Пратеничко прашање и одговор од премиерот

Чиј имот штити Ковачевски, праша Петрушевски, а доби одговор дека ВМРО-ДПМНЕ е докажано криминална партија

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, кој деновиве одржува прес-конференции на тема „тајни имоти на владини функционери“, на собраниска седница го праша премиерот Димитар Ковачевски како е можно 123 владини функционери да не пријават имот во Антикорупциската комисија, оценувајќи дека се работи за системско криење на имот. Од премиерот доби одговор дека „белата палата“ има и судска потврда дека е стекната со криминал и обвини дека неодамна токму ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски влегоа во афера поврзана со тендери во Град Скопје.

„Дури 123 функционери кријат 30 милиони евра вреден имот со месеци, а дел од нив и со години, односно не поднеле анкетни листови иако за тоа имаат законска обврска. Со месеци па дури и со години ДКСК не покренала постапка. Дали со ова се праќа порака дека може да се прави криминал и доколку си член на СДС И ДУИ нема да одговараш. Што се крие и кој се крие во аферата тајни имоти, па власта се спрегна во релативизирање, пуштајќи дури и тези дека не се работело за првиот ешалон на власта, туку за вториот или третиот", рече во своето пратеничко прашање Петрушевски.

Според него криењето на имот од над сто функционери не може никако да е случајност, туку тука постои основано сомнение дека се работи за системско криење на имот.

„И веќе четврти ден наместо одговорност и оставки од функционерите, гледаме бледи соопштенија и обиди за маргинализирање на случајот. Доколку не станува збор за системско криење, тогаш Ковачевски треба да побара пресек од Антикорупциска комисија на сите функционери кои не пријавиле имот и истите да ги разреши веднаш затоа што не го почитуваат законот", рече Петрушевски и додаде дека доколку тоа не го направи премиерот дека ќе фрли сомнеж за системско криење на имот.

„Едноставно не може да не знаеле дека имаат законска обврска да го пријават имотот", рече Петрушевски и упати потпрашање до премиерот: „Зошто ги штитите функционерите кои кријат имот или и самите криете имот стекнат преку аферата 'броило'.

Премиерот Ковачевски на ова прашање одговори дека токму со судска пресуда е докажано дека „белиот дворец“ на ВМРО-ДПМНЕ е криминален имот.

Тој потоа рече дека  дворецот што вреди седум милиони евра е стекнат незаконски и со криминал врз грбот на граѓаните.

„Тоа значи дека тие кои тогаш биле на власт, краделе од граѓаните, граделе имот, се луксузирале, и на незаконски начин изградиле објект додека граѓаните тонеа во сиромаштија и долгови, во време кога минималната плата беше 9.000 денари двојно помалку од денес, кога социјалната помош беше три пати помала од денес. Се злоупотребувале милионски суми на пари, се злоупотребувале процедурите, Деталниот урбанистички план за таа зграда е три пати менуван за да може ВМРО-ДПМНЕ да добие 12.000 квадратни метри за седиштето, а на местото на станбена зграда, да никне хотел. Таа шема е докажана на суд“, нагласи Ковачевски и порача ВМРО-ДПМНЕ прво да погледне во сопствениот двор.

Премиерот нагласи дека секој државен функционер мора да го пријави до Државната комисија за спречување корупција и за тоа, рече, нема отстапка.

„Секој функционер, без разлика од која политичка партија доаѓа, без разлика на која државна позиција е должен согласно закон, да поднесе анкетен лист за сѐ она што го поседува до Државната комисија за спречување корупција. Сите оние кои не го сториле тоа во законскиот рок треба да бидат санкционирани согласно законот. И од тоа никој никогаш не добил заштита ниту од мене, ниту од кој било друг член на Владата. Се што јас поседувам сум го стекнал низ 22 годишната кариера и сето тоа е пријавено во ДКСК и секоја промена навремено е доставена до ДКСК“, изјави Ковачевски и додаде дека станува збор за фабрикувана афера бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата и  градоначалничката на Град Скопје се најдоа во сртедиштето на огромна афера поврзана со тендери. 

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе