Собрание

Џафери денеска ќе ја добие иницијативата за референдум, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и на корекција

Претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да ја прими иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Тој во петокот, кога иницијативата беше доставена беше отсутен од земјава, а утрово официјалните информации од неговиот кабинет се дека тој денеска ќе биде на работа и оти ќе информираат во врска со инцијативата. Доколку не најде формални пречки, како што пишува во Деловникот, тој е обврзан веднаш иницијативата да ја проследи до Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем, а тие треба да се изјаснат за нејзината уредност во рок од два работни дена, согласно член 191 став 2 од Деловникот на Собранието.

Мицкоски ја предава иницијативата за референдум во Собрание

Ако иницијативата е уредна, Џафери како претседател на парламентот за тоа го известува овластениот предлагач, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела.

Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна седница. Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна. Претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена.

Ова е предвидено во Деловникот за работа на Собранието. Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата од една 'формална пречка' - адресата „Претседател на Собрание“, а не „Претседател на Собрание на Република Македонија“.

 

ВМРО-ДПМНЕ по информациите во медиумите за формалната пречка,  објави фотографија од документот на иницијативата доставен до парламентот на кој пишува дека се доставува до „Претседател на Собрание“, без да се наведе официјалниот назив „Претседател на Собрание на Република Северна Македонија“. Инаку, кога беше доставена иницијативата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на новинарско прашање до кого е доставена иницијативата од аспект на уставното име на земјава, рече: „Собрание на Република Северна Маедонија“, но откако е објавен документот, останува дилемата дали мислеше на добиениот печат од собраниската служба, каде стои уставното име на институцијата, или направил грешка во изјавата. 

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски оцени дека иницијативата е чиста како солза и согласно роковите, рече дека претседателот Џафери иницијативата, согласно роковите, треба да ја прими денеска до полноќ, без оглед дали  е во странство или е на работа.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на прашање во врска со процедурата за поднесување на иницијативата во Собранието, рече дека доколку сметаат дека е пречка, ќе ја корегираат.

„Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија“, нагласи Мицкоски.

Тој вчера рече оти верува во успешноста на референдумот, но нагласи дека без разлика на резултатот, дури и да не успее, партијата нема да поддржи промена на Уставот под овие околности.

„Единствен начин да видиме дали ќе има излезност е да се одржи тој референдум, да се поддржи таа иницијатива и да видиме дали граѓаните ќе бидат „за“ или „против“. Јас ги охрабрувам демократски во насока на европскиот дух кој од нивните усти додека крадат не престанува да излегува, и сега тоа да го направат и да ги мобилизираат оние малкумина да излезат и се произнесатво согласнсот со нивните политики. Јас сум сигурен дека ќе успее референдумот. Но, без разлика на резултатот ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот под овие околности“, рече Мицкоски.

Според Мицкоски власта е исплашена од мобилизација на народот и консолидирање на антивладино расположение кое, како што вели, постои.

Вицепремиерот за европски парашања Бојан Маричиќ синоќа изјави дека нема да има никаква смисла ниту цел одржување референдум, кога без разлика на исходот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не планира да гласа.

„Само еден референдум има смисла – дали сте за членство во ЕУ или не, сите други прашања се заобиколување на единственото вистинско прашање“, рече Маричиќ.

Прашањето за референдум, посочи тој, е навистина сериозно и жалам што ВМРО-ДПМНЕ на таков начин го отвори.

„Не е тоа соочување на власта и опозицијата, туку едноставно зошто би биле ставени граѓаните во таква ситуација. Да се потсетиме прашањето кое што го предлага ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е врзано за Договорот од 2017 со Бугарија, за кој што исто како и за францускиот предлог во јули оваа година, ВМРО-ДПМНЕ немаше ни храброст, а имаше можност да гласа против. Тие ниту тогаш 2017, ниту сега за францускиот предлог не гласаа против, туку ја напуштија салата на чинот на гласањето“, рече Маричиќ во гостувањето на Топ Тема на Телма ТВ.

Според него, ова е политичка игра или желба како опозицијата да излезе од оваа ситуација во која што самите се наоѓаат, повикувајќи се на фактот што со години во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која влијаеше и СДСМ да ја смени програмата, беше ставено, дека кое било решение со Грција треба да се најде на референдум пред граѓаните и кога дојде времето за референдум 2018 година, ВМРО-ДПМНЕ реши да го бојкотира.

„Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ беше против францускиот предлог и против Договорот со Бугарија ќе гласаше против за ратификацијата или сега зошто, пет години подоцна се отвора прашањато за референдум за Бугарија, зошто не се отвори прашањето за референдум за Преспанскиот кога веќе го отвараат за Договорот со Бугарија“, истакна Маричиќ.

Тој рече дека се јасни условите под кои ќе влеземе во Унијата, тие се веќе поставени во Преговарачката рамка и смета дека ако се прави референдум прашањето треба да биде вистинското, не дали сте за поништување на договорот, туку дали сте за членство во Европската Унија.

Никому во Владата, вели, не му било драго или пак го правел со задоволство компромисот кој беше направен со Бугарија, но мора да се водиме од државните интереси, од државнички пориви и желба да се однесе државата напред.

„Два ни се интересите: да си го зачуваме идентитот и јазикот и второто е да станеме членка на Европската Унија“, тврди Маричиќ.

Според вицепремирот, вистинското прашање на референдумот треба да биде „дали граѓаните се за членство во Европската Унија“. Бидејќи ние не ги поставуваме условите под кои ќе влеземе во ЕУ, тие се поставени на тој начин како што се, Преговарачката рамка е усвоена, смета Маричиќ.

Тој не сакаше да прецизира дали доколку бидат собрани 150 илјади потписи за распишување референдум, владејачката СДСМ ќе повика на бојкот или ќе учестува.

Владејачката СДСМ повторно излезе со соопштение во кое наведува дека иницијативата на Христијан Мицкоски за референдум е нова негова измама кон граѓаните, која нема да успее.

„Мицкоски по четири години бара референдум за договор кој самиот тој јавно пред бугарски официјални претставници го поддржа. Референдумот на Мицкоски е против македонскиот јазик и македонскиот идентитет во ЕУ и е исклучиво за негова лична внатрепартиска употреба. Сето тоа граѓаните го знаат и затоа не го поддржуваат Мицкоски во овој негов најнов обид да си ја задржи фотелјата во Белиот дворец“, соопштија од СДСМ.

 

Легенда под Главна слика

Мицкоски ја предава иницијативата за референдум во Собрание

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе