ФТ објави извештај на ЦИА за Македонија од 1971 година, ништо не се променило во односите со Бугарија

Угледниот британски весник „Фајненшел тајмс“ објави текст со наслов „ЕУ прави проблем со новите балкански планови за пропирување“ за почнувањето на преговорите на ЕУ со Македонија и Албанија. Објавен е и документ на ЦИА од 15 јануари 1971 година со наслов „Македонскиот синдром – хроничната криза во југословенско-бугарските односи“. ФТ вели дека ова е „еден од најнерешливите историски спорови во Југоисточна Европа“ и дека и покрај различниот геополитички контекст „тензиите околу македонскиот идентитет останале нерешени“. Извештајот на ЦИА покажува дека во Софија ништо не се променило од 1971 година до денес.

Објавуваме дел од она што разузнавачите на ЦИА го нарекле „Македонскиот синдром“ уште во 1971 година.

„Во последните четири години Југославија и Бугарија разменија бројни обвинувања за навидум опскурното историско прашање – етничкото и јазичното потекло на народот на југословенската република Македонија. Југословените тврдат дека целиот тој џагор, кога ќе се оддели од неговите академски претензии, го открива иредентизмот на дел од Бугарите.

За Софија, македонското прашање е меч со две сечила. Од една страна, тоа е експлоатирано за домашна бугарска употреба, овозможувајќи му на режимот да биде единствено слободно прибежиште за бугарскиот национализам, без страв од интервенција од Москва. Ниту Југословените не веруваат дека Софија, во сегашно време, има намера да ја преземе југословенска Македонија со сила. Од друга страна, еднакво јасно е дека бугарското лидерство ќе биде будно за секоја можност да се олабави односот на Белград околу Македонија во пост-Титовата ера и веќе подготви пат за цврсти барања околу нивните сопствени права во Македонија.

Југославија гледа на бугарското одбивање да ја признае одделната македонска нација како можна закана за југословенскиот територијален интегритет. Југословените станаа незадоволни во последно време откако заклучија дека Кремљ премолчено ги одобрува тврдењата на Софија дека Македонија е населена со Бугари. Во Белград беше забележано дека бугарскиот притисок во Македонија го достигна врвот кога тензиите станаа невообичаено високи меѓу Белград и Москва, откако Југославија го изрази своето противење на советската окупација на Чехословачка во 1968.

Бугарската нејасна закана да го освои регионот е внатрешен дел од проблемот за сукцесијата. Југословените, од кои повеќето би сакале да ја задржат заедно нивната федерација после Тито, ги држат очите отворени на можната политичка нестабилност и дезинтеграција што би можела да дојде откако ќе почине Тито, што Бугарија би можела да ја искористи.

...Партискиот и владиниот шеф Тодор Живков ја провоцираше сегашната криза во доцната 1967 во времето кога Белград и Москва беа во добри односи. Историски, македонското прашање секогаш имало свој сопствен живот, одразувајќи ги традиционалните балкански непријателства, бугарските и југословенските внатрешни потреби, како и доминатните ветришта на политичката арена во Источна Европа.

Па во 1967 и во почетокот на 1968 Бугарија презеде иницијатива во спорот, промовирајќи ги своите барања за Македонија. Во средината на 1968, поради проблемите во односите на Кремљ со Источна Европа, Советите станаа активни во судирот. Потоа, во доцната 1969, кога и Москва и Софија посакаа привремено намалување на интензитетот на спорот, опколената Југословија вербално го намали квантитетот кон двата противници, но оттогаш е под пропаганден напад. Така, идниот правец на македонскиот конфликт сега зависи од преференциите на Белград“.

Во извештајот на ЦИА се пренесуваат тврдењата на Софија дека Македонците се Бугари отсечени од својата татковина, се споменува Договорот од Сан Стефано од 1878 кој на „модерната бугарска држава ѝ даде државна контрола над македонските земји за прв пат“. Оттогаш и не престанале бугарските побарувања за оваа област, „иако од 1878 Софија ја имаше под контрола земјата вкупно само четири години“.  Тито лично се вклучил во Македонија во јануари 1943 и ги повикал Македонците во Југославија да се борат за својата независност и да го бараат својот национален идентитет преку самоопределување. Во извештајот на ЦИА се навраќа и на југословенско-бугарското помирување во 1947 кога обединувањето на македонскиот народ на долга патека можело и да се оствари.  За првпат на Македонците од југословенска Македонија, пишува во извештајот, им било дозволено да отворат училишта и книжарници во Пирин и македонски весници слободно да се продаваат во Бугарија. Дури ни прекинот на Тито со Сталин во 1948 не доведе до големо влошување на односите, ниту пак воскреснување на поранешните бугарски барања за Македонија, оценува ЦИА.

Таа мирна ситуација траела до доцните 1950-ти кога Бугарите почнаа повторно да се повикуваат на Сан Стефано.

„Ова вокализирање беше вообичаено ограничено во академските кругови во двете земји. Научните статии за Македонија беа разменувани од социјалните научници, кои дебатираа за вистинското културно и историско наследство на народот. Во правецот на разговорите на Тито и Живков во 1963 и 1965, како и дискусијата на Живков со шефот на македонските комунисти Црвенковски во 1967, беше заклучено дека ‘овие разлики’ не треба да бидат употребени како оправдување за полемика; туку повеќе дека ‘експертите треба да дискутираат за нив и да ја воспостават историската вистина за нив’.

Македонското прашање беше оживеано во кампањата која Живков ја покрена во 1965. Идејата беше да се развие етосот на патриотизмот и национален дух кај младината во тогаш емоционално стагнирачката земја. Спорот околу Македонија стана клучна точка во изградбата на националната гордост, која беше задушена од подреденоста на Бугарската комунистичка партија на Советскиот Сојуз. Беа објавени студии кои го ‘анализираа’ поранешниот однос на македонскиот народ кон Бугарија. Партијата го преоцени своето претходно стојалиште кон македонското прашање и заклучи дека презела некоректна и ‘не-ленинистичка позиција’ со откажувањето на бугарските побарувања за Македонија. Партијата тогаш резонираше дека ‘со таквата активност Бугарија го прифати странското владеење во областа која има доминантно бугарско население’. Шефот на Сојузот на бугарските писатели отиде уште подалеку есента 1966 кога го отфрли постоењето на посебен македонски јазик, заклучувајќи дека вистински тоа е варијанта на бугарскиот (изјава со која многу западни лингвисти би се согласиле).

...Од 1967 многу бугарски професори и политичари се ангажирани во превртувањето на книги и статии кои го поддржуваат ставот дека Македонија етнички, историски и духовно припаѓа на бугарската нација. Одамна заборавените иредентистички автори и нивните трудови беа ‘реоткриени’ и републикувани. Во јануари 1967 Софија го прослави роденденот на Гоце Делчев, починатиот македонски патриот, кој во таа пригода беше означен како ‘бугарски патриот’“.

Прашањето беше подигнато на ниво на официјалните билатерални односи на 29 јануари 1968 кога бугарскиот амбасадор во Белград беше советуван од југословенското Министерство за надворешни работи дека инсистирањето на Софија на македонското прашање ќе им „наштети“ на односите меѓу двете земји. Во февруари 1968 година на 90-годишнината од Сан Стефано Бугарите одржаа масовна церемонија во Софија, на која учесниците ламентираа за бугарската загуба на Македонија.

Во ноември 1968 Бугарската академија на науките, по партиска директива, издава памфлет во кој се тврди дека Македонија никогаш не постоела етнички, национално или лингвистички како нација одделена од Бугарија. Оваа публикација наведува дека сите Македонци, дури и тие во Југославија, во основа се Бугари. Таа го обвинува Белград дека притиска за интеграција на македонскиот народ со Југословените. Во неа се вели дека Бугарија ќе продолжи да бара ‘конструктивно решение’ за македонскиот проблем кој ќе ѝ овозможи на Македонија ‘слободно определување и изразување на националноста и нејзините национални чувства’ имплицирајќи дека, се разбира, тие ‘национални чувства’ се бугарски. Овој трактат беше радиоемитуван во Југославија, беше циркулиран во Источна Европа. Белград подоцна соопшти дека неколку лица во југословенската Македонија биле уапсени за дистрибуирање на овој ‘иредентистички памфлет’“.

Американската разузнавачка агенција го следи текот на настаните и влошувањето на односите меѓу двете земји. Бугарските лидери ја бојкотирале прославата на Денот на републиката во ноември во Софија, почнале да се слушаат гласини дека Варшавскиот пакт наскоро ќе одржи воени маневри во Бугарија близу границата со Југославија. Односите стануваат вирулентни особено по бугарското тврдење дека тие ја ослободиле Македонија во 1944, што Белград категорички го отфрли и на него гледаше како на ‘имплицитна закана’.

Потоа се одржуваат неколку состаноци на југословенски и бугарски политичари, како и на дипломати, за да се намали тензијата, но сите тие се претвораат во „фијаско“, наведува ЦИА. Откако Советскиот Сојуз доживеа општа осуда поради интервенцијата во Чехословачка во август 1968 година Москва сака да ги намали тензиите во кои е вклучена земја од нејзиниот блок, иако одредени кругови во Бугарија посакуваат да се примени „чехословачкиот модел“ и во Југославија. Бугарскиот прв заменик-премиер Живко Живков во јавна изјава рече дека неговата земја „нема никаков интерес за територијална експанзија“.

Подоцна Софија ја засилува својата антипатија кон системот на Тито, Југославија се обвинува за „ревизионизам“. А политиките и програмите на Тито се означени како „антисоветски“. Живков држи изразито анти-југословенски говор. Југословенските власти испраќаат и втора протестна нота на 12 февруари 1969 година во која ја обвнинуваат Бугарија за создавање „атмосфера на немир и тензии на Балканот“.

Еве што во извештајот на ЦИА пишува за понатамошните случувања:

„Вршителот на должноста југословенски министер за надворешни работи Мишо Павичевиќ одржа говор во Сојузното собрание во кој рече дека бугарската политика не може да биде ‘разбрана поинаку отколку како потхранување претензии спрема интегрални делови на Југославија’. Во март 1969 во македонскиот град Охрид 2.000 луѓе демонстрираа против бугарската ‘анти-југословенска кампања’. Во мај југословенскиот замник-министер за надворешни работи зборуваше за ‘балканска конфронтација’, обвинувајќи ги Бугарите за територијални претензии, вмешување во југословенските внатрешни работи и субверзивна пропаганда...

За Југословените не може да има унапредување на односите сѐ додека Софија официјално не го промени својот став за Македонија. Во почетокот на јули Белград провокативно ја тестираше бугарската ‘нова’ добра волја. Три нормално рутински документи за сороботка од 1971 до 1975, економски протокол, радио-ТВ протокол и договор за пограничен сообраќај – беа презентирани на македонски јазик за потпис на Софија. Бугарите со поцрвенети лица одбија да ги потпишат протоколите, по што југословенскиот печат скокна на тоа прашање, означувајќи го одбивањето како ‘оживување на големобугарските побарувања на суверената македонска територија’… Три пати во текот на 1970 бугарскиот премиер Тодор Живков барал средба со Тито лице в лице за да разговараат за главните точки во разликите, но кога претставниците на двете земји конечно се сретнаа на 9 и 10 ноември во Софија да ја подготват таквата средба резултатите беа катастрофални. Бугарите дојдоа на средбата определени да изградат фасада за договор дискутирајќи за неконтроверзни прашања. Но Југословените објавија дека Македонија е единственото главно прашање и наведоа дека тоа ќе биде јадрото на секои преговори. Партискиот секретар Велчев, шеф на бугарската делегација, извади документ од неговата чанта,  кој бил подготвен за таква евентуалност. Бугарите ќе признаеле дека ‘македонска држава’ се појавила по Втората светска војна, но тие ригидно инсистирале дека македонскиот народ во таа држава етнички и културно е бугарски и дека неговата територија не е завршно дефинирана. Велчев потоа изјавил дека иако сегашната бугарска влада е подготвена да го реши македонскиот проблем, тој не е сигурен дека следната генерација Бугари ќе има иста таква желба. Шефот на југословенската делагација одговорил дека оваа бугарска позиција ја негира позицијата востановена од бугарскиот херој Георги Димитров и Коминтерната. Потоа разговорите завршиле, а полемиките во југословенскиот печат остро се зголемија.

...Белград сега инсистира дека пред секое приближување Софија мора конкретно да го признае постоењето на македонската нација во Југославија, да демонстрира подготвеност за слободно изразување на македонскиот национален иднетитет во бугарскиот Пирин и јавно да ги отфрли своите позиции од 1967. Ако Живков е сериозен за подобрување на односите со Тито, тој ќе мора да го прифати првиот од овие три услови. Ако Тито сака соодветно да одговори тој ќе мора да се откаже од последните две барања“.

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе