Скопје-Софија

Германија инсистира на меѓувладината конференција за Македонија, Бугарија на решение за историјата и јазикот

Германија повторно потенцира дека цел на германското претседателство со ЕУ е одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија до крајот на годинава и оти тоа е во интерес на сите вклучени страни. Бугарија пак, нема да ги промени позициите од Меморандумот донесен во нивниот Парламент и смета оти Преговарачката рамка, во формата во која е сега, не е прифатлива за Софија. За македонската страна, Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земји, оти тој документ е наша најголема заштита од неразумни натамошни барања и притисоци.

Германската амбасадорка Анке Холштајн вчера рече дека се оптимисти за одржување на првата меѓувладина конференција во рамки на германското претседателство.

„Одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е наша цел како германско претседателство во рамки на процесот на проширувањето и ние цврсто се придржуваме кон таа цел. Ќе направиме се што можеме за да овозможиме тоа да се случи. Во близок контакт сме со сите инволвирани. Се уште постои малку време. Во интерес е на сите  вклучени тоа да се случи. И ние сме оптимисти“, изјави Холштајн.

„Бугарија не може да ги промени своите позиции затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Влада. Тоа што се говори внатре во ЕУ е проблем на Унијата и тоа е проблем на Брисел, а не наш проблем тука“. Ова го изјави бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање дали Софија ќе ги промени позициите по однос на преговарачката рамка за Македонија содржани во објаснувачкиот меморандум во кој се оспоруваат меѓу другото македонскиот јазик и нација, а која вчера беше на дневен ред на КОРЕПЕР – Комиетот на постојани претставници во Брисел.

Запрашан дали е извесно бугарско вето за првата меѓувладина конференција до крајот на годинава доколку историчарите на двете земји во Мешовитата комисија не успеат да постигнат договор по отворените прашања, бугарскиот амбасадор го избегна прашањето, посочувајќи дека вчерашната средба била фокусирана на Берлинскиот процес.

„Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија ги има сите гаранции да се применува во добра волја и од двете страни. Нам целта не ни е да ја блокираме, туку напротив, во изминатите 30 години сме и помагале на Република Северна Македонија“, изјави во интервју за БГНЕС шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

„Договорот е од 2017 година и има гаранции да се спроведува во добра волја. За жал, нашата оценка е дека тоа не е така. И покрај многу шпекулации во медиумите, особено во Република Северна Македонија – ниту сме барале промена на Уставот, ниту имаме нови барања, ниту пак сме го оспорувале правото на самоопределување на секој граѓанин, вклучително и на граѓаните на Република Северна Македонија, ниту правото да го нарекуваат јазикот како што сакаат, вели Захариева, додавајќи дека „како што ние ја признаваме реалноста, така и тие треба да го признаат минатото и оти тука нема ништо сложено“. Захариева вели дека онлајн тимовите на министерствата за надворешни работи помеѓу двете земји се во постојана комуникација за решавање на преостанатите прашања.

Таа потсети дека на седницата на 10 ноември на Советот за заеднички работи треба да се одобри Преговарачката рамка, но тоа, според неа, не е конечен датум.

Во врска со рамката, Захариева оцени дека Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката во нејзината сегашна форма, во која е претставена. Имаме време, но тоа е многу малку, рече шефицата на бугарската дипломатија.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, пак, вчера го повтори ставот дека Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земји, прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих, при тоа треба да се има сензитивност за двете страни.

Османи имаше работен појадок со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов и германската амбасадорка Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач со Европската Унија, како дел од активностите во рамките на заедничкото ко-претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.

„Имаме рамка, која што е потпишана  во 2017 година и таа ги дефинира инструментите како да ги надминеме сите разлики коишто постојат. Мислам дека не треба да има  резерви во однос на тоа да се разговара со пријатели и со соседи за сите прашања коишто сметаме дека ги засегаат двете држави и двете општества“, рече Османи, додавајќи дека Договорот не прејудицира дека ќе се најде заедничко решение за секое прашање, но сепак пристапот е да се разговара за сите дилеми.

Тој вели дека со Бугарија се разговара на дневна основа во однос на сите несогласувања и напомена дека не сака да навлегува во детали за тие контакти, бидејќи треба да им се остави простор на работните групи да продолжат со разговорите.

Шефот на дипломатијата нагласи дека Договорот не претставува едностран акт, чија функција завршува со моментот на потпишувањето, туку рамка во која треба да се решаваат разликите.

„Тоа значи дека доколку во текот на имплементацијата имаме различни очекувања или различни погледи во однос на динамиката на имплементација, мислам дека треба да седнеме и во таа рамка да разговараме. Тоа е улогата на Договорот“, рече Османи, нагласувајќи оти Договорот не значи решение само по себе, туку можност за водење искрени разговори со соседите.

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе