АЛАРМАНТНИ ПОДАТОЦИ И БРОЈКИ ЗА ДЕФОРМИТЕТИ ВО МАКЕДОНИЈА

„Дремење“ пред компјутер, пасивност, неодговорна околина: во пораст бројот на децата со искривен ’рбет!

Дали училишните ранци се (пре)тешки за децата? Дали децата можат да се едуцираат и да се занимаваат без компјутерот или таблетот да им биде најдобриот пријател? Дали пасивноста кон каква било физичка активност е најчестата причина за сè поголемиот број случаи со деформитети на ’рбетот кај учениците и студентите? Дали и колку родителите и раководителите во образовниот процес можат да помогнат за правилен развој на ’рбетот уште од најраната детска возраст?

Овие прашања повторно ги преплавија социјалните мрежи, блоговите, родителските форуми и сите медиуми воопшто, откако беше издаден Извештајот за извршени систематски прегледи кај учениците и студентите за 2014/2015 година. Документот е објавен од Институтот за јавно здравје, а покажа дека секое трето дете во Македонија е со искривен 'рбет, рамно стапало или со кратковидост!

При систематскиот преглед се прегледани 119.149 ученици (основци и средношколци) и студенти, односно 96,1 отсто од вкупниот број во земјава.

Конкретно, алармантни се податоците дека 14.446 основци и 10.427 средношколци имаат деформитети на ’рбетниот столб и градниот кош. Тоа значи, 19,9 отсто или една петтина од прегледаните основци имаат вакви проблеми, а дури 27 отсто или кај повеќе од една четвртина од средношколците се регистрирани вакви деформитети.

Проблемот е што кај средношколците има голем пораст - 44 отсто повеќе деформитети на ’рбетниот столб и градниот кош од минатата година, 20,3 отсто повеќе со лошо движење на телото и скоро дупло (92,4 отсто) од лани во однос на лошата ухранетост на телото! Исто така, регистрирани се и 6.284 ученици со деформитети на стапалата, што е за 45 отсто повеќе од лани.

Овој извештај само го потврди она што веќе со години докторите и специјалистите неуморно, а и со причина, го „трубат“ низ јавноста - искривувањето на ’рбетот и деформитетите стануваат голем проблем, стануваат една од најраспространетите болести кај децата во денешницата. Веќе можеби станува досадно и одбивно постојано да се повторуваат ваквите работи, многумина ќе го прескокнат текстов, но податоците и искуствата се прилично загрижувачки. Тие бараат поголем ангажман и „скротување“ на индиферентноста кон проблемот што, ете, владее и во континуитет расте, кај дечињата, учениците и дел од нивните родители, наставници, професори...

Д-р Ирина Попдимитрова Митревска „За жал, промените и деформитетите во ’рбетниот столб се во подем. Причините за тоа се многубројни, меѓутоа, пред сè, основни се начинот и стилот на живеење. Во денешно време луѓето се попасивни, не се движат, повеќе активности се изведуваат во седечка позиција, децата не излегуваат надвор да играат со топка и ластик... Односно, претежно се позиционирани пред компјутерите, таблетите и телефоните. Физичката активност е сведена на нула!“, вели за МКД.мк д-р Ирина Попдимитрова-Митревска, физијатар во скопската поликлиника „Промедика“.

Докторката - специјалист по физикална медицина ја нагласува и средината каде што живееме. Вели дека децата се помалку се активни во школската средина, па нужно е да зачести физичкото воспитување, да спортуваат, да трчаат, да имаат редовни физички активности низ училишниот процес, а дополнително да се поттикнат ваквите активности и проблемите да се детектираат уште од најрана возраст.

Таа потенцира дека е најважен третманот кога дечињата ќе почнат да растат, кога ќе почнат да се извишуваат, да зреат. Кај девојчињата тоа се случува во 6-7-8 одделение, а машките деца нагло почнуваат да растат малку подоцна, некаде во 9-то одделение, прва-втора година средно. Д-р Попдимитрова-Митревска смета дека мора да се запазат тие години кога драстичното израснување во висина, тежина, па и половото зреење се фактори каде што веднаш се покажуваат деформитетите.

„Многу е важно уште од почетокот на отстапувањата (кај 'рбетот) да се преземат мерки, а не да се чека да дојде до огромен деформитет, што, верувајте, понатаму потешко се решава... да не речам, воопшто не се решава. Уште во тој период да се потенцира децата да влегуваат во тренажен процес - дали тоа ќе биде играорна, некоја игра, танцови, разни спортови што се на располагање и сл. Значи, влијаат училишната, но и домашната средина, затоа што во брзата динамика на живеење родителите се презафатени. Стануваат подоцна за работа, повеќе се фокусирани во трката за заработка заради подобар живот, а притоа често децата се запоставени. Не им се посветува внимание, нема услови да ги носат на некој тренажен процес, туку, едноставно, тие со часови седат дома пред компјутер. Тоа е реалноста“, вели физијатарката.

Како ризик-фактор таа ја споменува и дебелината. Односно, физичката неактивност и дебелината кај децата, деформитетите, а проблем, вели, се и рамните стапала. Сега не постои детенце без рамни стапала, што порано беше реткост, затоа што повеќе трчале, се движеле и скокале, а сега таа пасивност се рефлектира на мускуло-скелетниот систем.

Во однос на тежината, според податоците на Светската здравствена организација се смета дека 60 отсто од светската популација се недоволно физички активни, a статистичките податоци во Македонија покажуваат дека 60,5 отсто од мажите и 47,8 отсто од жените на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, а околу 20 отсто од возрасните во државава се со одреден степен на дебелина, што во голема мера се должи и на нередовната физичка активност или воопшто непрактикување физичка активност.

Д-р Попдимитрова-Митревска се присетува на еден проект што го спроведувале во едно скопско училиште. Екипата на „Промедика“ ги измерила децата од 5. до 9. одделение, т.е. на самото место била извршена контрола и на оние деца кај кои било забележано отстапување кај ’рбетот, им била дадена препорака, па дури и можност бесплатно да се појават на доктор.

„Одѕивот во тоа училиште беше минимален. Скоро ниту едно детенце не се појави, не дојдоа на препорачаното мерење, не се спроведе... Значи фидбекот од тој проект беше скоро на ’нула’. Дали таквиот ефект, односно таквиот лош одѕив дојде од родителите, дали од децата, не знаеме, меѓутоа, културата и воспитувањето најмногу доаѓаат од дома. Мора да укажеме и подобро да се заштити младата популација“, вели д-р Попдимитрова-Митревска.

За деформитетите, таа вели дека тие грубо може да се поделат на деформитети на 'рбетот и на екстремитетите. Кај ’рбетот најчесто е искривување во страна, т.н. сколиоза, но постои и искривување во една една рамнина, т.н. кифоза, или подгрбавување. Сколиозата и кифозата се најчести деформитети во раст и развој, а во однос на екстремитетите, вели, тие најчесто се јавуваат на нозете, стапалата, кај колената... Таа ги споменува т.н. „икс-нозе“ или „нула-нозе“, потоа едно пократко или подолго ноџе, слаба мускулатура, па влечење на мускулите што ја затегаат од едната страна... „Штом ќе се појави дисбаланс во држењето, статиката од главата до петиците – тоа е како едно дрвце што не расте право, туку има искривување, па тоа понатаму се манифестира и на другите системи. Сето тоа е во една врска, во затворен систем, во синџир“, објаснува докторката - специјалист по физикална медицина.

Во однос на сколиозата, ова заболување кај нас беше доста актуелно со случајот на малата Тамара Димовска. Девојчето со закривен ’рбет од Велес актуализира и извади на површина голем број недостатоци и проблеми со здравствениот систем, а поврзани со односот и третманот кон оваа болест. Случајот со Тамара повлече голем број протести и реакции, а отвори и платформа за дискусии за причините за сколиозата, нејзиниот развој, стадиумите, за прегледите, превентивата, начините на лекување со еластични или специјални пластични корсети, по потреба и за операции на ’рбетниот столб...

Околу сколиозата се разви и една поинаква дискусија - дали таа може да усмрти некое лице?! Од една страна, се појавија доктори и ортопедски хирурзи што тврдеа дека сколиозата не е причина за смрт за ниту еден пациент. Од друга страна, пак, имаше и повеќе доктори и експерти што велат дека сколиозата е смртно опасна, па нејзиниот развој треба со внимание да се следи.

Тамара Димовска

Дека од сколиоза се умира, потврда во вид на црна статистика пристигна од Светската здравствена организација. Во Обединетото Кралство во 2010 година 176 лица починале од сколиоза, во Франција во 2011 - 134 лица, истата година во Италија починале 73-ца, а во 2012 во Германија сколиозата била причина за смрт на 64 лица, во Холандија на 21 и во Шведска на 12.

Македонија ја нема на листата, исто како и Ерменија, Азербејџан, БиХ, Србија, Киргистан, Романија. Смртни случаи од сколиоза нема во официјалните статистики на овие земји. Причините зошто ги нема овие земји на листата се непознати. Барем за пошироката јавност. Исто како што е непознато како може некој човек или дете да умре од сколиоза во Британија, Италија или Шведска, а во Македонија да нема вакви регистрирани случаи? Пристигнаа реакции дека проблемот можеби лежи во пријавувањето и правилното утврдување на основната причина за смрт, односно кое е тоа заболување што лежи во основата на настаните, а кои завршиле фатално.

„Знаете ли дека стапките на смртност од Алцхајмеровата болест кај нас (и во групата на земји каде што не се умира од сколиоза) се повеќекратно помали отколку во земјите во кои се умира од сколиоза? Тоа е така зашто кај нас нема Алцхајмер? И те како има, само ретко кој правилно ќе ја утврди и ќе ја рапортира основната причина за смрт. Непосредната причина за смрт не е таа што се рапортира и која меѓународно се споредува. Ние сме земја во која на трето место по зачестеност како причина за смрт се ’симптоми, знаци и ненормални клинички наоди, некласифицирани на друго место’ (во 2013 година 1.213 од вкупно 19.208 умрени, или 6,3 отсто), односно кажано крајно банализирано, кај нас се умира поради смрт или поради престанок на срцево-белодробната функција (па да, обично кога ќе умреш, срцето и белите дробови баш и не функционираат, така?)“, вели магистерот по јавно здравство Блашко Касапинов, кој на Хелтгрупер објави своја реакција по повод тврдењата дека сколиозата не е смртоносна.

Во однос на мерките за спречување на искривување на ’рбетот кај најмладите, физијатарката д-р Попдимитрова-Митревска вели дека е потребно во училишната и домашната средина да се направат услови, надвор да се изградат паркови и игралишта и да се стимулира детската активност. Во школството, конкретно во прва линија, вели таа, се наставниците по физичко воспитување.

„Мора тоа да го признаеме. Во втора линија се и одделенските раководители, кои цело време поминуваат со тие дечиња и треба да се стимулираат и да создадат навики и кај најмалите од прво-второ одделение да станат и да поиграат. Да се вклучат активности каде што ќе бидат поактивни на самиот училиштен час. Постојат одредени постапки и мерки во самиот систем и во нашето опкружување, но мора да се свестиме на сите полиња. Затоа, апелирам до училишните, здравствените работници, родителите како најважни фактори во целиот овој процес. Да се создадат услови и да се развива волјата и желбата кај детето да биде физички активно, да спортува, бидејќи дефекторот се јавува и кај возрасните. Сите луѓе што седат на компјутер генерално имаат проблем со вратот, грбот, рамениците, вкочанетост, нарушување на рамнотежата, зуење во ушите... Ако детето го гледа родителот дека се движи, шета, се качува на планина, спортува, скија, вози велосипед и сл., тогаш таквиот физички активен родител ќе го повлече и детето да биде активно. Родителите се огледало на децата“, вели д-р Попдимитрова-Митревска.

По алармантните податоци дека секое трето дете е со искривен 'рбет, рамно стапало или со кратковидост, стигнаа сигнали дека министерствата за здравство и за образование договарале часовите по физичко да бидат задолжителни како и досега, а на нив наставниците ќе бидат обучувани како да ги вежбаат учениците со сколиоза. Односно, оние деца на кои веќе им е потврдено искривување на 'рбетот, 20 минути од часот да се подложат на потребните вежби, а наставникот да им кажува како правилно да седат и да го држат телото. Се споменува и постапно да се заменува инвентарот во училиштата, согласно со потребите за ваквите вежби. Останува да видиме колку ова ќе се реализира на терен.

Од институциите деновиве слушнавме и препораки до децата – што помалку да седат пред компјутер. Од друга страна, мора да се спомене и фактот што самиот образовен систем, во духот на неговата „модернизација“, „европеизација“ и „имплементација“ на стандардите, наложува поголема употреба на компјутер, седење и пасивност. Голем број активности, часови, настава, екстерни тестирања се вршат токму на компјутер. Се поттикнува и се истакнува важноста на „компјутер за секое дете“. Така, ако во општеството не е присутна идејата дека искривувањето на 'рбетот директно произлегува од компјутерите, тогаш ваквото образование, кое ја стимулира пасивноста, ќе оди многу тешко, бидејќи образованието во овој случај делумно оди против општествените цели.

Бојан Шашевски

Поимањето на несомнената поддршка на ЕУ е најкомплицирано од перспектива на Република Македонија.

повеќе

Спортскиот амбасадор Лазаров покажа слаб дипломатски имунитет кон политиканството.

повеќе