Дали референдумот на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги мине собраниските филтри

„До Претседател на Собрание“, гласи адресата на иницијативата за референдум

По вчера изразените медиумски сомнежи, кои се повикуваа на извори од владејачкото мнозинство, дека поднесената иницијатива за одржување на референдум ќе биде проглаена за неуредна и со тоа ќе биде отфрлена, а поради некористење на официјалниот назив на функцијата на претседателот на парламентот „претседател на Собранието на Република Северна Македонија“, денеска ВМРО-ДПМНЕ потврди дека иницијативата е поднесена до „Претстедател на Собрание“. Дали тоа ќе значи и отфрлање се очекува да каже спикерот Талат Џафери.

Како што веќе објавивме вчера, пренесувајќи ја суштината на прилог од вестите на телевизија Сител, пратеници од владејачкото мнозинство веќе изразиле резервираност дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде оценета за уредна, посочувајќи токму на фактот дека, како што имале можност да видат, ВМРО-ДПМНЕ на документот го избегна користењето на официјалната адреса на претседателот на парламентот, односно при тоа не го користат уставното име на државата, оттаму,  уставното име на неговата функција.

ВМРО-ДПМНЕ денеска и официјално потврди и го прикажа документот од кој се чита дека е искористена скратена адреса „Претседател на Собрание“, додека пак на печатот, „удрен“ при приемот стои: „Собрание на Република Северна Македонија“.

Преку соопштението за медиумите партијата му сугерира на Џафери „да не се дрзне да ја отфрли иницијативата“, зашто „нема правен основ“ за тоа:

„Џафери да не се дрзнува да ја отфрли иницијативата за референдум, да се почитува чл.67 ст.1 и да се дозволи негово одржување. Согласно чл.67 ст.1 од Законот за референдум, Иницијативата се предава до претседателот на Собранието, како што е и направено со оваа Иницијатива за распишување на референдум со цел престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот со Бугарија. Потенцираме дека власта нема правен основ да го отфрли барањето на ВМРО-ДПМНЕ“.

Доколку се впуштат во какви било обиди за опструкции, продолжува ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе биде само показател дека се свесни дека на референдумот нивните политики ќе доживеат дебакл и дека огромно мнозинство од народот ќе бара поништување на Договорот со Бугарија.

„Власта да не се обидува да опструира, туку да смогне демократски капацитет и да дозволи народот да се изјасни“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, во петокот, кога координаторот на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ Никола Мицевски соопшти дека ја доставуваат иницијативата во парламентот, потпишана од партискиот лидер Христијан Мицкоски, на прашање од новинар до кого е доставена иницијативата, рече: „Собрание на Република Северна Македонија“. Дали мислеше на печатот ставен на иницијативата, останува нејасно.

Според службите на кабинетот на спикерот, Талат Џафери во петокот заминал на пат во странство и не ја видел иницијативата, со напомена дека јавноста навремено ќе биде информирана за неговиот став.

Според поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, иницијативата нема причини да не ги мине собраниските филтри, бидејќи, рече, таа правно е чиста како солза и не допира прашања за кои е предвидено бадинтерово изјаснување за кои пак, не е дозволен рефрендум.

П.Џ.

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе