ДОМ и ЛДП: Време е Македонија да стане една изборна единица, а не да се урива мнозинството

ДОМ и ЛДП сметаат дека не е време да се предизвикаат предвремени парламентарни избори со уривање на владејачкото мнозинство во Собранието на Македојнија, туку конечно да се раздвижат процедурите и наскоро да се донесат законски измени со кои државата ќе стане една изборна единица.

„Помеѓу партиите предлагачи на законското решение не е разговарано за повлекување на парламентарното мнозинство, но факт е дека процедурите се одолговлекуваат", вели за МКД.мк претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин, на прашањето дали како и во Демократскиот сојуз, се размислува со уривање на владејачкото мнозинство големите партии да се принудат на побрзо донесување на измените на Изборниот законик со кои Македонија веќе од следните парламентарни избори ќе биде една изборна единица, наместо како досега поделена на шест изборни единици.

„ЛДП не размислува за повлекување од парламентарното мнозинство, зашто во моментов државата се соочува со кризи предизвикани од пандемијата, енергетската криза, војната во Украина. Секој сериозен политичар треба својата агенда да ја стави на страна и да се посвети на решавање на проблемите на граѓаните", изјави за МКД.мк Моника Зајкова, потпретседателка на ЛДП и пратеничка.

Морачанин и Зајкова велат дека секоја партија има право на свој партиски став, но и дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да стојат на своите ветувања и преку дебата и компромис да се дојде до најдоброто решение и за граѓаните и за државата, а тоа според нив, е Македонија да биде една изборна единица.

Прашањето за една изборна единица се одолговлекува со години зашто како и што анализираат експертите, на големите партии им одговара сегашниот изборен модел. Но на почеткот од својот прв мандат тогашниот премиер Зоран Заев даде ветување дека би прифатил такво законско решение со кое секој глас би бил подеднакво вреднуван, а тоа значи една изборна единица за целата држава. И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски даде изјави дека ќе се согласи на таков изборен модел за кој низ дебата би се договориле сите останати законски поединости. И конечно во март работите се помрднаа и од собраниските фиоки излезе законскиот предлог и го помина првото читање.

Кога ќе почне расправата и на пленарна седница зависи од спикерот Талат Џафери, а токму во тој дел лидерот на ДС Павле Трајанов се сомнева дека започна одолговлекувањето, бидејќи веќе требаше да биде на дневен ред, и преку изјава за Фокус се закани дека е можно неколкумина пратеници да го урнат парламентарното мнозинство, а со тоа да се отвори пат за предвремени избори.

„Постапката околу законот се одолговлекува и треба да биде ставен на првата пленарна седница. Се договоривме да биде организирана јавна расправа со вклученост и на други субјекти, бидејќи се работи за законско решение од интерес на сите граѓани. Време да се продолжи процедурата, зашто предлог-законот е поднесен пред повеќе од една година. Очекувам до крајот на годинава и да биде донесен нов Изборен закон. Уште повеќе затоа што ова не е изборна година, а дека нема да има предвремени избори вели и премиерот Ковачевски", нагласува Морачанин и додава дека анкетите велат оти повеќе од половина од граѓаните се за една изборна единица.

На прашањето, доколку Трајанов и уште некој од пратениците ја остварат заканата која во својата суштина ќе значи предвремени избори, дека повторно за можеби не така скорешно време ќе биде одложено менувањето на Изборниот законик, Морачанин вели дека се надева дека тоа нема да се случи и дека предвремени избори во суштина бара една партија - ВМРО-ДПМНЕ.

И Моника Зајкова не очекува во догледно време да се случат предвремени избори и дека ако процедурите течат непречено ќе може да се донесат законските измени.

„Очекувам од сите политички партии да ја препознаат потребата за унапредување на демократијата и соодветена претставеност на граѓаните и да дадат поддршка на овие измени. Искрено се надевам дека овој пат филибастерингот нема да се користи како можност за блокирање на овие измени", вели Зајкова и додава: Не може да бидеме посветени само на себе или на партискиот интерес, сепак граѓаните се тие кои нѐ избираат и нив им должиме".

На прашањето што доколку премиерот го прифати предизвикот и прифати предвремени избори на што инсистира ВМРО-ДПМНЕ заканувајќи се и со блокада на работата на парламентот, Зајкова вели:

„Сметам декаи не треба сѐ во државата да се сведува на договор меѓу лидерите. Доколку ЛДП донесе одлука да настапи самостојно на парламентарни избори кога и да се одржат, сметаме дека и шесте изборни единици не би биле пречка за влез во Собранието, што го докажавме и со постигнатите резулати од последните локални избори".

Морачанин порачува дека кога партиите и нивните лидери се повикуваат на интересот на граѓаните и на државата, дека треба и да го реализираат, меѓу другите, и тоа барање за изборна трансформација на државата во една изборна единица.

„Промена на изборниот модел во оваа насока ќе придонесе за демократизација на државата, различните интереси на граѓаните ќе бидат подобро застапени во парламентот. Освен тоа, секој глас ќе биде еднакво вреднуван и нема да се случи зад различни пратеници да стојат големи разлики во бројот на добиени гласови на изборите. Некои пресметки покажуваат дека и големите партии нема што да загубат, односно зависно од волјата на граѓаните, можеби би допиле по еден или најмногу по двајца пратениците помалку. Но како општество сите би добиле многу", нагласува Морачанин.

Што се однесува до блокот на партиите на Албанците, според досегашните изјави, ДУИ би се согласила на изборни промени кои би значеле Македонија да се подели на три изборни единици, Алијанса за Албанците пак бара дури осум изборни единици наместо досегашните шест, а Алтгернатива начелно се согласува да се разговара за една изборна единица.

П. Џамбазоски

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе