакна Пенов.

Тој и министерот за финансии Фатмир Бесими го најавија таканаречениот фонд за перформанси преку кој ќе бидат наградени општините што ќе покажат подобри резултати.

„За подобро менаџирање, потребни се повеќе приходи. Во овој дел, со законските измени предвидовме зголемување на износот на централните даноци за општините, како ДДВ, општата дотација од 4,5 на 6 отсто и делот од персоналниот данок на личен доход од три на шест проценти. Во сегментот на распределбата, за поголема финансиска дисциплина и подобра финансиска ефикасност, се предвидува основање два фонда, за перформанси (успешност) и за изедначеност“, информира Бесими, потенцирајќи дека е клучно за спроведување на овие реформи да се воспостават институционални капацитети.

Со закон ќе се регулира, додаде Бесими, дали некоја општина е финансиски нестабилна согласно нејзината состојба, а дефинирани ќе бидат и процедури, како и фази како тоа да се надмине.

„Не ќе може министер, градоначалник, ниту совет да одлучи дали некоја општина е во фаза на финансиска нестабилност или не“, потенцира министерот за финансии.

Како што објасни Бесими, за да не се остават општините сами во периодот на финансиска нестабилност, се превидуваат три инструменти: стенд-бај кредити (поврзаност со централната власт), структурни кредити (структурни обврзници издадени од Министерството) и општинските обврзници (за познат купувач што ги издава општината, а ги купува Министерството за финансии или Владата).

Според министерот, многу е важна и трансформацијата на бирото за рамномерен регионален развој во агенција за локален регионален развој, како дел од реформите, што ќе значи значителна промена за развојот на општините и можност не само преку буџетски средства, туку и преку средства од меѓународни институции, комерцијални банки или ЕУ, да се зголеми обемот на финансии што ќже може да го користта општините за развој.

Тој се осврна и на кризата, истакнувајќи дека е голем предизвик да се воспостави баланс на развој на јавните финансии на локално и централно ниво.
Заменикот шеф на Мисијата во амбасадата на САД, Ерик Мејер рече дека е одлична вест тоа што некои општини ги зголемија приходите од сопствени извори до 40 проценти.

„Ова е само еден пример за тоа што можеме да го постигнеме со заедничка работа. Преку УСАИД Владата на САД инвестира во зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи да преземат лидерски улоги во финансирањето на локалниот развој. Ова значи усвојување ефективни практики за зајакнување на локалниот даночен систем и подобрување на користењето на јавните приходи преку транспарентност и отчетност. Крајна цел е подобрување на јавните услуги и поголема доверба кај граѓаните во управувањето“, нагласи Мејер.

Тој во оваа прилика уште еднаш ја искажа американската поддршка за македонските евроинтеграции.

„Северна Македонија ги надмина тешките предизвици и направи тешки избори да преземе историски чекори напред на својот пристапен пат кон ЕУ. Како ваш стратешки партнер и сојузник во НАТО, ние цврсто стоиме зад процесот на проширување на ЕУ зашто го унапредува демократскиот развој и промовира мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, градејќи посилни стратешки партнери за САД. Ние непосредно соработуваме со вас за да ја постигнеме таа интеграција и голем дел од овој процес е унапредувањето на децентрализацијата која игра значајна улога во приближувањето на процесот на одлучување до граѓаните и подобрувањето на нивниот секојдневен живот“, подвлече заменикот шеф на Мисијата во амбасадата на САД.

На Вториот форум беше промовиран и Кодексот за транспарентност на општините кој, како што укажа Мејер, ќе воспостави минимални стандарди за активна транспарентност и ќе обезбеди унифициран пристап до информациите.

„На овој начин, заинтересираните граѓани може лесно да добијат информации и да бидат вклучени во креирањето политики на локално ниво. Овој момент е прилично поволен за вас, зашто централната власт ве слушна, иницираше и усвои законски измени за зајакнување на фискалната дисциплина на општините и капацитетот за секторско и управување со финансиите“, подвлече Мејер.

УСАИД го промовира и Прирачникот за постапување на општините во услови на финансиска нестабилност кој ќе им послужи на општините за унапредување на управувањето со јавните финансии.

Проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите е петгодишен проект (2021-2026) кој ги поддржува општините во зголемување на сопствените извори на приходи, обезбедување поголемо надворешно финансирање и поефикасна реализација на општинските буџети.

Дополнително во соработка со локалната и централната власт, ја подржува нивната заложба за унапредување на децентрализацијата и јакнење на општинските надлежности. Досега 39 локални самоуправи се вклучени во проектните активности, а се очекува до крајот на проектот, да бидат опфатени сите останати. За да ја постигне оваа цел, Проектот тесно соработува со Министерството за финансии и Министерството за локална самоуправа и е во координација со другите донатори и ЗЕЛС.

Пред половина година се одржа Првиот форум со 39 партнер-општини на која беше потпишан Меморандум за соработка. Со Меморандумот, потписниците, меѓудругото, се обврзаа да го зајакнат оперативниот капацитет на даночната администрација за прибирање приходи од сопствени извори и да го подобрат планирањето и извршувањето на буџетот на локалната самоуправа.

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе