Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, 21-от ден од третиот месец, како симбол за трите копии на 21-от хромозом што ги носат лицата со Даунов синдром, е само еден од низата поводи кој нè потсетува што сме направиле за лицата кои живеат со оваа состојба и кои се идните чекори кои треба да ги преземеме за обезбедување на нивен рамноправен и квалитетен живот, вели Пендаровски.
Тој нагласува дека со цел непречено интегрирање на лицата со Даунов синдром во целокупното општество, потребна ни е планирана и координирана реализација на активностите на сите засегнати страни: државните институции, здравствените установи, образовните институции, социјалните центри и граѓанските организации.
„Изразувам безрезервна поддршка на сите родители и семејства на лицата со Даунов синдром и благодарност до сите институции и поединци кои се вклучени во нивниот едукативен процес, медицинска нега и социјална заштита.
Нашиот однос кон лицата со попреченост е уште еден тест на декларативните заложби за изградба на инклузивно општество во кое подеднакво се уживаат човековите слободи и права“.