ИСТРАЖУВАЊЕ

Анкета на ИДСЦС: ЕУ сѐ понепопуларна поради името, Русија е подобар сојузник од САД

Околу четвртина од граѓаните (26,2%) сметаат дека ЕУ би била најдобриот странски сојузник на Македонија, 25% од населението сметаат дека тоа би била Русија, додека за 17,5% од граѓаните, САД  е претпочитан сојузник, покажуваат податоците од анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ.

Оваа анализа ја прави професорот Иван Дамјановски во рамки на соработката на фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Оваа анализа покажува  повеќегодишен опаѓачки тренд на поддршка за членство во ЕУ. Овој тренд продолжува и во 2016 година. Сепак, поддршката на членството на Македонија во ЕУ е сѐ уште исклучителна висока -  77%, посебно доколку се има во предвид долгата стагнација во пристапниот процес.

 Последната анкета спроведена во ноември 2016 година укажува дека во последните две години воочлив е раст на незадоволството со напредокот на Македонија во пристапниот процес, како и значителен раст на незадоволството од домашниот реформски капацитет и ангажман.

„Поддршката за членство на Македонија во ЕУ не се заснова на очекувања за лични материјални придобивки од пристапниот процес, туку на антиципација на идните општествени економски придобивки од членството во ЕУ. Падот на поддршката за членство во ЕУ не е манифестација на растечки евроскептицизам кој произлегува од чувство на културолошка закана или загрозување на националниот суверенитет. Клучен фактор на постепениот пад на поддршката за членство во ЕУ се идентитетските импликации кои произлегуваат од спорот со Грција околу името“, вели Дамјановски.

 Доколку се изземе спорот за името како пречка во пристапниот процес, поддршката за членство во ЕУ се ближи кон прагот од 90%. Постои значителен диспаритет во поддршката за членството во ЕУ помеѓу етничките Македонци и Албанци кога тоа е условено со промена на името на државата, меѓутоа овој јаз е намален во последните две години.

Наодите од анализата „Кредибилитетот на Европската Унија во Македонија е доведен во прашање“ изработена од Зоран Нечев и Христијан Петрушев од ИДСЦС укажуваат дека најголемиот процент на испитаници (44,3%) не се задоволни од напорите кои ЕУ ги презема во улога на медијатор во политичката криза во Македонија. Според истражувањето, мнозинството од испитаниците (58.5%) воопшто не се запознаени со извештајот на Прибе.

„Мнозинството граѓани сметаат дека процесот на пристапување во ЕУ ќе има позитивен придонес кон зајакнувањето на владеењето на правото во Македонија, но истовремено очигледно е високо нивото на непознавање на тоа како би се постигнала оваа цел. Повисоката инклинација на испитаниците кон незадоволство од вложените напори на ЕУ во улога на медијатор во политичката криза во Македонија, нема посериозен негативен ефект врз општата јавна поддршка за процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ“, вели Нечев.

Постои значителна разлика помеѓу двете најголеми етнички групи во Македонија во однос на нивните перцепции за најдобар/најпретпочитуван надворешен сојузник на Македонија. Највисокиот процент на етничките Албанци ја поддржуваат ЕУ и САД, соодветно со 32,2% и 28,3%, додека најголем дел од етничките Македонци (29,9%) сметаат дека Русија би била најдобриот сојузник за Македонија.

Заедничко за двете најголеми етнички групи во Македонија е високата поддршка за членство во ЕУ.

Објавено

Петок, Февруари 17, 2017 - 17:07

Коментари

Спортските објекти што се изградени со буџетски пари не смеат да бидат извор за заработувачка што ќе заврши во приватни џебови, ниту пак инструмент за манипулација на граѓаните и ширење на клиентелизмот.

повеќе

Политичките кризи, регионалните тензии и влошувањето на демократијата покажуваат дека постои зголемен ризик од конфликт и нестабилност на Балканот.

повеќе

Колумната е објавена на 25 септември 2010 година во весникот „Време“.

повеќе