Протестен работнички Првомајски марш

Држава ви изградивме, без плати нѐ оставивте, порачаа работниците од протестот на ССМ

Во 12.30 започна протестот во организација на Сојузот на синдикатите од каде повеќе илјади работници, невработени, млади и стари, пензионери и граѓани кои ги поддржуваат работниците тргнаа кон зградата на Собранието на Македонија, потоа кон зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора, а крајната дестинација е Владата од која се побара покачување на платите и нов статус за работниците преку колективни договори на кои треба да се согласи Владата, а да ги изгласаат пратениците. На крајот претставници на СДСМ беа примени во Владата.

„Држава ви изградивме, без плати нѐ оставивте“, „Луксузот ваш е од трудот наш“, „Платите да пораснат, младите да останат“, Се да застане за работникот да опстане“,  „Без лихвари, газди и банкари можеме, без работници не можеме", „Договори за вработување на неопределено време", „Стоп за мобинг", „Без пари нема работа", „Зголемување на плата 2 806 денари веднаш за сите", се само дел од транспарентите на работниците, кои вооружени со свирчиња тргнаа на протеестниот марш, но и со и звуците на „Бела чао“, „Интернационалата“, како и на други песни кои одразуваат отпор и борба за слобода и работнички права.

На протестот се дојдени голем број работници од речиси сите градови во земјава, а протестот има само работнички бои - транспарентните се напишани на повеќе јазици и, како што велат работниците, нема партиски призвуци и партиите вела, да се тргнат понастрана од нив во своите битки за политички поени.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски пред зградата на Стопанската комора во својот говор рече дека упатуваат повик да се согласат работодавачите на покачување на сите плати за само 2.806 денари, како што нагласи, затоа што „газдите не биле при пари“.

„Економската криза ја изеде платата на работникот и ја предупредуваме Стопанската комора да ја повчече иницијативата поднесена пред Уставен суд за укинување на недела како неработен ден. Е па,  не може седум дена во неделата да ни бидете газди“, рече Димовски.

„Добро е што љубезно ве предупредуваме, зашто утре можеме да ја прекинеме работата во целост и знаете што значи тоа? Нема да се работи, нема да имате профит. Ако ние трпиме штета, ќе трпите штета и вие“, рече Димовски и повика да се продолжи кон Владата.

Протестот со голема бројност продолжи на платото пред зградата на Владата.

„Товарот на кризата не смее да го трпат само работниците. Немаме сериозен ангажман од вас, од Владата. Нашиот труд е неопходен за нашата егзистенција, но не е вреднуван, а без нашиот труд ниту вие не можете да функционирате. Бараме од Владата да го почитува колективниот договор во јавниот сектор и враќање на К-15, истото го бараме и од приватниот сектор. Сакаме повисоки плати и одржливи работни места, социјална сигурност и права од работен однос според колективен дговорор. Бараме европски нов закон за работни односи“, рече Иван Пешевски, потпретседател на ССМ пред илјадниците присутни работници и граѓани..

Од Владата бараат работниците да имаат трпение, рече тој и нагласи: „ Но трпението има крај“.

„Не можеме веќе да чекаме. Бараме веднаш нашите барања да бидат примени и разгледани во Владата. Држава ви изградивме, без плата не оставивте. Затоа, прифатете ги нашите барања“, нагласи Пешевски на крајот од своето обраќање како своевиден проглас од протестот.

Синдикалниот лидер Дарко Димовски во своето обраќање рече дека му е драго што единствени и во голем број работниците се собраа на денешниот протест.

„Ова е историска борба на работниците која трае и ден денес и овде, во Македонија. Синдикатот опстоил низ сите транзиции во земјава. Денес имаме и нови синдикални лидери и членство. Способни за преговарање. Нашата визија е борба на терен, постојан контакт со работниците, контакт со работодавачите и властите за остварување на работнички права. Нашите барања за поиголеми плати и статус имаат успех кога стручно и како единствен тим настапуваме“, рече Димовски.

Тој нагласи дека само здружени може да се дојде до подобри работнички права.

На протгестот пред Владата се појавиja вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, за кои Димовски рече дека е добро што дојдоа за да се соочат во четири очи со барањата на работниците и работничкиот протест.

Димовски заврши со зборовите: „Да живее 1 Мај, да живее работникот, да живее ССМ“.

Потоа збор зеде вицепремиерот Битиќи кој на почетокот рече дека му е драго што за 1 Мај гледа организирани работници.

„Треба да се зборува и за еднаквиот третман на мажите и жените на пазарот на трудот, за безбедноста при работа, како и за сите други права кои се подзабораваат, посебно за време на кризи. Работниците се нашето богатство и затоа ќе направиме се секој работник да биде достоинствено платен, независно дали е од јавниот или приватниот сектор“, рече Битиќи.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во обраќањето рече дека ветената недела неработен ден е остварено барање и нагалси дека оние кои мора да работат во недела добиваат дневница. 

„Оние што исплаќаат пак, пониска плата од  минималната ќе се соочат со инспекции и казни. Имаме пријави особено во текстилната индустрија дека се изигрува минималната плата и тоа треба да биде санкционирано. Работиме на нов закон за работни односи и тоа ќе се усогласува со ССМ и со сите социјални права, со цел работничките права да се унапредат. Работиме и на метгодологија за повисоки плати во јавниот сектор“, рече Тренчевска, наглсувајќи: „Заедно сме во оваа борба“.

На крајот од ССМ беше изјавено дека очекуваат веднаш да бидат викнати на разговори во Владата.

Претставници на СДСМ предводени од Димовски, заедно со Битиќи и Тренчевска се упатија во Владата каде беа започнати разговори.

Oд средбата и разговорите во Владата беше издадено официјално соопштение во кое накусо за приемот на претставниците на ССМ се вели:

„Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по повод 1 мај - Меѓународниот ден на трудот, одржаа средба со претставниците на синдикатите во Владата на Република Северна Македонија, на која се разговараше за сите прашања кои се во насока на унапредување на работничките права.

Во продолжение на соопштението се наведеува содржината на обраќањата на Битиќи и Тренчевска пред учесниците на протестот.

Со оглед на кажаното на протестот пред Владата дека очекуваат прогласот до кабинетот на Ковачевски да биде примен во Владата уште денеска, треба да се очекува дека на оваа средба документот е предаден и дека станало збор за барањата на СДСМ и можностите за нивно остварување.

П.Џ.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе