Реакција

Генералот Ангелов до Пендаровски: Во Арачиново војнички победивме, изгубија политичарите

Ние, македонските бранители, војнички победивме во сите битки, победивме секаде каде што имавме наредба да војуваме. Изгубија политичарите, му реплицира генералот Стојанче Ангелов на претседателот Стево Пендаровски кој во интервју за Дојче веле изјави дека почетокот на акцијата за заземање на Арачиново бил неуспешен и дека неуспехот на акцијата бил очигледен.

Реакцијата на Ангелов на својот фејсбук профил ја пренесуваме во целост:

„Верувам дека ваквата изјава претседателот ја дал поради недоволна информираност за овој настан и дека во првиот момент кога двајцата ќе најдеме време ќе седнеме на по едно кафе и јас како непосреден учесник во нападот на Арачиново, како тогашен заменик командант на Тигрите кој предводеше дел од пешадискиот напад, ќе му ја раскажам мојата вистина за Арачиново, вистина зад која имам стотици сведоци од редовите на македонските  безбедносни сили.

Почитуван претседателе Пендаровски! Во битката за Арачиново, ние, припадниците на македонските безбедносни сили, бевме надмоќни во секој поглед. Бевме побројни, подобро организирани, подобро обучени, вклучително и една врвно обучена полициска единица (Тигри) и една врвно обучена армиска единица (Волци). Понатаму, ние, припадниците на македонските безбедносни сили, бевме и помотивирани бидејки злото ни стигна до прагот на главниот град. Бевме и неспоредливо подобро опремени и вооружени. Од вооружување ние имавме безмалку сѐ, а тие немаа речиси ништо, освен нивните стари пушки и митрлези, фрлачи на ракети и минофрлачи.

Во нападот на Арачиново македонската Армија за прв пат ги употребени борбените авиони „Сухој“ со нивните разорни ракети и митралези, по којзнае кој пат ги употреби и борбените хеликоптери МИ-24 и МИ-8 со нивните исто така моќни ракети и митралези. Тенкови, топови, хаубици, минофрлачи, митралези, рачни фрлачи на ракети, пушки и пиштоли! Авијација, артилерија, логистика и пешадија!

Со ваква огнена надмоќ едноставно, немавме причина да брзаме. Зошто брзајќи да губиме „жива сила“ кога можевме пополека, без брзање, да го освоиме и исчистиме  селото без многу загинати, ранети или повредени?

Претседателе Пендаровски! Без разлика на вашата перцепција која произлегува од вашата тогашна позиција советник за национална безбедност во кабинетот на тогашниот претседател, јас ве уверувам дека во 2001-та, ние, македонските бранители, војнички победивме во сите битки, победивме секаде каде што имавме наредба да војуваме. Изгубија политичарите. Но нивниот политички пораз е далеку од наш воен пораз. Нашата акција во Арачиново не само што не беше неуспешна туку беше победничка. Победничка бидејки нашиот непријател побегна. Побегна напуштајќи го боиштето тогаш кога сфати дека ќе биде целосно елиминиран. Мавтајќи со бели знамиња, молејќи за помош кај НАТО и меѓународната заедница.

20 години подоцна, на политичкиот пораз гледам малку поинаку, свесен дека тогаш на политичарите воопшто не им било лесно. Едноставно, додека ние со УЧК се боревме во прашината, државниот врв во удобниот хотел Белви бил под страшен притисок од меѓународната заедница и НАТО, да го прекине нападот и да потпише мировен договор.

Денес често се прашувам дали доколку нашето државно раководство не попуштило и не овозможило безбедно извлекување на опкружените припадници на УЧК од Арачиново, Македонија во 2001-та ќе завршеше како Србија во 1999-та? Особено ако се има во предвид дека додека траеле овие мачни преговори, нашите безбедносни служби јавиле дека од Јонско во Јадранско море впловува еден голем носач на авиони. Моја претпоставка е дека информацијата за овој носач го омекнал мислењето на целиот државен врв. Претпоставувам, не тврдам.

Како и да е, 20 години подоцна, тие кои тогаш им помагаа, денес ни помагаат на сите нас, кои живееме на ова единствено парче македонска земја на кое е формирана единствената македонска држава  Македонија, макар и со географската одредница Северна“.

Пред 5 години генералот Стојанче Ангелов случувањата во Арачиново во 2001 година ги опиша во неколку колумни за МКД.мк. 

Како го преживеав пеколот во Арачиново (1)

Мирисот на смртта (2)

Хоророт во шок-собата (3)

Девет лути рани (4)

 

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе