Бугарските новинари за односите со Македонија

„Економската соработка е важна, но да не се лажеме, историјата останува спорно прашање меѓу Скопје и Софија“

Има волја за напредок, од економски аспект односите меѓу Македонија и Бугарија може да се подобрат, но без решавање на историските прашања нема целосно надминување на спорот меѓу двете земји, оценуваат дел од бугарските новинари кои го следат ова прашање.

За нив е важно да работиме заедно, но и македонските политичари, како што велат, да престанат да зборуваат дека Бугарија сака да ни го одземе идентитетот. Некои од нив потсетуваат дека бугарската јавност речиси е едногласна во ставот дека не треба да се отстапува од позицијата утврдена со декларацијата на Народното собрание.

Според новинарот на агенцијата БГНЕС, Георги Пашкулев, „сите се надеваме на напредок“, особено со почетокот на функционирањето на работните групи од различни сфери.

„Колку подобро се познаваме толку е подобро за двата народи и јас мислам дека тоа малку по малку ќе доведе до тоа и самото недоразбирање лека полека ќе биде надминато. Важно е да работиме заедно“, вели Пашкулев.

За него најосновно е конечно да го имаме Коридорот 8 а не, како што вели, Коридор 0, бидејќи тоа не е само економско прашање, туку и геополитичко и ќе помогне за целокупниот развој. Но, сепак, историјата останува како спорно прашање.

Георги Пашкулев

„Се разбира, колкав економски напредок и да имаме, да не се лажеме, историјата останува спорно прашање. Но јас мислам дека еден од начините да има разбирање е кога во Македонија ќе престане да се зборува дека ние сакаме да ви го земете вашиот идентитет. Ние го признаваме вашиот идентитет во моментов таков каков што е. Македонските граѓани нека знаат дека тврдењата на некои ваши политичари за жал, дека ние сакаме да ви го земеме идентитетот не се точни, вие треба да бидете такви како што се чувствувате. Тоа е ваше право на избор. Но кога во историјата имало луѓе кои се чувствувале како Бугари и се изјаснувале како Бугари ве молиме да го уважувате тој избор. Кога ќе има почитување меѓу нас за сегашноста и за минатото, ние ќе се сретнеме. Се надевам ќе се сретнеме на Коридорот 8“, ни изјави Пашкулев.

Тој, како што додава, нема конкретни податоци за случаите на дискриминација на македонски Бугари во земјава, но вели „ вистина е дека на историски план по 1945 особено имало дискриминација на луѓе со бугарска самосвест“.

На забелешката дека зборува за 1945 година, а сега сме 2022 порачува:

„Но затоа ве молиме и ве повикуваме отворете ги архивите и нека се види дека југословенската тајна полиција вршела гигантски притисок на населението кое живеело во Македонија, а дел од тоа население се чувствувале како Бугари и за тоа биле репресирани. Тоа да стане факт. Кога ќе ги отворите документите, кога ќе го видите тоа нешто, за нас тоа е доволно. Зашто ќе ја прочитаме страницата и ќе ја затвориме. Но тоа нема да спречи вие да бидете такви какви што сакате и нашите луѓе да бидат такви какви што биле“, вели Пашкулев.

На прашањето што со Македонците во Бугарија тој додава дека двете држави не можат да имаат територијални претензии една кон друга, дека ние сме членови на едно заедничко семејство и правата и на едните и на другите луѓе треба да бидат почитувани. Што се однесува, пак, до спорот за јазикот, потсетува дека за јазикот има соодветни формулации на кои се потпишани договорите и дека ако се почитуваат како досега нема да има проблем.

Новинарот на Оффњуз.бг и дописник на Дојче веле на бугарски јазик, Георги Ангелов, оценува дека може да се очекува напредок или барем така изгледа, бидејќи првпат после толку години имаме демонстрација на волја за напредок и останува да видиме дали сите тие работни групи ќе стигнат до некакви заеднички проекти.

Георги Ангелов

„Зашто по толку години историјата за која се караме и спориме двете држави секогаш гледаме како да нѐ раздели. Идејата е како да нѐ обедини“, вели Ангелов.

На прашањето дали сепак, историјата ќе остане најголем проблем забележува дека

Австрија и Чешка загубиле 27 години за нивната историска комисија да успее да ги реши споровите околу заедничката историја.

„Не мислам дека можеме да загубиме 27 години, особено Македонија на патот кон ЕУ. Така што, историјата е таква каква што е. Друго прашање е како политичарите ја користат. Но, ако ја остaвиме историјата настрана и се оди по друга патека, само тоа е начинот на кој може да одиме напред“, ни изјави Ангелов.

Што се однесува до тоа како да се убеди бугарската јавност дека на пример треба да се направи отстапка, вели „не знам каква отстапка се очекува и што се очекува“.

„Ако зависи од мене на пример, сето тоа е глупо. Но од друга страна, ако во вашите учебници пишува Бугари фашисти, Бугари татари, ние во нашите учебници сме учеле дека Македонија е дел од Бугарија. Не можам да спорам. Според мене и двете работи се точни и не се точни истовремено“, додава тој.

За разлика од Пашкулев и Ангелов, нивната колешка Ива Николова од информативната агенција ПИК е категорична во ставот дека ако не се решат историските прашања, нема ништо да се реши. Вчерашната средба на македонскиот и бугарскиот премиер и на двете влади во Софија може да помогне за подобрување на односите од економски аспект, како и дека има некои работи кои си функцираат и без такви средби.

Ива Николова

Сепак, потсетува дека Консултативниот совет за национална безбедност кај бугарскиот претседател ја потврди позицијата на Народното собрание и Декларацијата во која изрично се кажува дека рок за решавање на нашите проблеми нема и не може да има, па кога ќе се решат, тогаш. Дотогаш нема кревање на ветото. А дали ќе се решат, вели, зависи од Македонија.

„Не, ние нема да отстапиме. Која и влада да го направи тоа, тоа ќе ја чини власт.

Целата нација е категорична за тоа“, коментира таа на забелешката дека тоа зависи и од Бугарија.

Николова додава дека не ѝ е јасно зошто со ветото во ЕУ Бугарија си создава непријател меѓу Македонците.

„Не знам зошто. Нели знаете дека многу луѓе кај вас има многу многу луѓе со бугарски пасош за да патуваат во ЕУ. Ама знаете ли дека имаме и многу луѓе во Македонија со бугарска самосвест, ама не можете да не наречете фашисти. Ние ги спасивме Евреите, извинете“, вели таа.

За тоа дека „фашисти“ се однесува на Втората светска војна, а не сега, Николова додава: „Никогаш не сме имале фашисти. Ние не сме од Оската“.

„Значи додека не се реши историјата нема напред и нема кревање на ветото. Бугарите нема да се поместат од тоа. Ние сме 1300-годишна држава наспроти друга која тогаш не била на картата“, вели Николова.  

Ж.П.Б.

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе