Божиновски во Шутка штрајкува со глад, ЗНМ и ЕФН бараат итно ослободување

Новинарот Зоран Божиновски на 14 септември почнал штрајк со глад во истражниот затвор во Шуто Оризари поради неоправдано продолжување на притворот и одолжување на судскиот процес, информираше денеска претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

Затворската управа знаела за тоа, но ни адвокатот на Божиновски ни Народниот правобранител не биле информирани и покрај барањето на новинарот.

„Ја повикуваме судијката Сандра Крстиќ веднаш да го укине притворот на колегата Божиновски, а во спротивно неа ќе ја сметаме за одговорна за евентуалните последици по здравјето и животот на колегата. Исто така, го повикуваме Народниот правобранител да го посети Божиновски во затвор и навремено да ги предупреди институциите за последиците, ако не постапуваат соодветно на ситуацијата“, изјави Селмани.

Тој на денешната прес-конференција беше придружуван од генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерес.

„Ние сме многу загрижени за неговата здравствена состојба која е сериозно влошена откако изминатите седум дена одбил да прими и храна и вода. За една недела тој е ослабнат 20 килограми и дневно прима два пати инфузија за да се одржи во живот“, потенцираше Селмани и додаде дека нема сомневање оти процесот со Божиновски е политички процес на власта за да замолчи еден новинар.

Поддршка за ослободување на Божиновски даде и Гутиерес.

„Иако побаравме од Кривичниот суд дозвола да го посетиме Божиновски, одговор не добивме. Овој случај го пријавивме и во платформата за новинари на Советот на Европа. Досега од Македонија на оваа платформа имаме пријавено случаи за осум новинари врз кои било извршувано заплашување или биле уапсени, што е двојно повеќе од Албанија, на пример за која имаме пријавено само четири случаи. Македонија на 13 март 2016 година ја потпиша декларацијата за заштита на новинарите и затоа ја прашуваме македонската влада што направила за подобрување на состојбата со новинарите во земјата и зошто продолжуваат притворите кон новинарите и покрај тоа што власта ги потпиша препораките на Советот на Европа. Дури и владите на земји како Русија и Турција одговараат кога ние алармираме“, изјави Гутиерес.

 

Реформи во образованието секако дека се потребни, но тие треба да се базираат на цврсти докази поткрепени со позитивни резултати за напредок.

повеќе

Кога ќе се каже Западна Европа, во Македонија се мисли дека се работи за место каде што царува сознанието.

повеќе

Постојат кафе барови каде стои натпис дека немаат интернет па препорачуваат луѓето да си прават муабет како порано. 

повеќе