Брисел

Бугарија го блокира и договорот на ЕУ со Македонија за Фронтекс

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон потврди дека е во контакт со бугарската влада за да се најде решение за блокадата од Софија на договорот за Фронтекс со Македонија, јавува МИА од Брисел.

Дипломатски извори за агенцијата велат дека Северна Македонија не може да го финализира договорот за гранично управување со ЕУ поради билатералниот спор со Бугарија. ЕУ почна да ги склучува овие договори со земјите од Западниот Балкан за да ги интегрира во граничното управување со цел спречување на „нерегуларна миграција“. Според истите извори, засега само Албанија го има финализирано, Црна Гора е на добар пат, а Северна Македонија би требало да го склучи штом се решат несогласувањата со Бугарија.

Еврокомесарката Илва Јохансон за МИА потврдила дека работи на случајот.

„Се надевам дека ќе го склучиме договорот за Фронтекс со Северна Македонија што е можно побрзо, го отворив ова прашање со премиерот на Бугарија за да можеме да напредуваме затоа што е многу важно“, вели Јохансон.

На брифинг со бриселски дописници таа кажала дека соработката со земјите од Западен Балкан е клучна не само поради тоа што се наоѓаат непосредно на надворешните граници на ЕУ, туку и затоа што имаат перспектива на полноправно членство во заедницата.

На состанокот в четврток министрите за внатрешни работи ќе разговараат за менаџирање на миграцијата, договорите со Фронтекс за гранично управување, организираниот криминал и трговијата со луѓе. Запрашана дали Европската комисија е запознаена со фактот дека некои од лицата кои „превезуваат“ мигранти го прават тоа за мали пари и за опстанок, Јохансон порача дека е свесна дека некои од тие лица не се „крупните риби“, но дека борбата против трговија со луѓе преовладува.

„Дури и да се занимавате со криминални активности за преживување, тоа останува криминално, тоа не го исклучува фактот што се дел од големи мрежи, според извештајот на Европол многу луѓе работат за тие мрежи, можеби тие не се крупните риби, но се дел од нив, и дури ако не се свесни колкава е структурата, сметам дека треба борба против трговијата со луѓе дури и кога не се крупни риби“, изјави Јохансон.

На средбата ќе се разговара и за „лажните“ баратели на азил од самите земји од Западен Балкан кои во ЕУ поднесуваат барања кои имаат речиси непостоечки шанси да бидат прифатени.

Јохансон вели дека бројот на овие „неоправдани“ барања за азил од Западен Балкан не претставува веќе крупен проблем како што беше случај до пред неколку години и дека соработката со властите во регионот е добра.

 

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе