Препукувања во МВР

Полицајци тврдат дека Спасовски со партиски решенија ги деградирал и не им дал шанса во новата единица

Околу 100 припадници на Единицата за јавен ред и мир (ЈРМ) на 31 декември 2019 добиле решенија за прераспределување на ново работно место. Наместо ингеренциите што ги имале во Единицата за ЈРМ, тврдат дека се распоредени во полициските станици и дека сега имаат многу помали плати.

Редакцијата на МКД.мк ги доби решенијата што ден пред Нова година ги добиле полицајците, кои биле повикувани од дома за да стават потпис. Тие обвинуваат дека овие решенија имаат партиска заднина и нивното врачување е противзаконско, односно тогашниот министер за внатрешни работи, знаејќи дека ќе замине од министерската функција, за една ноќ потпишал повеќе од 300 решенија за преместување на нови работни места на кои без распишан оглас за вработување во новата единица, директно ги прераспределил низ полициските станици.

Во овие решенија се нашле и оние на службениците од ЈРМ. Припадниците на единицата „Алфа“ со решенија биле префрлени во новата Единица за интервентна полиција. Оние пак, од Единицата за јавен ред и мир добиле решенија за работа во полициските станици, велат нашите соговорници.

Според нив, на 75 од нив им биле врачени нови решенија за работење во полициските станици, а само 25 од нив, како што велат, на партиска основа им биле дадени решенија за влез во новата единица.

Според полициските службеници што ја контактираа нашата редакција, овие вработувања за нив се деградирање од функцијата и се направени без можност за прераспределување на друго работно место во транспарентна постапка.

Систематизацијата во МВР следуваше откако министерот Оливер Спасовски донесе одлука да ја укине Единицата за прв одговор „Алфа“ и таа да биде преименувана во Единица за интервентна полиција.

Речиси сите припадници од оваа единица беа префрлени во новата единица, а за нејзин командант првично беше избран Примислав Димовски, кој раководеше со полициските „Алфи“.

Тој ова место го доби откако конкурираше и беше избран за оваа работна позиција.

Но со назначувањето на Наке Чулев за технички министер за внатрешни работи, Димовски беше сменет и на негово место беше назначен Васко Наумовски.

Од овие решенија изоставени се оние што во тој период биле на боледување или пак користеле годишни одмори.

Оние што оделе на работа, како што велат нашите соговорници, ги потпишале решенијата.

А во нив стои дека работникот има право на приговор преку Министерството за внатрешни работи до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на Решението.

Овој рок е изминат и прераспределените полицајци освен користењето на ова право на приговор, поднесоа и колективна претставка до сегашниот технички министер, Наќе Чулев.

Во претставката стои дека МВР вложувало во овие полицајци, од кои најголем дел се со работно искуство од по 20 години стаж, дека се стручни и обучени во своето работење и постапување и дека се распоредуваат на места каде што се соочуваат со проблематика што допрва треба да ја учат, како и дека им се земени додатоците за плата од 20 отсто како припадници на Посебната единица и припадници на Единицата Алфа и ЈРМ.

Претставки има и до народниот правобранител.

Согласно со Законот за внатрешни работи, Министерството за внатрешни работи се повикува на членот 116, кој стои пред одлуката за донесеното решение, а кој гласи „Распоредување на работник се врши со решение што го донесува министерот или од него овластен раководен работник“.

Во овој случај потписник на донесените решенија е тогашниот министер за внатрешни работи, а сега технички премиер, Оливер Спасовски.

Во продолжение на Решението стои дека припадниците на Единицата за јавен ред и мир се прераспределуваат во полициските станици од општа надлежност во Скопје.

Според образложението, распоредувањето се врши врз основа на член 111 став 1 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи кој гласи дека по потреба на Министерството, работник може да биде распореден на друго работно место, кога во Министерството се вршат промени во организациската структура или во однос на бројот на работните места во актите за организација и работа и за систематизација на работните места на Министерството, а нема потреба да се намали бројот на вработените, доколку се исполнети условите од членот 107 од овој закон.

А членот 107 пак вели дека Распоредување на работник може да се изврши само ако се исполнети следните услови: - работното место на кое се распоредува работникот е во организациска единица во местото на живеење на работникот; - работното место на кое се распоредува е слободно или испразнето; - работното место на кое се распоредува е идентично по вид во рамки на исто ниво согласно Класификацијата на работните места; - работникот во целост ги исполнува условите утврдени во актот за систематизација на работните места утврдени за работното место на кое се врши распоредување (вид на образование, потребно работно искуство и сл.) и - на работното место на кое работникот се распоредува, се вршат исти или сродни работи со работите што се вршат на работното место од кое работникот се распоредува.

Решението е поткрепено и со членот 106 во кој стои дека услови за распоредување на работник Распоредување на друго работно место (1) Работник во Министерството може во текот на работниот однос да биде распореден на друго работно место различно од она на кое претходно работел, во транспарентна постапка, а согласно со законот распоредување во транспарентна постапка Член 109 вели дека Работник во Министерството може да биде распореден на друго работно место во транспарентна постапка, преку објавување на интерен оглас.

Овде во овој случај, велат нашите соговорници, ваков оглас нема. Оглас МВР распиша само за избор на началник и заменик-началник на новата Единица за интервентна полиција, но не и за местата од главен инспектор, па до полицаец.

За полицајци во новата единица немаше оглас, МВР ги распореди по потреба

 Редакцијата на МКД.мк две недели чекаше одговор од МВР за сите погоре посочени обвинувања на распределените полицајци.

 Од таму во врска со распишан оглас ни беше одговорено дека интерен оглас бил распишан за раководните места во Единицата за интервентна полиција.

 „Конкретно, за работно место полицаец во интервентна полиција не беше распишан интерен оглас бидејќи полициските службеници беа распоредени по потреба на министерството, на работно место идентично по вид во рамките на исто ниво согласно со Класификацијата на работните места, и за истото согласно Закон не се спроведува транспарентна постапка“, се вели во одговорот од МВР.

 Во однос на тоа дали во полициските станици со новата систематизација има полициски службеник со работно место од 600 бода, со оглед на тоа дека на вакви работни места беа прераспределени дел од полициските службеници, ни беше одговорено дека има полициски службеници со наведените бодови.

 Одговор за тоа колкава е бројката на припадници на новата Единица за интервентна полиција и дали сите припадници на Единицата за прв одговор „Алфа“ од оваа единица беа распоредени во новата и според кои критериуми, како и кои се условите за прием во оваа нова единица и дали припадниците на Единица за ЈРМ имаа можност да влезат во единицата одговор не добивме со образложение дека се работи за доверлив податок.

 „Имајќи го предвид Законот за заштита на лични податоци, како и природата и специфичноста на работните задачи на работниците во министерството и класифицираните информации не сме во можност да Ви дадеме одговор дали сите припадници на Единицата за прв одговор и интервенција АЛФА се распоредени во Единицата за интервентна полиција, ниту пак податоци колкава е бројката на припадници на оваа Единица. Ве информираме дека во Правилникот за систематизација на работни места во МВР-акт кој е класифициран со “строго доверливо“ се пропишани потребните услови што треба да ги исполнуваат работниците на работните места во оваа единица. Распоредувањето се врши независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување и имотната и општествената положба, односно условите важат за сите подеднакво“, додаваат во одговорот на нашите прашања од МВР.

 За дел од нашите прашања, наместо одговор добивме упатување дека сегашниот технички министер одржал прес-конференција, на која даде одговор на дел од нашите прашања, пред за нив да ни биде испратен одговор.

„Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес-конференција на 28.1.2020 изјави дека комисијата, во чија работа беа вклучени претставници од МПС и Независниот полициски синдикат, ги разгледала сите решенија што беа донесени во претходниот месец и утврдила непочитување на Законот при распоредување на повеќе од 100 полициски службеници“, стои во испратениот одговор околу бројот на решенијата и за тоа дали е формирана Комисија што ќе ги разгледува овие решенија.

 „Еден месец пред заминување Оливер Спасовски издал огромен број решенија за унапредувања, но и за распределувања на пониски работни места без да се водат дисциплински постапки за тоа. Од почетокот на декември 2019 година до 25 месецот биле издадени 21.050 решенија. За само седум работни дена се издадени 1.198 решенија. Се делеле решенија и во дванаесет навечер на трети јануари. Само за споредба, во декември претходната година биле поделени само 194 решенија. Комисијата во која членуваат и претставници од репрезентативниот и од независниот полициски синдикат ги разгледа решенијата што биле поделени од 1 декември до 1 јануари. Разгледани се вкупно 1.750 решенија издадени во овој период. Незаконски издадени се 100 од нив. Голем број решенија биле издадени додека работниците биле на боледување, на платен или на неплатен одмор“, рече министерот Чулев на прес-конференцијата.

 Тој нагласи дека со издадените решенија илјадници професионалците биле деградирани и најави дека откако ја презел функцијата ќе гарантира ист третман за сите, без притисоци оти единствени што требале да чувствуваат притисоци според него се оние кои го кршат законот.

 Распоредените полицајци велат дека нема да се откажат и дека ќе ги искористат сите правни механизми за да добијат шанса за вработување што им следува согласно со законот и, како што велат, со оглед на долгогодишното работно искуство и она што МВР го вложило во нив, за да го добијат работното место што го заслужуваат.

                                                                                                         К. Додевска

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе