Евроамбасадорот вели дека има одредени важни постигнувања на патот, но многу повеќе е потребно. Тој се согласува со тоа дека има силна јавна загриженост за начинот на избор на новиот шеф на обвинителството за организиран криминал.
„Тоа е загрижувачки. Но, она што сега ни треба е оваа канцеларија да испорача. Во сферата на корупцијата има многу актери и сакаме да ја видиме таа канцеларија да продолжи со работа. Конкретно оние случаи кои се преземени од СЈО да имаат напредок. Но, сакам да споменам дека има и други актери, некои институции и индивидуалци играат важна улога во прогресот. Извештајот за напредокот ги споменува Државната комисија за спречување на корупција, или Државниот завод за ревизија, тие и двете играат позитивна улога. Но, и таму мораме да го поставиме прашањето зошто препораките на овие две институции не се следат систематски. Мораме да очекуваме повеќе“.
Гир за време на интервјуто неколку пати ја изрази разочараноста од брзината на прогресот во владеењето на правото, иако има некои постигнувања. „Ви реков дека е важен процесот со судии и обвинители заради јавната доверба. Она што очекуваме, за да биде јасно е новиот шеф да обезбеди канцеларијата да испорача во однос на одлучност, професионализам и напредок на случаите преземени од СЈО. Но, целото прашање за корупција и организиран криминал, особено корупцијата, мора да биде адресирано на еден систематски начин. Затоа ја споменав работата на ДКСК, ДЗР и потребата да се следат нивните препораки. Ќе ја искористам приликата да ја потенцирам и важната работа и улога на новинарите, конкретно на истражувачките новинари“, изјави Гир во интервјуто за Агенда 35.