КЛИК ПЛУС НА ТВ21

Димовски: Не преговараме со ДУИ, само комуницираме, но не се откажуваме од формирање влада

ВМРО-ДПМНЕ ја исклучува широката коалиција како опција за формирање влада, не преговара со ДУИ, туку само комуницира, но не сака да се откаже од битката да формира влада, бидејќи за тоа има легитимитет, право и обврска кон граѓаните кои гласале за оваа партија. 

Со овој став на неговата партија излезе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на вечерашната дебата Клик Плус на ТВ21 „Кој прв до 61 пратеник?“, во која се соочи со аналитичарите Алберт Муслиу, Петар Арсовски и Александар Кржаловски.

Димовски ги демантираше информациите дека има разногласие во партијата со тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била поцврста отколку сега. Тој го бранеше ставот дека најрационален пристап во сегашната ситуација е отворање разговори за нови брзи предвремени избори.

„Има три можни сценарија. Широка владина коалиција, но немаме позитивни искуства од таква влада, коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со 61 или 63 пратеници, а хипотетички можна е и коалиција меѓу СДСМ и ДУИ која нема да има легитимитет од мнозинството граѓани“, рече Димовски, додавајќи дека на политичка сцена нема партија што е пореформска од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на преговорите со ДУИ кажа дека 95% биле за употребата на јазиците, а за прашањето за СЈО рече дека било беспредметно.

„Нашиот став е јасен и непроменлив. Мандатот на СЈО нема да биде продолжен и тоа не е предмет на дебата. СЈО е политичка институција и во поглед на квалитето и во поглед на работата. Не работи правно туку е злоупотребена од СДСМ и тоа на сите им е јасно. СЈО имаше шанса да биде модел на реформа, но денеска е негативен пример“, рече Димовски.

Одговорот од Муслиу беше дека „апсурдно е политичките партии да не убедуваат дека ако на СЈО не му се продолжи мандатот сме направиле добро“.

Според Александар Кржаловски од МЦМС, етикетирањето на СЈО дава оправдување на кампањата на СДСМ дека сите други државни институции се исполитизирани.

Ставот на петар Арсовски, пак, беше дека не може да се очекува Владата да го пофали СЈО кога се знае зошто е формирано.

Во одбрана на Специјалното обвинителство застана и Алберт Муслиу.

„Политичките партии треба да инсистираат СЈО да ги преслуша сите снимки. Но, СЈО ги имаше сите можни сопки од институциите, вклучувајќи ја и аболицијата од претседателот“, вели Муслиу.

Што се однесува до варијантите за формирање влада, Муслиу е убеден дека на крајот ќе добиеме политичка влада и дека е дефтизам тврдењето оти не може да функционира со 61 или 63 пратеници, додека Арсовски вели дека треба да се исцрпат сите можности за формирање влада, иако не исклучува дека на крајот и нови избори може да се покажат како неопходно решение.

„Но, и да имa нoви избoри, пoтребите и барањата нa албaнските партии немa дa исчезнат", вели тој.

Кржаловски, пак се повикува на резултатите од анкетата, според кои, за граѓаните најприфатлива е влада на широка коалиција.

Димовски во вечерашната дебата призна дека сами направиле грешка што дозволиле да се креира анимозитет кон ВМРО-ДПМНЕ од страна Албанците.  

Нашите умни, работливи и чесни граѓани заслужуваат да имаат излез на „море" што се нарекува светски пазар.

повеќе

Како што транспортниот систем ја дефинира структурата на урбаното „ткиво", така половата поделба ја дефинира структурата на општеството.

повеќе

Киев не може да дозволи, ниту од морална, ни од правна гледна точка, нејзини претпријатија да бидат конфискувани.

повеќе