Да се отвори европскиот пат за Северна Македонија, побара Ципрас од Париз

Кога беше постигнат Договорот од Преспа во 2018, за Северна Македонија „се отклучи“ перспективата за проширување, паралелно давајќи ѝ импулс и на албанската европска перспектива, а придонесе и за нов моментум во развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ако повторно ја изгубиме оваа динамика, ќе биде многу тешко одново да ја вратиме, вели лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер, Алексис Ципрас во неговиот говор за проширувањето на ЕУ, на настан во францускиот Сенат.

Како што јавува МИА од Атина, Ципрас од Париз побарал да се отвори европскиот пат за Скопје и Тирана, изјавувајќи дека Унијата „не може да биде силен геополитички фактор на меѓународно ниво, доколку не е кредибилен фактор во нејзиното соседство“.

„Како можеме да поддржиме политичка стабилност и економски развој во Ирак или Авганистан или во Мали, па дури и во Украина, ако не можеме да ги исполниме нашите обврски за поддршка на европските земји кандидати за членство? Како може ЕУ на кредибилен начин да ги поддржи изгледите за решавање на меѓународните спорови, кога не може да поддржи една европска земја како Република Северна Македонија, која придонесе во решавањето на долгогодишно европско прашање?“, запраша Ципрас и додаде дека наспроти тоа, доколку на меѓународната заедница ѝ се покаже дека „европската интеграција на Западен Балкан, исто така, значи обезбедување мир, стабилност и просперитет за регионот“, тоа ќе даде јасна глобална порака за успехот на ЕУ, 20 години по војната во Југославија.

Ципрас истакна дека во 2018, потпишувањето на Договорот од Преспа, даде нов импулс во европската перспектива на Западен Балкан, по четири години стагнација.

„Зоран Заев, како премиер беше доста храбар да најде компромис со мене за името, а истото го стори и со Бугарија, иако ја знаеше тешката политичка цена. Причината, зошто ние и нашите министри за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров, успеавме да стигнеме до овој договор беше затоа што го базиравме на взаемно почитување и заемно прифатливи решенија. Ние не ги префрливме проблемите за далечната иднина, не ја фрливме топката на следниот. Не се обидовме меѓусебно да се измамиме или да играме политички трикови. Не игравме на лесната карта – националистичкиот популизам што другите политички сили го користеа и го користат во нашите земји. Ние го почитувавме меѓународното право“, рече Ципрас.

Лидерот на СИРИЗА додава дека „ако се награди Зоран Заев и народот на Република Северна Македонија, ќе биде порака за сите други лидери од Западен Балкан и поширокиот регион“, објаснувајќи дека тоа ќе биде порака до Албанија да направи уште повеќе чекори во владеењето на правото и за правата на грчкото малцинство, дека ќе биде порака до лидерите на Белград и Приштина да го решат косовското прашање, но и порака до босанското раководство за стабилност.

„Од друга страна, ако процесот на пристапување остане замрзнат, пораката ќе биде јасна: Европа не ги наградува лидерите кои што се реформисти или кои постигнуваат компромиси“, порачал Ципрас.

МИА

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе