Џафери: Ќе предложам распуштање на Собранието, се потпишале 85 пратеници, во салата имаше само 58

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери денеска ја прекина работата на 79-та седница свикана за во 11 часот на која има 33 точки за расправа, со образложение дека нема услови да се одлучува за прашањата. На списокот за присутни пратеници беа потпишани 85 пратеници, а во салата беа присутни 58 пратеници.

Џафери ги повика претседателите на партиите од парламентарното мнозинство во 13 часот да се состанат кај него во Кабинет и да се договорат како ќе продолжат со работа со оваа институција.

„Поради фактот дека пратениците се потпишаа и одлучија да не влезат во Салата, Собранието нема услови да може да одлучува за прашањата за кои треба да се одлучува на почетокот на седницата. Ова јасно ни кажува за пратениците и за ставот кој го имаат. Некои мислат дека ова е нивен имот и со нивниот имот можат да се однесуваат како сакаат, но ова не е наш имот како пратеници“, изјавил Џафери, а пренесе МИА.

Тој ги повикал двајцата претседатели на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои биле присутни во Собранието, да одлучат како ќе дејствуваат понатаму.

Според него, би било коректно тие кои не сакаат да доаѓаат во Собранието и да бидат дел од работата на оваа институција, до него да поднесат барање за седница за распуштање на Собранието.

„Ако тие не предложат, јас ќе предложам седница за распуштање на Собранието да се знае која е главната цел за нас, 120 пратеници. Во овие моменти Собранието треба да функционира без разлика дали му се допаѓа тоа некому или не. Ова е демократија, а уцените не се дел од демократијата. Јас друг излез немам освен да ја прекинам седницата, а ако некој мисли дека седница ќе биде закажана со уцени и ултиматуми, е грешка. Кој не сака да биде дел од мнозинството треба да каже дека од денеска не е мнозинство и нека прави мнозинство со кого сака“, вели Џафери, додавајќи дека „ова не може да се толерира“.

Инаку, на средбата со лидерите на политичките партии од владејачкото мнозинство, Џафери потсетил дека сите пратеници во Собранието се еднакви и ги претставуваат граѓаните кои ги избрале и им дале мандат. Според него, со ваквото однесување се покажува дека за одредени пратеници, приоритет е нешто друго а не практикување на мандатот кој што им е доверен од граѓаните.

Како што соопштија од неговиот кабинет, Џафери потсетил дека тој е секогаш подготвен седниците да ги започне на време, доколку пратениците се присутни во сала. Тој, исто така нагласил дека доколку има какви било разлики во одредени ставови внатре во коалицијата, истите треба да се решат на друго ниво, не во пленарната сала. Дополнително, нагласил и дека согласно Одлуката на претседателството, се наложува да се одложат и откажат сите службени и не неопходни приватни патувања на пратениците во текот на месец јули со цел непречено работење на Собранието.

 

 

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе