Дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ е единствен начин за решавање на црковниот проблем, вели епископот бачки Иринеј

Актуелната општа состојба во Македонија и духовната потреба на верниците поттикнува и повикува на дијалог меѓу СПЦ и МПЦ како единствено исправен начин за решавање на проблемот, оценува епископот бачки Иринеј (Буловиќ).

Во интервју за српскиот неделник „Печат“ објавено на сајтот на Бачката епархија, епископот Иринеј, кој е духовен отец и еден од најблиските сoработници на српскиот патријарх Порфириј, вели дека е неопходно да продолжи дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ за надминување на отвореното црковно прашање.

Според него, веќе нема, како што го нарекува, судско-полициско насилство врз Јован Вранишковски,  првиот архиереј на автономната од СПЦ, ПОА, нејзините свештеници, монаси и верници. Сепак, забележува дека сѐ уште не била спроведена одлуката на судот во Стразбур за регистрација на ПОА.

„Сметам дека без оглед на овие негативни нуспојави, општата атмосфера кај нашите јужни соседи, а пред сѐ неопходната духовна потреба овозможува продолжување на дијалогот меѓу нашата Црква и Црквата која е во раскол. И не само што го овозможува, туку нè охрабрува и не повикува на дијалог како единствен правилен и ефективен начин за надминување на овој повеќедецениски проблем. Единството на Црквата и нејзиниот канонски поредок се најголемиот Божји дар за нас и, истовремено, најважната задача и подви“, вели епископот на СПЦ, Иринеј бачки.

Повикот за возобновување на дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ доаѓа по неодамнешниот прием на епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј во придружба на монаси и монахињи кај вселенскиот патријарх Вартоломеј, што од претставници на Фанар беше оценето како голем чекор на Вселенската патријаршија за решавање на црковното прашање и признавање на МПЦ-ОА.

Приемот на епископот Партениј кај вселенскиот патријарх Вартоломеј следуваше по посетата на Атина каде што присуствуваше на вечерна служба и на Божествена литургија во црквата „Св. Пантелејмон“, најголемиот храм во грчката престолнина, како и на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика, со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција г.г. Јероним.

Српската православна црква, претходно преку викарот на патријархот Порфириј, епископот моравички Антониј, се закани дека е можен раскол со Вселенската патријаршија ако биде признаена автокефалноста на МПЦ-ОА.

СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината афтокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј.

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе