четврток, 18 април 2024

Планот за раст за Западен Балкан е план за европски стандарди во Македонија, велат експертите

Бесплатна интернет мрежа на јавни простори низ градовите, воведување електронски паричници, пристап до Европската платежна област – СЕПА, укинување на провизијата на банкомати во странство, зелени ленти на граничните премини, вклучување во европските центри за дигитални иновации, како и вклучување во набавките на неопходните медицински производи на ЕУ, се само дел од придобивките што ќе ги добијат граѓаните и компаниите со Планот за раст за Западен Балкан.

Објавено на

часот

Сподели

Инструментот на Планот за раст, што за целиот Западен Балкан изнесува 6 милијарди евра, ќе се реализира во периодот од 2024 до 2027, почнувајќи од оваа година па наредните 4 години и овие пари ќе бидат надополнување на инструментот за претпристапна помош ИПА 3, којшто веќе Македонија го користи, значително зголемувајќи ја финансиската помош за сите партнери од регионот, беше посочено на денешната средба со новинари за Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, од страна на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) со поддршка на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС).

Како што беше кажано на средбата, Планот за раст е можност за развој на компаниите, мобилност на младите, за посуштински секојдневни релации со членките од ЕУ, суштинско вклучување во пазарот на ЕУ. Борба против корупцијата и воспоставување подобар систем на владеење на правото, но и јасната порака од ЕУ дека сакаат да ги видат нашите граѓаните и држави внатре во Унијата.

Финансиската помош ќе биде поврзана со реформската динамика во секоја држава.

Владата на седницата во вторникот ја усвои Нацрт реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан и ја усвои усогласената верзија на Нацрт реформската агенда. Ажурираната Нацрт реформска агенда се споделува со Европската комисија со цел усогласување на листата реформски приоритети и мерки, со конкретни рокови предложени од македонска страна, со ЕУ. Усогласувањето на Нацрт реформската агенда меѓу Македонија и ЕУ ќе продолжи и во наредниот период и треба да се заврши најдоцна до 26 април 2024 година, а финалната верзија на Реформската агенда да се усвои најдоцна до средината на мај 2024. По утврдувањето на финалната верзија на Реформската агенда и усвојувањето од ЕК ќе се отвори можноста за потпишување на договорите за инструментот за реформи и раст и за заем и со тоа поднесување Барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од 7 проценти од алокацијата за нашата држава, од вкупно 850 милиони евра.

„Реформската агенда е важна, бидејќи државите членки на ЕУ не сакаат да го поддржат финансискиот пакет, без да биде усвоена реформската агенда, затоа што на овој план гледаат како на механизам за забрзување на реформите, нешто што подолго време се укажува дека земјите од ЗБ не прават доволно реформи. Механизмот е  да направат повеќе реформи за да добијат повеќе средства и повеќе пари. Со Планот за раст треба значително да се забрза ефектот од сите социо-економски придобивки од пат на земјава кон полноправно членство, и ова треба да биде надополнување и поддршка на процесот на преговори, не треба да биде негова замена, не треба да биде во судир со него, треба да биде како поддршка и надополнување на тој процес“, беше посочено на средбата со новинарите.

Исплатата на парите од Планот за раст предвидено е да се случува два пати годишно, а за Македонија приоритетите што беа договорени со Реформската агенда се однесуваат на пет приоритетни области – реформа во јавната администрација и управување со јавните финансии, дигитална енергетска и зелена транзиција и вложување во човечки капитал, деловно опкружување и владеење на правото.

ЕУ со овој план се заложува да примени една од најголемите инвестициски стратегии и за интеграција на регионот преку заедничка соработка и помош од вкупно 6 милијарди евра, две милијарди во грантови, 4 милијарди во поволни заеми, со цел да се помогне во реформите поврзани со економското приближување до европскиот стандард и приближувањето до заедничкиот пазар.

На самиот на лидерите на Западен Балкан во Тирана на крајот на февруари Европската Комисија (ЕК) презентираше 4 предлози со конкретни патокази, со кои, како што беше кажано на средбата, постои реална можност за забрзано пристапување и тогаш беше усвоена заедничка изјава со која лидерите се обврзаа да започнат структуриран дијалог со ЕК и земјите-членки, со цел да се спроведе овој План за раст.

За време на тој самит се одржа и министерски состанок на министрите за европски прашања како и на министрите за финансии и таму беа презентирани патокази на Планот за раст.

На средбата беше истакнато дека конкретни проекти кои биле презентирани на министерскиот состанок со Западен Балкан се – пристап до Единствената европска платежна област – СЕПА, што значи учество на сите држави од Западен Балкан во платежната зона на ЕУ што значи олеснето и повтино плаќање на трговија и услуги меѓу ЕУ и Западен Балкан, што е важно особено за македонската дијаспора која редовно испраќа пари во Мкедонија. Целта на оваа мерка е до крајот на 2024 државите да бидат подготвени за нејзино спроведување.

„Втората мерка се однесува на подобрување и воспоставување зелени коридори и подобрена царинска соработка, или популарно наречените зелени ленти на граничните премини за возила кои носат производи или кои работат на трговија. Целта е да се намали времето на чекање, да се зголеми трговијата, а со тоа и економскиот развој. Она што е важно е што ова не го опфаќа само регионот на Западен Балкан, значи не се воспоставува само од државите од регионот, туку секоја држава што граничи со држави од ЕУ има право да побара, односно одбере еден граничен премин на кој ќе се воспостави зелена лента со државите членки од ЕУ. Северна Македонија побарала тоа да биде за граничкиот премин Богородица кон Грција и тоа било прифатено“, беше појаснето на средбата.

Третата мерка што беше презентирана во Тирана и на која сега се работи е – бежична Интернет мрежа за јавни простори во градовите, што треба да овозможи бесплатен интернет пристап до граѓаните на јавни прстори и објекти во 500 општини во целиот регион, до крајот на годината со финансиска помош од ЕУ од 7,5 милиони евра.

„Сѐ уште се дефинира начинот на којшто ќе аплицираат општините. Се предлага тоа да биде на принцип прв дојден прв услужен, на јавен повик, но државава побара да се прифати квота, секоја држава да има број на оштини кои ќе добијат грантови за бесплатен интернет на јавните простори“, беше објснето на средбата.

Четвртата мерка вклучување во европските центри за дигитални иновации што ќе овозможи забрзана дигитална транзиција на малите и средни претпријатија, на старт-апите и на јавниот сектор, а се разгледува и вклучќување во стратешките медицински набавки на ЕУ, а тоа е да бидеме вклучени во системот на набавките на ЕУ за стратешките медицински производи.

„Ова е сериозна шанса и за конкретизација на европската агенда и за конкретни придобивки на граѓаните од процесот на пристапување кон ЕУ пред членство – тоа е основната цел на овој механизам на Планот за раст, исто така забрзан пристап кон ЕУ со што секој ден суштински ќе стануваме дел од европскиот систем“, беше кажано на средбата со новинарите и СЕП со поддршка на УНОПС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ