Џамбаски побара со цвеќето до споменикот на Гоце Делчев во Благоевград да се постави и бугарско знаме

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски денес на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров" не дозволи да се положи свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Благоевград во Бугарија. Тој и неговите приврзаници рекоа дека тоа може да се направи само ако заедно со цвеќето се постави и бугарско знаме како национален симбол.

Поворката составена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и , членови на клубот „Никола Вапцаров“, како и претставници од Левица и од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се упатија кон црквата „Воведенија на Света Богородица“ каде што се наоѓа меморијалот на делчевиот род, и се наоѓа гробот на таткото на Гоце Делчев. Таму беше положеносвежо цвеќе.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој денеска заедно со лидерот на Левица присуствува на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград пред медиумите изјави дека правото на самоопределување кое е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти треба да го почитуваат сите, посебно земјите членки на Европската унија.

„Тука сме да ја испратиме пораката дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и доаѓаат од Македонија. И за тоа во 21 век веќе не треба никој да има дилема, ниту треба воопшто да се разговара. Треба да се почитува правото на самоопределување, а нашето право да се самоопределиме како Македонци е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти", рече Мицкоски пред отворањето на клубот.

Прашан зошто не се почитува правото на бугарските Македонци, Мицкоски истакна дека со македонскиот Устав е загарантирано правото на сите малцинства кои живеат во државата и дека македонскиот Устав е согласно сите меѓународни норми и правила.

„Прашањето е зошто правото на Македонците во Бугарија не е признаено. Секое малцинство во Македонија си има свои права загарантирани со Уставот и според последниот попис 1.500 Бугари имаа право да се определат", рече Мицкоски.

Одговарајќи на прашања од бугарските медиуми, Мицкоски праша дали се запрашале зошто пред влезот на Бугарија во Европската унија немало Македонци со бугарски пасоши.

„Сте го поставиле ли прашањето зошто пред влезот на Бугарија во Европската унија имаше нула Македонци со бугарски пасоши. Поради определени економски причини некои од нив можеби одлучиле да извадат пасоши", рече Мицкоски.

Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ не е причината што подгрева тензии, туку причината која обединува.

Даваме целосна поддршка на ваквите клубови. Очекувам подобрување на односите затоа што во европска држава очекуваме да се почитуваат правилата, изјави лидерот на „Ливица" Димитар Апасиев кој присуствува на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров" во Благоевград.

„Ова е прв македонски клуб што се отвора, иако е формално, правно и легално, знаете дека бугарската држава не дозволува. За разлика од фашистичките клубови што се отвораат во нашата држава, ова е име на анти-фашист и на комунист и од тој идеолошки аспект даваме целосна поддршка на ваквите клубови. Нема тензии, не правиме тензии. Очекувано беше да дојдат премиерот и претседателот бидејќи ова е историски настан, но тие не се одважија“, рече Апасиев.

Од Благоевград за МКД.мк, Искра Опетческа 

Фото: МИА

Трендот на заминување на младите од родната земја е загрижувачка појава која се случува во Македонија.

повеќе

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе