Има ли подолу од ова?

Бугарија-Македонија 17:2, или што сѐ продадовме со овој договор

Македонските функционери ставија потпис на сѐ што беше побарано од нив, дури и на работи што немаа никакво право да ги потпишат, и постојано ја лажат јавноста. Има ли подолу од ова? Била ли Македонија попонижена во историјата?

Потпишан, конечно се објави Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Протоколот вчера се потпиша, а вечерта беше и објавен македонскиот превод. За бугарската верзија, за која пишувавме на 11 јули, МНР тогаш соопшти дека се работи за стара и неконечна верзија.

А разликите се речиси безначајни.

На викенд-брифинзите на Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Македонија, потврди дека мора да има промени во македонскиот Устав за почеток на реалните преговори (отворање на кластерите, а не скринингот), дека од наредната година мора да се одредат датуми за заедничко славење на заеднички празници, а до 2025 да се усогласат измени во учебниците за кои ќе се договорат членовите на мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања...

Самуил сепак бил „договорен“

Од Протоколот се гледа дека Заедничката комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија сепак постигнала некаков договор за цар Самуил.

Шефот на македонската делегација во таа комисија, академикот Драги Ѓоргиев, неодамна тврдеше дека нема договор за Самоиловата држава дека е бугарска.

И покрај тоа, Османи потпиша документ во кој се вели дека Македонија „ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение... на тема Самоилова држава“, според препораката на Комисијата.

Ова значи дека историчарите нешто веќе договориле за Самуил, а ние по тој урнек „само“ ќе треба да ги смениме лекциите во учебниците по историја.

А Ѓоргиев пред само неколку дена тврдеше дека „сѐ што е објавено за работата на Комисијата и содржината на текстовите што се усвоени за заедничко чествување на цар Самуил е апсолутно неточно“ и дека „Комисијата никогаш не усогласувала текстови за да бидат тие ставени на различни спомен-обележја, споменици или тврдини“.

Ова е само дел од лагите со кои јавноста деновиве беше преплавена од македонски функционери дека протоколот ќе се објави во понеделник (само што не кажаа кој понеделник), дека она што се објавува по бугарските медиуми е неточно, дека тоа се нацрт-верзии, дека има измени, дека македонскиот идентитет и јазик се заштитени...

Вистината е дека Бугарија нема мрднато од ставот дека не го признава македонскиот јазик и дека тоа постојано ќе виси по европските документи. Секое споменување на македонскиот јазик таму ќе биде придружено со ѕвездичка дека за Бугарите тој не постои.

Како па нам да ни е клучно што мислат или што некогаш мислеле Бугарите.

Разлика во документите меѓу Македонија и Албанија

Во документите за отворање на преговорите за пристапување на Албанија нема никакви задршки, фусноти ниту какви било други „креативни решенија“.

Документот за Албанија е со ист датум, 17 јуни 2022 година, кога беше објавен и првичниот предлог на преговарачка рамка за Македонија, кој Владата го одби, а потоа дојде видоизменетиот француски предлог, кој сега е срдечно пречекан од власта, ама не толку срдечно од опозицијата. Сепак, јавноста не ја доби шансата да ги спореди „измените“.

Во однос на пограничниот спор меѓу Грција и Албанија во документите за Албанија предлог-преговарачката рамка за Албанија нема никакви други дополнителни услови. Се нотира само посветеноста на Албанија за решавање на граничниот спор со Грција, за што двете земји веќе имаат постигнато договор да се реши со арбитража. Без никаква условеност со другите процеси.

За Македонија важи условот прво да го смени Уставот, во него да ги внесе Бугарите, без што земјата нема да може да го продолжи процесот.

Споредбата на документите меѓу Албанија и Македонија јасно ги дава разликите и преседанот направен за нашата земја.

Во македонскиот случај тоа се две меѓусебно поврзани меѓувладини конференции. За Македонија преговарачката рамка ќе биде презентирана на Втората меѓувладина конференција или „веднаш штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени…“.

Албанија ги почнува преговорите со Првата меѓувладина конференција, на која ќе биде претставена и преговарачката рамка.

Од тука натаму, патиштата на Македонија и на Албанија во однос на евроинтеграциите се одвојуваат.

Ова во Бугарија беше протолкувано како голема победа на бугарската дипломатија затоа што Брисел и Вашингтон веќе нема да можат да ја обвинуваат Софија дека е виновна за кочењето на интеграцијата на Западен Балкан. За тоа од сега, се разбира, ќе биде виновна Македонија, ако не прифати барем едно од безумните бугарски барања. (Значи, ем ќе немаме напредок, ем ние ќе бидеме криви за тоа.)

За бриселските демократи, се работи за „креативно решение“.

За разумните бриселски аналитичари ова значи неколку работи:

1. Дека Европската Унија ја изневерила Македонија и своите сопствени принципи.

2. Дека ЕУ којзнае зошто (или само затоа што е членка) ѝ попушта на Бугарија и дека ова ќе отвори опасен преседан за другите членки на ЕУ што имаат спорови со соседите.

3. Дека Македонија воопшто нема да се движи напред кон членство и дека вечно ќе остане во таа фамозна чекалница за ЕУ во која се наоѓа веќе, како што ни се чини, „сто“ години.

Македонија во документите од францускиот предлог ја има обврската особено внимание да им посвети на „заштитата и недискриминирачкото постапување кон граѓаните што им припаѓаат на малцинствата или заедниците, за да се осигури неповратност на напредокот во овие области и негово целосно и ефективно спроведување, Комисијата (ЕК) ќе продолжи внимателно да го следи напредокот и редовно ќе го известува за тоа Советот (Советот на ЕУ)“.

Никаде ни збор за почитувањето на правата на македонското малцинство во Грција, во Бугарија, за пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на одбраната на правата на Македонците во Бугарија. Реципроцитет?!

Еве уште една разлика меѓу Македонија и Албанија.

Обврските за добрососедски односи и регионална соработка за Албанија се во форма на општите формулации присутни и во преговарачките рамки и за други земји. Воведната изјава за Првата политичка меѓувладина конференција во овој дел за Македонија е сосема различна. Тука се споменува и Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија и директно се посочува на „Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој договор“.

И во воведната изјава од Втората меѓувладина конференција за Македонија има уште едно потсетување „на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатерални договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“.

Фундаменти

Во преговарачката рамка директно се вметнати барањата на Бугарија. За македонската страна се работи за формален аспект, со што експертската јавност, и домашна и меѓународна, не се согласува. За нив, ваквото внесување на барањата на една страна е ризичен потег. Но македонската страна и на ова стави потпис.

Во Протоколот пишува дека двете држави треба да разменат копии од сите образовни програми, учебници, учебни помагала и други релевантни учебни материјали во образовните програми на двете држави.

Македонија стави потпис и на тоа дека треба да се изврши рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период и да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите.

Никој од македонска страна не побара да има и извинување од Бугарија за злосторствата и репресиите на бугарскиот фашистички режим на македонска територија и да им се извини на илјадниците потомци на жртвите од бугарските фашисти. Освен тоа, можело да се побара и отворање на процес за репарација за извршените штети.

Во Протоколот пишува дека двете држави прифаќаат во 2022 и 2023 да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од членовите на Заедничката комисија. А ако има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности…

Владата на Македонија се согласи до почетокот на учебната година 2023-2024 да ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение, поради „неосновани етнички/територијални претензии“.

Се согласи да се подготват текстови за лекции според препораките на Комисијата за настани и историски личности од заедничката историја, за кои Комисијата постигнала согласност. И тоа ќе треба да биде дел од соодветните учебни програми, учебници и други релевантни учебни материјали, по што ќе треба да се сменат и натписи на табли, историски споменици, споменици и информациски материјали во музеи и други објекти од образовно и културно значење, како и во информативни медиуми во јавна сопственост (читај: сѐ).

До средината на јули наредната година експертите ќе треба да го завршат прегледот на средниот век (!), а двете држави наскоро ќе ги одобрат препораките на Комисијата за целиот период што го опфаќа средниот век. Значи некои препораки се веќе усогласени, а јавноста и за тоа нема поим!

Што велат експертите?

Засрамен сум од континуираното предавство на ЕУ кон Северна Македонија, напиша на својот твитер-профил германскиот европратеник Рејнхард Бутикофер.

Гералд Кнаус, експерт за евроинтеграции, ја демантираше претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лаен и напиша: „Македонија нема да се движи напред кон членство. Европската Унија не покажа посветеност кон своите вредности. Ова не е успех и тоа наскоро ќе стане многу јасно“.

Никола Димитров, поранешниот македонски министер за надворешни работи и потписник на Преспанскиот договор, за францускиот предлог вели „Од историчарите, а не од реформите ќе ни зависи ЕУ иднината. Да се крие протоколот е голема измама, како што впрочем беше измама и целото салто мортале од она историско НЕ во ова ДА, за предлог што е апсолутно суштински идентичен со одбиениот. Немаме право на наивност. Тоа што е битно се документите. А во документите јасно стои дека протоколот (овој вториов) е суштински дел од пристапниот процес... етнички инженеринг како нескриена амбиција на официјална Софија... Минимум одговорност во вакви историски моменти“, напиша Димитров.

Во заедничката колумна на Димитров и Флориан Бибер објавена во ЕУ обзервер пишува: „Преговорите за пристап на Северна Македонија во ЕУ се гнил договор. Двојните стандарди се фрапантни. Бугарија не само што одбива да спроведе неколку пресуди на Европскиот суд за етничките Македонци во Бугарија, туку и одбива да го признае постоењето на македонскиот јазик“.

Има ли подолу од ова?

Македонија претрпела безброј понижувања низ историјата, нејзиниот народ многу ѕверства и јареми. Сега, во 21 век, со освестен народ, изградена држава, кодифициран јазик, се најде силеџија што враќа средновековни прашања и застарени теми.

А Македонија сега има и глупави луѓе што радосно и триумфалистички ја потпишуваат капитулацијата.

Па има ли подолу од ова? Била ли оваа земја попонижена некогаш во историјата? 

А.Д.

Објавено

Понеделник, Јули 18, 2022 - 16:38

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе