Германскиот канцелар Шолц денеска на средба со премиерот Ковачевски во Скопје

Канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц ќе претстојува во еднодневна официјална посета на Скопје. По средбата со претседателот на македонската Влада Димитар Ковачевски предвидена е заедничка прес - конференција. Германскиот канцелар потоа ќе замине за Софија, на средби со бугарскиот државен врв. Во германската делегација е и новоизбраниот специјален пратеник на Сојузната Влада на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.Според германски медиумски анализи, мали се шансите да биде направен напредок во однос на Македонија.

На скопскиот аеродром германската владина делегација утрово ја пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Како што соопшти владината прес-служба, канцеларот Шолц и неговата делегација ќе бидат пречекани со церемонија на највисоки државни и воени почести на платото пред Владата. Предвидена е тет-а-тет средба на премиерот и канцеларот,  по што ќе следува билатералната средба на членовите на двете делегации.

Официјалната посета на канцеларот Шолц ќе заврши со заедничка прес-конференција.

Во делегацијата на канцеларот Шолц се највисоките државни советници на надворешна и безбедносна политика, за економија и финансии, за европска политика, како и новоизбраниот специјален пратеник на Сојузната Влада на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Шолц во Скопје доаѓа по неговата посета на Приштина и Белград, во рамки на дводневната посета на регионот, а очекувањата се дека ќе биде разговарано за можностите Македонија овој месец да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Двете делегации секако ќе разговараат и за економската поврзаност имајќи предвид дека Македонија најголема трговска размена има токму со Германија.

Шолц во Белград, на прес-конференцијата со српскиот претседател Вучиќ, порача дека Германија сака да ја протурка европската перспектива на Западен Балкан ветена пред две децении во Солун и во исто време очекува кандидатите да се приклучат на санкциите против Русија.

На средбата со косовскиот премиер Албин Курти, пак, Шолц рече дека Косово и Србија треба да доведат до политички решенија преку сеопфатен договор. – Дијалогот е пат кој отвора европска перспектива за Косово. Политичкиот договор меѓу двете земји е важен услов за перспективата на младите во Косово. Договорот на крај би требало да го реши косовското прашање бидејќи е незамисливо две земји што не се признаваат меѓусебно да станат дел од ЕУ. Двете страни мора да се приближат една до друга, порача тој.

По посетата на Скопје, германскиот канцелар заминува за Софија, на средби со бугарскиот државен врв.

Мали се шансите посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц да помрдне нешто во бугарско-македонскиот спор и да му го отвори патот на Скопје кон ЕУ, оценува „Франкфуртер алгемајне цајтунг", пренесува Дојче веле.

Разговорите во Софија требаше да бидат финалето и можеби дипломатскиот белег на посетата на Шолц на Балканот, имено како германски придонес во обидите да се смири, барем површно, „историскиот спор" што го предизвика Бугарија со Северна Македонија, оценува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг" по повод посетата на канцеларот Шолц во регионот.

Надежите се дека Македонија, со германска помош, на седницата на Европскиот совет на 23 јуни конечно ќе добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Досега тоа беше блокирано од Бугарија со вето. Но, сега се чини дека Шолц лета директно во владина криза, наведува натаму ФАЦ.

Во средата се распадна четирипартиската коалиција на бугарскиот премиер Кирил Петков, откако лидерот на „Има таков народ" на Слави Трифонов најави повлекување на своите министри од владата, меѓу кои и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска. Една од причините за заминувањето, според Трифонов, е и „националното предавство" кое го прави Петков во обид да го тргне ветото за Македонија.

„Трифонов ја застапува националистичката линија во Бугарија во однос на Северна Македонија. Според неа, врз основа на бугарско-македонскиот договор за пријателство од 2017 година, кој не само во Скопје се смета за изнудувачки, Македонците мора да признаат дека воопшто не постојат како народ и дека нивниот јазик потекнува од бугарскиот. Тоа не е наведено буквално така во договорот, но натаму одат барањата на Софија“, пишува ФАЦ.

Во 2018 во Скопје допатува канцеларката Ангела Меркел и индиректно го поддржа преименувањето. Грција потоа го отстрани ветото за трансатлантскиот пат на соседот. Но, наместо да следува награда во форма на почеток на преговорите за членство во ЕУ, веднаш настапи Бугарија со ново вето, потсетува ФАЦ.

Германскиот пратеник и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот од редовите на ЦДУ, Кнут Абрахам, во разговор за Дојче веле во четвртокот рече дека веродостојноста на процесот на проширување на ЕУ и мотивацијата на Западниот Балкан за такво нешто може да се вратат со почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Осврнувајќи се на претстојната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Скопје и Софија, во обид да издејствува решение за спорот меѓу двете земји и почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, Абрахам смета дека притисокот мора да се насочи кон Бугарија.

„Мораме да извршиме огромен притисок врз пријателите во Софија и да им укажеме дека билатералните прашања, како што е македонско-бугарскиот проблем, не смеат да го блокираат целиот процес на проширување на Западниот Балкан“, вели Абрахам.

ЕУ и Германија, според него, имаат механизми да ја натераат Бугарија да го тргне ветото.

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе