Mеѓународна онлајн-конференција

Германскиот министер Хајко Мас: Да го запреме иселувањето на младите од Западен Балкан

Многу млади си заминуваат од Западен Балкан поради недостатоците во образовниот, здравствениот и социјалниот систем, како и на недостатокот од вработување засновано врз заслуги и на корупцијата. Ова треба да го промениме, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на отворањето на меѓународната онлајн-конференција на тема „Младина, миграција и демографски предизвици во земјите од Западен Балкан“. Тој се повика на анкета на Советот за регионална соработка, според која 71 процент од младите луѓе на Западниот Балкан размислуваат да се преселат во странство.

„Кога разговарав со една млада жена во Скопје за време на едно од моите патувања, таа ми рече: ‘Луѓето во овој регион се караат за минатото, наместо да гледаат кон иднината. А оние кои веруваат во иднината, си заминуваат’. Дами и господа, ова е тоа што треба да го промениме“, кажа Мас во говорот и предложи три чекори за да се промени тоа.

Првиот чекор, рече тој, се инвестиции во иднината. Тоа би се извело преку инвестиции на компаниите во производството во земјите од Западен Балкан.

„Поради пандемијата, сè повеќе компании планираат да го приближат производството во географско поблиските земји. Западниот Балкан е во идеална позиција за тоа. Пред три недели, Европската комисија го претстави новиот Економски и инвестициски план за Западниот Балкан. Тој се фокусира на еколошкиот и дигиталниот пресврт на економијата и ја поддржува поврзаноста. Деветте милијарди евра што се стават на располагање за таа намена може да бидат катализатор за економската трансформација во регионот“, вели Мас.

Но, тој нагласи дека основа за успешните инвестиции се реформите и тие реформи можат да ги спроведат само локалните влади, намалувајќи ги корупцијата и бирократијата.

„Неодамнешните извештаи на Европската комисија за земјите покажуваат многу јасно каде е потребно повеќе да се дејствува. Правната држава и доброто владеење остануваат врвни приоритети. Не само затоа што Европската Унија ги бара, туку затоа што се во интерес на вашите граѓани и вашите претпријатија“, рече Мас.

Тој се надева дека на овогодишниот Самит на Берлинскиот процес, на кој домаќини се Северна Македонија и Бугарија, Западниот Балкан ќе ја започне следната фаза на Регионалната економска зона и дека тоа ќе го забрза економскиот раст доведувајќи ги во регионот четирите основни слободи на Европската Унија.

„Носечкиот столб на регионалната соработка, меѓутоа, се добрососедските односи. Тоа ме доведува до мојата втора точка. Да ги оставиме конечно да мируваат духовите од минатото! Бидејќи тие го блокираат патот на вашите земји во иднината“, кажа германскиот министер.

Третиот чекор е земјите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ.

„Наш заеднички стратешки интерес е вашите земји да стапат во Европската Унија. Тука припаѓаат. Тука најголемиот дел од вашите млади луѓе ја гледаат својата иднина. И ако ЕУ не дојде кај нив, тие ќе дојдат во ЕУ. Бројките сами за себе зборуваат. Во 2001 година, пред да стапат во Унијата, 75 проценти млади Романци сакаа да заминат од својата земја. Денес, две третини сакаат да останат. И се надеваме да го видиме истиот развој на Западниот Балкан. За да се постигне оваа цел, презедовме важни чекори оваа година за да ја забрзаме европската интеграција: На Самитот во Загреб во мај, ЕУ и Западниот Балкан повторно ги изразија заложбите за проширувањето и потребните реформи. Ја отворивме вратата за пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија. Планираме да ја одржиме Првата меѓувладина конференција со Северна Македонија пред крајот на германското претседателство. И, ако дозволат условите, исто така со Албанија“, кажа Мас.

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе