РЕФОРМИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО (2)

Екстерно тестирање - учениците одговараат која е поентата на барокот, но никој не им кажува која е поентата на тестирањето

На сите им е јасно дека учениците препишуваат за време на спроведувањето на екстерното тестирање. На сите им е јасно и дека наставниците поткажуваат за да се спасат од казнување. На сите им е јасно дека со ова само се создава медиокритетна база во оценувањето. А на Министерството за образование „ич не му чуе“ за ова!

Долго ветуваните измени во екстерното тестирање се само козметички?!

Измените и дополнувањата на Законот за основно образование и Законот за средно образование беа утврдени на комисиска расправа во Собранието на Република Македонија.

Екстерното тестирање наместо од четврто ќе почнува од шесто одделение, а резултатите од тестирањето ќе бидат како додаток на свидетелството, наместо во рамките на свидетелството. Ова се двете поважни измени и дополнувања на законите за основно и за средно образование, кои веќе важат.

Од МОН објаснуваат дека иако нема да влијаат на просекот, бодовите од екстерното тестирање ќе имаат значење при уписот на учениците во средните училишта. Ако двајца ученици имаат идентичен успех, предност ќе има ученикот што бил подобар на екстерното тестирање.

Една од поважните измени на процесот на екстерно тестирање е воведувањето додаток во свидетелството во којшто ќе се наоѓаат резултатите од екстерното тестирање, а не како што беше до сега, каде што резултатите од екстерното тестирање беа во рамките на свидетелството.

Од Средношколскиот пленум велат дека немаат никакво мислење за усвоените измени на Владата за екстерното тестирање, бидејќи тие измени не носат никакви суштински промени. „Владата ги носи овие измени само за да привлече внимание. Ние сметаме дека треба да има тестирање за учениците, но не на ваков начин како што се спроведува сега“, велат од Средношколски пленум.

„Дури колешките споделуваат проблеми и од државната матура. А се очекува барем да има некаква промена покрај сите укажувања од сите професори, од сите инволвирани во процесот... Од самиот процес на техничката изведба, а камоли да речеме во однос на тоа како се подготвени прашањата. Нема промена. Со еден збор – небулоза“, вели професорката Жаклина Прекиќ, дел од Наставнички пленум.

Тие бараат укинување на екстерното, кое, како што велат, скрои многу судбини, особено на оние ученици што поради единиците што завршија во свидетелствата и пониските оценки добиени на екстерниот тест не успеале да го продолжат своето образование. И за дел од професорите екстерното тестирање е лошо осмислен начин на проверување на знаењата на учениците со импликации врз нивниот успех.

„Секој може да истражи и да се увери дека во ниту еден образовен систем во Европа и светот не се врши екстерно тестирање на учениците секоја година од трето одделение до четврта година средно образование. Само и единствено кај нас”, реагираат членови на Наставничкиот пленум. Велат реформата фрла сенка врз работата и вложениот труд на наставниот кадар во текот на целата година.

Од усвоените измени во законите за основно и за средно образование, не се задоволни ни од Унијата на учениците и Сојузот на наставници – Албанци. Од таму велат дека промената што предвидува оценката за екстерното тестирање да не се впишува во свидетелство, туку на посебен лист е несериозна и е нов експеримент со учениците. Од унијата бараат целосно укинување на екстерното тестирање.

Македонија VS други земји

Екстерната евалуација е присутна во голем број држави и бројот на земјите што се одлучуваат да воведуваат ваков инструмент постојано е во подем. Пионери во неговото успешно спроведување и воедно инспирација за земјите што подоцна го воведуваат се САД, Австралија, Велика Британија, Финска и Австрија.

Финска е прворангирана на сите релевантни меѓународни тестирања. Пристапот кон образованието во Финска е сосема поинаков од реформскиот курс што се спроведува во Македонија и во други земји од регионот. Во Финска не постои формално и унифицирано екстерно тестирање за сите ученици, тука тестирањето се спроведува на различен примерок на ученици, а целта е да се утврди функционирањето на образовниот систем во целина, додека одговорноста за оценувањето на знаењето на учениците е на наставникот.

„Во Словенија пак екстерно тестирање на ученици се организира двапати, и тоа на крајот на вториот циклус од основното образование, и е на доброволна основа. На крајот на третиот циклус од основното образование евалуацијата е задолжителна за сите ученици. Во оваа земја резултатите од тестирањата се од информативна природа и вредност за наставниците и тие немаат никаков удел во формирањето на крајната оценка на ученикот. Во Германија, на пример, овој систем е целосно исфрлен. Она што мора да се нагласи е дека само кај нас концептот на екстерното тестирање е со ваков ендемски вид, уникатен по сите основи, бидејќи никаде во светот не е замислен во ваква форма и се користи исклучиво за детекција на она што не чини во образовниот систем“, изјави професорката Ставревска.


Екстерното оценување може да доведе до отказ на наставници

Според истражувањето на ЦУП, резултатите од екстерното тестирање првенствено се насочени кон наставниците, односно служат за наградување или казнување на наставниците. Имено, според законската рамка со која се регулира средното образование, врз основа на резултатите од екстерното тестирање, со проверување на знаењата на учениците се утврдува кариерниот напредок во повисоко звање на наставникот и соработничкиот кадар во училиштата, како и висината на нивната плата, иако до сега примената на овие одредби неколкупати се одложува.

Оценувањето на наставниците се врши со споредување на резултатите на екстерното проверување на постигнувањата на ученикот со годишната оценка на ученикот по соодветниот предмет за што Државниот испитен центар (ДИЦ) подготвува збирен извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување. Со помош на посебна методологија, се утврдуваат отстапките меѓу оценките добиени од наставниците и тие од екстерното проверување и зависно од тоа колкави се отстапките предвидени се санкции (за поголемите отстапки), односно награди за наставниците чии оценки не отстапуваат со тие од екстерното оценување.

„Ова значи, на секој наставник му се собира збирното отстапување, а ДИЦ подготвува ранг-листа за отстапувањето на сите наставници во државата. Врз основа на таа листа, на 20% од наставниците кај кои има најмали отстапувања, им се зголемува платата за наредната година за 15%, а оние 20% од наставниците каде што има најголеми отстапувања (од по две оцени) ќе бидат казнети со намалување на платата за наредната година од 15 отсто и им се предвидува обезбедување соодветна стручна помош од Бирото за развој на образование“, објаснува професорката Ставревска.

Ако наставникот три години едно по друго влезе во групата на 20% од наставниците со најмали отстапувања, тогаш се предвидува унапредување во првото наредно звање, но обратниот случај би довел до прекин на работниот однос.

Според наставниците, силната поврзаност на наградувањето или казнувањето на наставниците со постигнатите резултати од екстерното оценување има потенцијално влијание врз нивното однесување, односно ги поттикнува наставниците нивните предавања да ги приспособат на прашањата од тестот односно целата настава да ја насочат кон тоа што ќе се проверува на тестот (учење од тестот). Од друга страна, кај учениците можна е тенденција на „учење/меморирање на одговори од прашањата“.

Наставниците и учениците со „финти“ против реформата

Според резултатите од истражувањето на ЦУП, речиси 40% од испитаниците кај учениците сметаат дека наставниците немаат утврдено конечна оценка пред полагањето на екстерниот тест, што создава простор за дополнително „приспособување“ на оценките во зависност од добиената екстерна оценка. Сепак, ваквата констатација ја потврдиле само 14% од испитаниците помеѓу наставниците. Истовремено, овој податок отвора дилеми и околу функционалноста на системот е-дневник, што несомнено влијае и врз ставовите (и однесувањето) на наставниците во врска со препишувањето, како и помошта и поткажувањето на учениците при спроведувањето на екстерното тестирање (дискутирани претходно), известуваат од ЦУП.

Наставниците, пак, велат дека одамна сфатиле колку е нефункционална оваа реформа, но и дека нивното мислење и глас не допира до никого, па за да се спасат, си ги зеле работите во свои раце.

„Секој наставник си знае колку ученици го полагаат неговиот предмет, влегува во училница и им помага на учениците да напишат онолку колку што им е и оценката што им ја пишал. Децата не почнуваат да го решаваат тестот без амин од наставникот“, вели професорката Виолета Ставревска.

Психологот Трпковска, пак, вели дека е општо познато дека наставниците и учениците бараат решенија да ја изиграат понудената реформа.

„Имаше дечиња што беа истрауматизирани и не можеа ни да ги прочитаат прашањата. Подобрување е тоа што отсега ќе полагаат децата од шесто одделение. На тестирањето и наставниците се внатре и им помагаат на децата да ја добијат истата оценка, за никој да не биде губитник - ни ученикот, ниту пак наставникот“, вели таа.

Наставничката Штејрова објаснува дека помеѓу светот на наставниците и професорите воопшто не е тајна дека и тие влегуваат во училниците и шепкаат и стануваат дел од препишувањето.

„Кога наставниците согледаа дека надлежните не ги прифаќаат сугестиите, се научија на линија на помал отпор. Се научивме на малверзации да си го штитиме грбот и да шепотиме“, вели Штерjова.

Сите признаваат дека учениците препишуваат при спроведувањето на екстерното тестирање и дека наставниците поткажуваат при спроведувањето на екстерното тестирање. А ова значи дека со спроведувањето на оваа мерка се создава „медиокритетна“ база во оценувањето од страна на наставниците, односно ефект на средни оценки.


Досега се потрошени 2,3 милиони евра за воведување на екстерното тестирање

Според анализата на трошоците, а врз основа на објавените податоци во Буџетот на Република Македонија за периодот 2011-2016, како и вкупниот износ на бруто-платите исплатени на вработените во јавната администрација што дел од работното време му посветуваат на екстерното тестирање, за екстерното тестирање се потрошиле 2,3 милиони евра.

Извештајот на Светската банка од 2015 година посочува дека образованието во нашата земја се влошува и покрај тоа што се зголемува обемот на средствата што се трошат за него. Во 2013 година ние сме први во регионот по инвестиции во образованието, а имаме резултати што се под просекот во регионот.

Според истражување на МОФ, 76 отсто од средношколците не мислат дека реформите произведуваат квалитетно образование. Половина од испитаниците сметаат дека образованието не создава активни луѓе способни за критичко размислување, а содржините на учебниците ги оценуваат како кочница за создавање активно граѓанство.

Стоп за лошите реформи

Против реформите во образованието протестираа учениците, професорите и наставниците. Во целиот тек на учебната 2014 година образованието се соочи со средношколски протести од помали и поголеми размери, кои во најголем дел се однесуваа на екстерното оценување и полагањето матурски испит.

Во ноември и во декември 2014 година се случија трите масовни студентски протести против најавата за воведување екстерно тестирање на универзитетите. Протестите, на кои само во Скопје на улица излегоа повеќе од 10.000 студенти, во февруари лани беа проследени и со „окупација“ на УКИМ од Студентскиот пленум и со прогласување автономна зона на Универзитетот.

Екстерното не се воведе и студентите ја постигнаа својата цел, а овие настани имаа длабок одек во текот на 2015 година, кога по примерот на Студентскиот пленум се формираа и Професорскиот, Средношколскиот, Наставничкиот и Граѓанскиот пленум.

Професорскиот пленум испрати писма до европските комесари Тибор Наврачич, европски комесар за образование и култура, и до Јоханес Хан и Аиво Орав, тогашниот шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија. Во писмото тие ги посочија нетранспарентноста и недемократското усвојување на предлог-законите од областа на образованието, без притоа да биде вклучена пошироката академска заедница, ниту, пак, да биде спроведена соодветна јавна дебата.

Од Средношколскиот пленум протестираа масовно. Почна на 6 април 2015 година, а на 27 април тие поставија кампови пред Министерството за образование. Средношколците минаа три недели под отворено небо и собраа повеќе од 15.000 потписи од граѓани во знак на поддршка. Протестот заврши со делумно задоволување на барањата на средношколците по однос на матурскиот испит, но не и со вистинска разврска во однос на барањата за екстерното оценување.

„Праќавме јавни пораки до тогашниот министер за образование Адеми. За тие три недели никој не нѐ ислуша, не ги прими нашите барања или предлози, не креваа телефон и бегаа од нас и покрај тогашните ветувања за заедничка средба“, рече Ана Стојкова, тогашна средношколка што присуствуваше на протестите. Имавме масовни маршеви, се сеќава Ана, а ни се придружија и Студентскиот пленум и наставници и ученици од сите градови и сите бевме со една парола и заедничка цел.

Но не успеаја да го спречат екстерното во средното образование или пак посуштински да го променат.

Од Наставнички пленум потенцираа дека веќе е направена петиција на ниво на сите наставници од Македонија. Таа петиција ја додале на претставката до Уставен суд, но од лани во септември сѐ е заглавено во нечија фиока. Од Уставниот суд кон крајот на 2016-та ја отфрлија иницијативата со која се оспоруваа неколку одредби од Законот за средно што се однесуваат на екстерното тестирање.

„Иницијативата беше поднесена од група професори од битолско средно училиште во 2013 година. Оттогаш законот претрпел неколку измени, па иницијативата е отфрлена бидејќи одредбите за кои е поднесена веќе се неважечки, односно не постојат во правниот поредок“, велат од Уставниот суд.

Кое е решението што го нудат учениците, професорите, наставниците

„Имајќи ја предвид поврзаноста на основното со средното и средното со високото образование, особено во делот на уписните политики, во време кога се подготвува нов закон за високо образование, постои историска шанса да се направи длабока анализа на воспитно-образовниот процес. Дури тогаш може да се пријде кон осмислување на нови стратегии за јакнење на образовниот систем“, смета професорката

Според професорот Душко Стојановски, екстерното треба да добие нов модел во кој нема да преовладува стравот. Тој изјави дека според него и Наставничкиот пленум, најдобри се примерите на тестирањето во Данска и Словенија да се преточат за македонското општество.

„Во почеток ние не баравме да се укине тестирањето, туку до МОН доставивме предлози преку кои екстерното ќе добие нов модел.“

И од Младинскиот образовен форум се со слични идеи за решенија. Од таму велат дека нивниот предлог било воведување на пилот-проект сѐ додека не се „уловат“ повеќето недостатоци. „Имплементацијата според која тоа ќе влијае врз просек или казни или просек во однос на продолжување на образованието требаше да биде воведена по пилот-проектот. Така, велат од МОФ, ќе се избегнеа сите експерименти и промени на кои директен сведок се генерациите од последните 5 години.

И додека едните се спротивставуваат и бараат посуштински промени, дебати и прифаќање на критики и предлози или укинување на тестирањето, другите си воведуваат свои промени колку да ги намалат притисоците од јавноста и без ниту една суштинска анализа во изминатите 5 години цврсто се држат до реформата.

На крај остануваат само учениците. Тие пет генерации што се директен сведок на сите овие различни образовни реформски промени, кои за жал различно се одразуваат. Тие за неколку дена ќе седнат во училишните клупи и одново ќе одговараат на уште едни прашања за античкиот јазик на Македонците и за чаевите на баба Рада, одново ќе го бараат најкраткиот пат од Скопје до Кратово и должините на реките, и можеби овој пат ќе одговорат „во која земја во Европа за првпат се појавил и која е поентата на барокот“.

Но за поентата на екстерното тестирање учениците и годинава ќе останат без одговори.

 АДП: Одржливи, а не ад хок-проекти како екстерното

Истражувањето во врска со екстерното тестирање укажува на систематски недоследности на образовниот процес во Република Македонија, и тоа во најголема мера се должи на недоволното и неадекватно истражување и анализа на сеопфатната состојба во образованието (но и занемарувањето на реалната состојба од надлежните институции). И литературата и практиката наведуваат дека ова е неопходен чекор пред какво било разгледување и предложување на реформи и подготвување соодветни законски решенија, велат од Здружението за развој и креирање политики (АДП).

„Клучно е да се идентификува долгорочната цел што треба да се постигне и потоа да се креираат политики и да се наоѓаат инструменти за нивна имплементација. Во случајот со екстерното тестирање, цел на програмата, според МОН, е „проверка на објективноста на оценувањето на наставниците и проверка на степенот на постигнувањата на учениците". Но очигледно е дека таа цел не е постигната со оваа програма и таа продолжува да дава необјективни заклучоци.

Подобрувањето на квалитетот на образованието, со одржливи решенија, а не со ад хок-проекти од типот на екстерното тестирање, треба да биде приоритет на надлежните државни институции кои ја имаат обврската да се грижат за образовниот процес. При воспоставувањето на оваа програма, од страна на надлежните институции, не биле земени предвид сите релевантни фактори за нејзина успешна реализација и во моментот е создадена уште една неефикасна програма во образованието, која согласно со законските одредби мора да се имплементира, иако резултатите од истата во најголем дел се нереални и неверодостојни. Најдобрите образовни системи во светот ја поттикнуваат креативноста и критичното размислување кај учениците, а не контролата и казнувањето.

За успешни долгорочни реформи, надлежните институции треба да ангажираат признати експерти (домашни и од странство), кои ќе направат севкупна анализа на состојбата во образованието и ќе предложат соодветни препораки за нормализација на образовниот процес. Потоа, надлежните органи постепено ќе треба да ги постигнат предусловите за реформи, кои ќе придонесат македонските ученици да не застануваат во однос на своите врсници од регионот и пошироко".

АДП смета дека во моменталната форма екстерното тестирање не придонесува кон подобрување на образованието и затоа треба да се укине. Сите потенцијални вреднувања на образованието може да се базираат на податоци добиени од меѓународно признаени, кредибилни програми за евалуација, како на пример ПИСА, велат од Здружението за развој и креирање политики.


Марија Хаџи Стојанова

Фото: Роберт Атанасовски

 (Прв дел)

Објавено

Петок, Јануари 20, 2017 - 11:27

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе