Според текст на демографот Блага Белчева

Бројот на Бугарите во Македонија е под 1 отсто - и во 1948, и во 1961, и во 2021 година (ФОТО)

Во 1961 година 71 отсто од населението во Македонија биле Македонци, 13% Албанци, 9% Турци, а 7 отсто од населението биле припадници на, како што пишува во тогашните документи, други народности од словенско и несловенско потекло од југословенските и нејугословенските народи и народности.

Според овие текстови, од тие 7 отсто, 42.000 биле Срби, 11.000 Хрвати, Црногорци и Словенци, 3.000 муслимани (по етничка припадност), 20.000 Роми (тогаш „Цигани“) и други, главно Бугари, Руси, Унгарци и Романци, пишува во текстот „Некои демографски карактеристики на бугарското население во СР Македонија во 1961 и 1971 година“, од Блага Белчева, тогашен демограф во Заводот за статистика.

Според текстот, во 1961 во структурата на населението на Македонија, Бугарите не учествувале ниту со еден процент и затоа податоците за нив се искажуваат во групата „останати народности“.

Во 1948 година во Македонија биле регистрирани 889 Бугари, во 1953 - 920, а во 1961 - 3.087.

Во 1948 од 889 Бугари, 563 биле жени. Според пописот од 1953 година, од вкупниот број Бугари 520 биле жени, а во 1961 од 3.087 лица 1.713 се жени. Тоа значи дека во повоените години се доселувале повеќе машки лица отколку женски, заклучиле статистичарите од тој период.

Во 1961 година од сите регистрирани Бугари најголем број живеат во скопската околија, и тоа главно во општините Идадија (311), Кисела Вода (178) и Петровац (150), потоа во Т.Велешката околија 715 лица, од кои во Градско 383, во Штипската околија 598, Кумановска околија 454... Најмалку Бугари се регистрирани во Битолската околија, вкупно 101, и во Тетовско, 155 лица.

Во Битола Бугарите се дојдени од Врањски Срез (18) и од странство (15). И во Куманово најмногу се дојдени од Врањски Срез.

Во Скопје имало 652 Бугари, од кои 367 биле дојдени од Врањски Срез и 132 од други места од СФРЈ и од странство. Во некои села имало голема концентрација на население од бугарска народност - Росоман 334, Сирково 30, Пухче 100, Арачиново 26, Бутел 67, Белимбегово 22, Бунарџик 27, Долно Коњаре 13, Миладиновци 36, Мршевци 17 и Текија 18, Голема Црцорија, Доброво.

Во СРМ живееле 2.957 лица доселени од Бугарија регистрирани со пописот 1961. Тие главно биле доселени во периодот од 1940/41 – 1.224 лица, 610 се доселени пред 1941, 773 доселени во периодот од 1946-1953, а останатите 340 се доселени по 1953. Најголем број од нив не биле Бугари, вели текстот. Бугари доселени од Бугарија во СРМ имало само 283 лица.

Во Југославија според пописот од 1961 година живееле 62.624 Бугари, од кои во Србија 54.391, во Војводина 3.852, Хрватска 593 лица... Во Србија најголем број Бугари живеат во Врањски Срез и Нишки Срез.

Бугари родени во СРМ имало 279, според статистичките документи од 1961 година, во кои пишува дека преку половина од Бугарите во Македонија имале поволна демографска структура, преку половина од вкупниот број биле работоспособни и активни, главно вработени во општествениот сектор (висок процент на вработеност на бугарското население 75% од активните), а просекот во Македонија на активно население тогаш бил 39%. Учеството на Бугарите во вкупно вработените бил 0,5%, а во вкупното население учествувале со 0,2%.

Карактеристично за СРМ е дека сите лица дојдени од други републики имале повисока економска и образовна структура отколку автохтоното население на СРМ.

„Оваа национална групација во СРМ по школските карактеристики во просек била на повисоко ниво отколку другите жители на СРМ. Школувано население во СРМ имало 68.142 на 1.406.003 население или 4,8%, додека Бугарите во СРМ имале 701 школувани лица на 3.087 жители или 22,7%“.

Бугарите населени во Македонија дошле главно од неразвиени подрачја, за разлика од Хрватите и Словенците, кои дошле од поразвиени краеви. Бројот на Бугарите доселени од Бугарија е занемарлив бидејќи од Бугарија директно се доселени само 2.957 лица, а од нив само 283 биле Бугари.

Според последниот попис (2021), во Македонија живеат вкупно 3.504 лица што се изјасниле како Бугари.

Бројката на оние што се изјасниле дека дома вообичаено зборуваат бугарски е 762 лица, односно повеќе од четири пати помалку од бројката на Бугарите во Македонија. Оваа бројка е приближно двојно помала од бројката на лицата што се изјасниле дека мајчин јазик им е бугарскиот, односно такви се 1.519 лица што живеат во земјава.

Тие 3.504 попишани како Бугари сочинуваат 0,19 отсто од вкупното резидентно население на земјава. Поделено по пол, 2.121 од изјаснетите како Бугари се мажи, а 1.383 се жени. Само 328 лица од Македонија се пријавиле за гласање на изборите во Бугарија во април 2021 година.

А.Д.

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе