Францускиот предлог во Собранието, власта очекува пратениците да размислуваат државнички

Францускиот предлог денеска ќе се најде пред пратениците во Собранието, откако на претходната пленарна седница ќе се обрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во присуство и на дипломатскиот кор.

По завршување на таа седница, Собранието ќе ја одржи и 81-та пленарна седница, на која пратениците ќе расправаат за Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Француското претседателството со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, по што ќе треба да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе ѝ бидат испорачани на Владата.

Во врска со очекувањата од денешната седница во Собранието, на чиј дневен ред е францускиот предлог, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА вчера изјави дека од пратениците очекува да размислуваат државнички, како претставници на народот, а не само на партиите.

„За одлуката во Собранието, очекувам плодна и суштинска дискусија, очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата, која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите, кои, како што рече, нам како држава ни се најважни во целиот овој процес.

„Во оваа насока, СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите“, нагласи Ковачевски.

На прашањето зошто воопшто вакви заклучоци, доколку тие немаат влијание врз предлогот, Ковачевски вели дека заклучоците кои ќе се донесат практично ќе ја задолжат Владата во процесот на преговори да води исклучителна грижа за нашите црвени линии, односно да се обврзе на заштита на националниот идентитет и сите наши специфичности да бидат зачувани и заштитени.

„Македонскиот јазик е чист во европскиот предлог, чист. Нема никакви фусноти, дополнувања, астерикси итн. Чист македонски јазик, директно во преговарачката рамка. Унилатералните изјави, се забелешки со кои бугарската страна изјавува нешто и ние изјавуваме нешто друго. И тука се затвора таа приказна. Правно-формално, тие едностраните изјави немаат никакво влијание врз процесот. Со таа унилатерална изјава, бугарската страна, дава забелешка дека таа и само таа и ниту една друга земја членка, има поинакво мислење од она кое e наведено во официјалниот документ на Европската Унија. И тоа стои како информација, која нема никакво влијание ниту на јазикот, ниту на процесот, ниту на која било точка од преговорите понатаму“, вели Ковачевски.

Според него, откако Македонија ќе стане полноправна членка македонските граѓани ќе можат да се обратат до институциите на ЕУ на македонски јазик, а институциите ќе бидат должни да им одговорат, исто така, на македонски.

Претходно, пораки со поддршка беа упатени и од високи претставници на ЕУ и САД за прифаќање на францускиот предлог, меѓу кои и од германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, додека некои беа и во Скопје, како претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

Холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп, вчера во Скопје изјави дека за Европа е добро Македонија да биде членка на ЕУ.

„Интересите на Холандија во Северна Македонија се многу едноставни. Сакаме просперитет и стабилност и затоа не гледаме алтернатива за Северна Македонија освен ЕУ и НАТО. Треба да бидете во НАТО и треба да бидете во ЕУ. Тоа е добро за Северна Македонија, тоа е добро за Холандија и тоа е добро за Европа“, изјави Јан Коп.

Влегувањето во ЕУ, посочи Јан Коп, е процес базиран на заслуги, но не се работи само за едноставно заокружување на она што е постигнато, туку и да се дејствува и да се спроведуваат реформи. Чувство за оптимизам, според него, треба да биде тоа што Македонија може да напредува многу брзо во многу поглавја од преговорите.

„Само еден пример. Кога преговорите ќе дојдат до поглавјето за тарифи и царина, земјата ќе ги помине речиси веднаш. Побрзо од очекуваното и има многу области во преговорите со ЕУ каде Северна Македонија е најдобриот ученик, споредено со останатите земји од Западен Балкан и тоа треба да биде извор на оптимизам, а не Бугарија“, изјави Јан Коп.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак вчера со порака дека неговата партија нема да гласа за измена на Уставот.

„Најодговорно Ви тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените на Уставот, а нема да гласаат мислам ниту пратениците од СДСМ откако ќе го видат Протоколот кој што ќе го потпише Бујар Османи“, изјави Мицкоски на почетокот на вчерашниот протестен марш под мотото „Ултиматум, не благодарам“.

„Продолжуваме онаму каде што застанавме. Рековме дека сето она што ќе се случува деновите кои што се пред нас во Парламентот преставува обична фарса, суштината е во оваа зграда овдека. А, суштината е дека тие што се во оваа зграда овде веќе се согласиле на тоа кое што го нарекуваат модифициран последен предлог, а во суштина е ништо повеќе отколку директен удар врз македонскиот идентитет. Тоа се луѓето кои што ќе останат запаметени во македонската историја како луѓе кои го распродаваа идентитетот македонски за да ги зачуваат своите фотелји уште неколку месеци“, рече меѓу другото Мицкоски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вчера изјави дека Владата е единствениот орган што може да ја одбие или прифати преговарачката рамка.

„За преговарачката рамка, според Уставот, надлежен орган којшто ја прифаќа или одбива е Владата, но Владата е уплашена од револтот на граѓаните и се обидува преку Собранието да амортизира и пратениците на владејачката коалиција да ги користи како алиби, како бројка за наводно прифаќање на францускиот предлог за којшто Парламентот нема надлежност“, изјави Милошоски.

Според него, сега расправата е сведена на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, а информација, според Деловникот, е најнискиот ранг на расправа во Собранието.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера рече дека МВР ќе ги преземе сите мерки за безбедност на пратениците и на законодавниот дом, посочувајќи дека се собираат потребните податоци и информации, како што потенцираше, во однос на можните случувања коишто би биле во текот на одржувањето на седницата

„Секако дека протести, јавно изразување на својот став, мислење итн., е демократска вредност, демократско право, меѓутоа тоа мора да биде и на демократски начин. Демократијата не подразбира анархично однесување, напротив демократијата подразбира однесување во рамките на законот“, изјави Спасовски.

 

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе