Денеска на барање на министерот за здравство Венко Филипче, се одржа состанок со претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиуми на Македонија (СЕММ), а по повод вчерашната реакција на ЗНМ и ССНМ во врска со попречувањето на работата на новинарите во кругот на ГОБ „8-ми Септември" во Скопје.
На состанокот министерот Филипче укажа дека не постои одлука од страна на Министерството за здравство да се попречува работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите во ниедна здравствена јавна установа, информираат новинарските здруженија преку соопштение.
Во оваа насока Министерот додаде: „инцидентот кој се случил во изминатите денови во ,8 Септември', кога не им беше дозволено на група на новинари да известуваат од пред влезот и паркингот на оваа болница, е изолиран и за истиот се преземаат мерки да се расчисти и да се преземе одговорност од страна на лицата кои директно ја попречиле работата на новинарските екипи", се вели во соопштението.