За разлика од нив, 42,1 отсто целосно или делумно се согласуваат дека властите имаат капацитет за спроведување реформи. Притоа, етничките Албанци повеќе се склони да веруваат дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок во однос на етничките Македонци.
Владата, според мнозинството од анкетираните, нема капацитет за реформирање на судството. Таков бил одговорот на над две третини (68,5%), додека околу една четвртина или 26,0%, рекле дека Владата има капацитет за вакви реформи. Повозрасните повеќе веруваат во капацитетот на Владата за спроведување на реформи во судството. Околу десетина процентни поени е разликата кај крајните категории, односно, кај најмладите, оние од 18 до 29 годишна возраст, 23,4% препознале капацитет за реформи во судството за разлика од 33,0% кај оние над 65 годишна возраст.
Исто така, мнозинство од граѓаните, односно 71,8% рекле дека сметаат дека Владата нема капацитет за справување со корупцијата во државата, додека 23,4% сметаат дека има.
Ставовите на граѓаните за иднината на Европската Унија се песимистички. За нијанса е поголем бројот на испитаници кои сметаат дека ЕУ веројатно ќе успее да ги надмине сегашните проблеми но, сѐ повеќе ќе се затвора и сѐ потешко ќе прима нови членки (30,2%) од оние кои сметаат дека во иднина, ЕУ ќе се среќава со се поголеми проблеми и поверојатно е дека потполно ќе се затвори, дури и распадне, отколку дека и понатаму ќе се проширува и зајакнува (29,5%). Во двете најчесто избрани изјави клучно е сѐ поголемото затворање на ЕУ за прием на нови членки. Малку повеќе од четвртина од испитаниците (26,9%) се одлучиле за изјавата „ЕУ ќе ги надмине сегашните проблеми и понатаму ќе се шири, а пред неа е добра иднина“.
Инаку, анкетата за МЦМС и Телма ја спрове од М-проспект, а анкетирањето е извршено телефонски од 16 до 24 декември 2020 година врз репрезентативен примерок од 1.000 испитаници постари од 18 години.