„Спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за Фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ. Применливите закони ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. Ова прашање треба да го решат надлежните органи“, ни изјавија од Делегацијата на Унијата.
Русковска ги повика сите надлежни институции во земјава, но и меѓународните институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Делегацијата на ЕУ „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“.
Во писмената реакција по завчерашниот брифинг на директорот на Управата на финансиската полиција, Муареми, на кој тој најави дека ќе поднесе кривична пријава против неа и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, Русковска нагласи дека е згрозувачки притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешањето во предмет на Обвинителството, што е стриктно забрането согласно Законот за јавно обвинителство.
Во одговор на повикот на Русковска вчера Амбасадата на САД во изјава за Телма оцени дека станува збор за тековен процес и е прашање што треба да го решат надлежните органи во државата.