Ескобар во Скопје на средби со Пендаровски, Заев и Османи за заедничките приоритети за регионот

Заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска ќе престојува во официјална посета на Македонија. Ескобар во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Предвидено е Ескобар и Османи, по средбата во МНР, да имаат и заедничка прес-конференција.

Посетата вчера ја најави и Амбасадата на САД во Скопје, која на својата фејсбук-страница објави дека „Ескобар ќе се сретне со претседателот Пендаровски и со други клучни функционери да разговараат за повеќе теми и заеднички приоритети за регионот“.

Се очекува на средбите во Скопје да стане збор за актуелните политички случувања во земјава и во регионот, како и за евроинтеграцијата и бугарската блокада на Македонија.

Ескобар неодамна во обраќањето пред Комитетот на Претставничкиот дом за надворешна политика на САД се заложи Македонија и Албанија да ги започнат преговорите со ЕУ пред крајот на годинава.

„Најсилната порака што ЕУ сега може да ја испрати е да започне преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија пред крајот на оваа календарска година. Со тоа ќе се отфрли разочараноста на населението во регионот од европските политики и ќе се запре злонамерното влијание на Русија и Кина кои работат против проширувањето на ЕУ во Западен Балкан“, рече Ескобар.

Тој укажа и дека Скопје и Тирана ја завршиле тешката работа што од нив се барала и оти процесот треба да започне без одложување, посочувајќи на заедничката изјава на државниот секретар Ентони Блинкен и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел дека евроинтеграцијата е единствена надеж за регионот.

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе