„2020 е година на предизвици, како на глобален, така и на домашен план, но истовремено и година која ја одбележаа многу важни пресвртници кога станува збор за стратешките приоритети на Северна Македонија. Зеленото светло за отворање на пристапните преговори од март годинава, заедно со членството во НАТО се историски успеси на Владата и на граѓаните. Се надеваме дека заедничкиот успех ќе биде комплетиран со усвојување на Преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годината“, изјавил Димитров.
Како што соопшти СЕПО, говорејќи за Извештајот од Европската комисија, Димитров кажал дека истиот претставува објективна и сеопфатна проценка на нашиот напредок, идентификувајќи ги областите на кои треба да ги фокусираме реформските активности. Во однос на предизвиците со кои што Македонија се соочува во светло на одржувањето на Првата меѓувладина конференција, Димитров порачал: „Како Европската Унија ќе се постави кон ова прашање - правото на македонскиот народ на самоопределување, ќе влијае врз тоа дали и понатаму ќе можеме на Унијата да гледаме како на заедница на вредности и принципи“.
Исто така, тој информирал и за мерките што Владата ги презема за подобрување на ИПА структурата, односно за капацитетите на апсорпција на ЕУ фондовите.