Францускиот предлог стигна во законодавниот дом, нема закажано седници на работната група и на Собранието

Предлог-преговарачката рамка за Македонија со Европската Унија, а која ја претстави Француското претседателство со Унијата е проследена во законодавниот дом на разгледување и носење натамошни заклучоци согласно со процедурите. Одлуката за тоа ја донесе Владата вчера на седница, откако ја разгледа Информацијата од Министерството за надворешни работи за предлогот, што стаса во Собранието, но седница се уште не е закажана. Не е закажана и втора средба на работната група на парламентарните партии за францускиот предлог.

Во пакетот документи за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ испратени до пратениците и натаму го нема протоколот.

„Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ без натамошно одлагање претставува еден од клучните исчекори во односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, за реализирање на стратешката цел за полноправно членство во ЕУ“, порача Владата во Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, предложена од претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година.

Во Информацијата е наведено дека предлог преговарачката рамка е подготвена согласно со член 49 од Договорот за Европската унија и сите релевантни заклучоци на Советот на ЕУ, особено оние од 25 март 2020 година со кои беше усвоена зајакната методологија за проширување и донесена одлука за почеток на преговорите за пристапување со Република Северна Македонија.

Со заклучоците од 25 март 2020 година, стои во Информацијата, се поздравува демонстрираната решеност на Северна Македонија за унапредување на реформската агенда поврзана со пристапниот процес, постигнатите конкретни и одржливи резултати и исполнетите услови од страна на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори. Рамката се осврнува на потребата од ефикасно исполнување на стандардите и критериумите за членство кои произлегуваат од копенхашките критеруми и процесот за стабилизација и асоцијација, а чие исполнување води кон стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човековите права и почитување и заштита на малцинството, функционална пазарна економија – способна да се справи со конкуренцијата и пазарните сили во ЕУ, способност да се прифатат и ефикасно да се спроведат обврските од членството, вклучително и придржување кон целите на политичката економска и монетарна унија, како продуктивна регионална соработка и  добрососедски односи.

Работната група на политичките партии за францускиот предлог не се договори за нова средба, по онаа од пред два дена на која ниту еден од партиските претставници не отстапи од своите ставови.

Пратеникот Антонијо Милошоски, кој е претставник од ВМРО-ДПМНЕ вчера за МИА потврди дека нема договор за нова средба и наведе дека за нив смисла за нова средба би имало кога Владата, односно државата би упатила аргументирани забелешки за францускиот предлог.

„Доколку ДУИ и СДСМ прифатат да упатиме сите заедно како Влада, Собрание и држава аргументирани забелешки за корекции на францускиот предлог, тогаш следна средба би имала смисла“, изјави Милошоски.

Информации од СДСМ и ДУИ во врска со продолжување на работата на работните групи засега нема.

Во состав на оваа група се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонијо Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.

По првата средба, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски изјави оти до сите пратенички групи испратиле нивни предлог-заклучоци, кои би требало да бидат усвоени во однос на информацијата што Владата треба да ја прати до Собранието.

Пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, исто по нивната прва средба, ги соопшти веќе познатите ставови на опозициската партија.

Арбер Адеми од ДУИ по средбата изјави дека суштината е оти македонскиот јазик ќе стане дел до официјалните јазици на Европската Унија и тоа е кристално јасно во преговарачката рамка.

Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, пак, се заложи за усвојување на заклучоци по предлогот со широка поддршка во Собранието. „Заклучоците треба да ја обврзат Владата да направи обид она што е содржано во нив да го вгради во преговарачката рамка и во другите документи, а доколку не успее тоа би значело дека не може да даде согласност за предлогот“, рече Трајанов.

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе