ИНТЕРВЈУ

Билјана Ванковска: Очекувам Иванов да му го даде мандатот на Заев зашто така налагаат словото и духот на Уставот

Надежите на некои кругови дека Иванов може и треба да биде последниот бедем за одбрана на државата не смеат да го заведат! Тој ниту располага со такви уставни овластувања, ниту пак е човек со харизма и масовна поддршка кај граѓаните. Сега треба само да си ги врши работите за кои е избран, ништо повеќе и ништо помалку. Македонија или ќе се консолидира брзо – или ќе се соочи со криза од историски пропорции.

Бидејќи изборите се борба на живот и смрт, од избори до избори, па Македонија наместо подемократска, станува сѐ послаба држава. Партиите се корпорации што постојат за правење профит. Создадени се услови за целосно самоволие на малите диктатори, во македонскиот и во албанскиот блок... Ова е само дел од дијагнозите на професорката Билјана Ванковска, која по подолг молк во медиумите (освен на Фејсбук) даде интервју за МКД.мк.

Вашите фејсбук-статуси често пати се сфаќаат како коментарите на оние двајца мрчатори, пензионери од ложата на Мапет шоу. Иако вашите пораки се сериозни и длабоки, на плодна почва наидуваат во зависност од таборот на кој му се допаѓа пораката. Како да дојдеме до тоа пораката да биде слушната од едно пошироко граѓанство?

- Ме насмеавте! Искрено, одамна престанав да се грижам кој како ги сфаќа моите ФБ-статуси и како ги (мис)интерпретира. Точно е дека од позиција на посматрач, човек може лесно да негодува и да критикува, но сепак се надевам дека јавноста не заборавила дека не така одамна сум била фактички активна во мејнстрим (класичните) медиуми, не одбивав дебати и соговорници, бев активна во многу граѓански иницијативи, па дури и направив еден политички исчекор. Реакциите во јавноста секогаш биле исти, без оглед на тоа каде и како сум дејствувала.

Во поделено општество, во еден црно-бел ракурс, секогаш некој ќе ве почитува или ќе се подбива со вас, ќе размисли за кажаното или ќе ве навреди. Мојата перцепција е дека повеќе разум и подготвеност за рационална размисла има кај т.н. обични луѓе, граѓаните, а дека злоупотребите и клеветите доаѓале од партиски мотивирани лица. Затоа, јас не се обѕирам на тоа кој како ме сфатил.

Во зависност од уредувачката политика, на ударни вести сте биле, условно речено, на двете страни.

- Забележав дека во последно време станав „популарна“ и „почитувана“ кај дел од медиумите што до пред две години ме ставаа на насловни страници не само како негативец, туку и со детали од мојот личен живот. Тоа, се разбира, не ми се допаѓа, особено кога ќе го стават во одреден партиски контекст, но не можам да го спречам. Токму затоа ја прифатив вашата покана за ова интервју, бидејќи ги прифатив аргументите дека на овој начин ќе се произнесам појасно и интегрално за важни прашања. Но во ваква заглушувачка атмосфера, исполнета со нетрпеливост, па дури и омраза, тешко е воопшто да бидете слушнати, дури и ако имате нешто паметно да кажете. Од тие причини и се повлеков во својата приватна сфера (Фејсбукот сепак го сметам за мој простор, кој доброволно го споделувам со други), пораки испраќам преку колумните во Нова Македонија, и толку!

- По инфлацијата кај дебатите, дојде до хиперпродукција на дебатни емисии во кои Вие веќе одамна не учествувате. Ги следите ли барем овие дебати?

-Она што се забележува во медиумската сфера е дека инфлацијата на дебатни емисии доведе до обратнопропорционален ефект во смисла на квалитетот на дебатите: или во ТВ-студија седат исклучиво истомисленици, или ако случајно некој успее да најде личности со различни ставови, „атрактивноста“ и гледаноста се подигнува со кавги и недолично однесување.

Јас лично се трудам да не ги следам овие дебати, кои се нижат на ТВ-програмата, од 19 часот, па доцна во ноќта, затоа што ме контаминираат, а не ме едуцираат или не ми даваат можност да согледам проблем низ повеќе аргументирани позиции. Можеби грешам, но мислам дека додека не мине оваа бура, нема да имаме услови за нормална демократска, полемичка, критичка, ама пристојна дебата. Можеби грешам, ама мислам дека голем дел од граѓаните би се сложиле со овој став: кризата веќе долго нè турка во самоизолација, во гледање турски серии или спорт и филмови, наместо следење дебати.

Како да излеземе од оние постојани меѓусебни обвинувања - а вие кога бевте на власт...

- Тој наратив го наметнаа политичарите од почетокот на парламентаризмот, а со цел да се амнестираат себеси од сите сторени грешки или злоупотреби на власта. Граѓаните, идентификувајќи се со „Ние“ и „Вие“, иако лично можеби никогаш не ѝ припаѓале на некоја од партиските опции, меѓусебните обвинувања и кавги ги преселија во семејствата, работните места и соседството. Интересно е што, сепак, ваквата практика е некако покарактеристична за македонскиот дел од општеството, ако можам така да кажам. Дури и на политичко ниво, токму деновиве гледаме дека тоа „Вие“ (поконкретно, режимот) се редуцира и се сведува само на едната компонента на коалицијата (на ВМРО-ДПМНЕ), додека неговиот сијамски близнак од албанскиот блок (ДУИ) е целосно прочистен и амнестиран, па така е прифатлив како партнер во нова (наводно реформска) влада.

Единствениот излез од меѓусебните обвинувања, односно лек за ваквата конфронтација на општеството, а во врска со гревовите (криминалите) на владите, се вика владеење на правото. Да беше досега воспоставен систем на одговорност на носителите на функции (политичка, правна, морална), ваквите релативизирања на казнивите поведенија немаше да бидат можни.

На пример, владата на Црвенковски не презеде никакви дејства против Љубчо Георгиевски, иако половина кампања се темелеше на корупцијата што владеела под неговата влада. Подоцна, Груевски се сложи за проширување на амнестијата за воени злосторства за осомничените и обвинетите од албанска страна, а со цел формирање влада. Нашите влади почивале и почиваат на пакт на ненапаѓање и заемно амнестирање, прогледување низ прсти и несанкционирање.

Заканите за „нема правда, нема мир“ се актуелни само во време на изборни кампањи, кога во манихејски манир, едните се олицетворение на Доброто, а другите на Злото. Она што досега сме го гледале било според српската народна изрека „врана врани очи не вади“. Сега е донекаде различно (со воспоставувањето на СЈО), ама сѐ уште само на декларативно ниво, и за жал повторно на уставно-правно сомнителен начин и со создавање паралелни институции (видете само што се случува во врска со финансирањето на изборните кампањи – ЈО отвора случаи за опозициските партии, а СЈО за оние што до скоро беа власт). Тоа сепак остава горчлив вкус на селективна правда. Со сите партиски и етнички пазарења, Уставот е сосема дерогиран, а постојано со изговор дека „ова е последен пат и се прави само за да се дојде до правдата“. Јас не верувам дека на неправен начин може да се дојде до правичен исход. Едно неправо раѓа друго, без оглед на образложението и претекстот.

Каде и кога во овие 25 години го загубивме здравиот разум на расудување за она што навистина ни се случува?

- Објективно земено, ова беа исклучително тешки и турбулентни години. Дури би била склона да кажам дека Македонија е релативен победник (поточно, некој што преживеал – survivor - и минал низ Сцили и Харибди), ако се има предвид во какви околности се етаблираа државата и институциите. Најчесто, чиневме грешки што моравме да ги сториме, т.е. би било невозможно да се избегнат, бидејќи ниту демократија, ниту пазарна економија не може да се инсталираат преку ноќ, одозгора или со копирање и со декрет). Ако ги тргнеме емоциите настрана, ќе треба да си признаеме дека за да имаме демократија, треба да имаме демократска политичка култура, која ќе овозможи позитивна селекција, создавање елити што нема да бидат семоќни во султан-партии, туку ќе бидат транспарентни, отчетни и одговорни пред оние што им даваат мандат да ја водат политиката.

Релативно лесно беше да се донесе Устав и да се конституираат институции (иако сега гледаме дека уставниот текст е далеку од совршен, а најчесто забораваме дека тој Устав беше менуван и под сенка од насилство); пазарна економија (капиталистички систем) е речиси невозможно да се изгради инаку освен преку криминална приватизација на општествениот капитал, а и тогаш таквиот економски поредок е соодветен на светската периферија, а не на светскиот центар. Стекнувањето демократски традиции и демократска свест, како и оснажувањето на граѓанството, се реално најтешката задача за секое транзициско општество – и бараат најмногу време.

Покрај внатрешните слабости и објективни хендикепи, Македонија веќе 1,5 деценија е предмет на меѓународен стејтбилдинг, односно на интервенции од „нашите верни пријатели“ (како што некои милуваат да ја наречат т.н. меѓународна заедница), а во насока на воспоставување етнички мир, хибриден консоцијациско-парламентарен систем и енџиоизација на цивилното општество. Сето тоа остави малку простор за автентично политичко живеење, учење демократија, градење граѓански капацитети и критичка свест.

Сами ја прифативме наметнатата теза „немаме друга алтернатива“ (освен НАТО и ЕУ), а притоа од истите тие организации бевме (и сме) ем дисциплинирани, ем наменски пофалувани, ама никако признаени и интегрирани. Со продлабочување на јазот помеѓу ветеното и очекуваното (од 1991 година, кога наводно требаше да доживееме слобода и развој, а доживеавме осиромашување, конфликти и социјална нееднаквост, но и меѓународна деградација), беа создадени услови за целосно самоволие на малите диктатори, во македонскиот и во албанскиот блок.

И сето тоа, со обилна помош на медиумската пропаганда. И сега сме тука каде што сме, а сепак не гледаме излез од кризата, без оглед кој ќе формира влада и за колку време: објективните параметри се истите, ако не и многу полоши од пред неколку години. На крајот, стејтбилдерите ќе си ги измијат рацете од кашата што ја создадоа со всадување на еден невозможен модел, кој нужно раѓа парализа, уцени и сегрегација, и ќе нѐ прогласат за неуспешна држава или држава во распад. Тоа е она што направи сите по малку да го загубиме здравиот разум, да не си веруваме дека можеме да изградиме пристојно општество, дека сме неспособни и дека е можеби најдобро да нѐ води некој друг.

Во последната колумна правите асоцијација со Гаврило Принцип за можно решение за нашите проблеми. Сепак, тие во кои Гаврило Принцип би требало да пука некој ги донесе на власт, некој гласаше за нив. Како да го натераме македонскиот граѓанин да гласа за некоја опција, а не против некоја опција?

- Во последната колумна, всушност, раскажав вистинска случка. Реакцијата на едно шестгодишно дете, кое вината за стравот од војна ја наоѓа кај лидерите на партиите, ме потресе. Не сакав да инсинуирам дека лекот е во елиминација на поединци што се на чело на партиите, туку на тоа каде може да се лоцира одговорноста. Како што и вистинскиот Гаврило Принцип не сменил ништо со атентатот врз престолонаследник (дури и придонел, т.е. создал повод за почеток на војна што набргу ќе прерасне во светска), така ни елиминацијата на политичките првенци во Македонија ќе донесе добро само по себе. Впрочем, слично беше и со уривањето на Милошевиќ и неговото предавање во Хаг: тоа не го оконча милошевиќевизмот! Напротив, видете кој е сега на власт во Србија! И во Македонија станува збор за метастазиран систем на односи внатре во партиите, меѓу партиите и клиентите, меѓу партиите и медиумите, и граѓаните наспроти сите нив. Страдалници се граѓаните, се разбира! А тие се и најнемоќни, бидејќи се одамна развластени – во име на некаква мултипартиска демократија, лидери/вождови, меѓународна заедница, етнички заедници и колективни права, и да не набројувам... Сѐ е поважно од обичниот човек и граѓанин. Обидите за враќање на Граѓанинот на политичката сцена заврши, за жал, со целосно фијаско!

Протестното движење од пред година-две беше киднапирано токму од оние кругови што и сега промовираат јакобински мерки за нормализација (што е оксиморон, по себе), беше инструментализирано за партиски цели, што сега е веќе сосема очигледно по преговорите во Мала Речица за етнички, а не суштински граѓански прашања.

Таа трета опција постојано виси над македонските политички случувања и никако да се создаде, да биде тоа некое движење од внатре, автохтоно, еден вид коректор на овие две опции, кои често ги опишуваме како Курто и Мурто?

- Нам никогаш не ни требала некаква хибридна или сеопфатна, ама празна трета опција. Нам ни требаат опции, повеќе партии – ама и таков изборен систем што нема да ги фаворизира големите и моќни партии, туку ќе обезбеди еднаков третман и можности за фер-натпревар. Ако подобро размислам, ние секогаш сме живееле со „трета опција“, т.е. со идеолошки хермафродит оличен во постојните партии, за кои е тешко и да се каже дали се со лева или десна ориентација. Сите се направени во ист калап, а со доволно широка (популистичка) понуда за освојување гласови од секаде каде што е тоа можно (catch-all parties).

Затоа и нема борба за идеи и програми, конкуренција на решенија и вистински понуди за граѓаните, ами иста работа во различни пакувања, и секогаш во битка на „Ние“ против „Вие“. Партиите се корпорации, постојат за правење профит, за создавање клиентела, а не за артикулација на интересите на граѓаните и на нивните политички определби. Понатаму, како би постоела трета партија (која, претпоставувам, ја замислуваме како негација на постојните и како нешто квалитативно ново) во етнички поделено општество? Можеби некој сега ќе забележи дека СДСМ направиле џиновски исчекор со тоа што успеале да привлечат гласови од албанската заедница (никој точно не знае колку, ама се шпекулира со бројка од неколку десетици илјади), но проблематично е што токму за таа целна група, оваа партија подготви етничко мени, а не обедини со силата на левата или социјалдемократската идеологија. Тоа го покажа и Зоран Заев, кој наместо да води кампања меѓу граѓаните од албанска националност, замина во албанската дијаспора, а овде на терен ги пушти неколкуте кооптирани албански новинари и интелектуалци.

Ова што се случува со досегашната власт во стилот „ако не сум јас, не може да биде никој друг“ дополнително ја потпалува ситуацијата и прави уште поголема поделба кај граѓаните. Колку се опасни ваквите реторики?

- Не е веќе само реторика во прашање – туку практика! Видете го опстојувањето на ДУИ на позиција на власт, како да игра симултанка со македонските партии, па само ги менува, во последниот случај и по принципот „кој ќе ни даде повеќе“. А двете партии со најмногу пратеници прават сѐ за да дадат што повеќе – само за да седнат на власт! Владеењето отсекогаш било – од приватизацијата, па сѐ до денес – најпрофитабилната дејност во економски неразвиената Македонија.

Власта значи располагање со ресурсите и нивно дистрибуирање помеѓу партиските ешалони, а државната администрација е „мајка-хранителка“ – секако, со буџетските пари на граѓаните и со странски кредити. Паѓањето од власт значи фактичка „смрт“ за партискиот живот и активности! На СДСМ му требаа цели десет години за да се приближи до власта, и тоа по каква цена за целата држава! А и ВМРО-ДПМНЕ не се откажува до последен момент, исто така, по огромна цена за граѓаните и државата!

Ова е самоубиствена политика, бидејќи изборите се борба на живот и смрт, а од избори до избори, Македонија наместо подемократска, станува сѐ послаба држава. Умешноста на албанските партии да издејствуваат нешто од секој изборен циклус значи фактички удар на унитарноста на државата. (Не дека имам нешто против федерацијата како облик на уредување, ама имаме едно крваво југословенско искуство зад себе, и имаме Македонија што е „една педа земја“ за да може да издржи такво сценарио; и тука како „шлаг на торта“ доаѓаат изјавите како онаа на американскиот сенатор за тоа дека треба да се поделиме сосема, односно Македонците да изберат дали ќе се присоединат со Бугарија или Србија).

Зошто секогаш некој друг, од страна, е виновен за она што се случува, па се чини дека на теориите на заговор им нема крај?

- Јас не сум љубител на теории на заговор, но исто така не сум ни слеп вљубеник во „нашите вистински пријатели“ – НАТО и ЕУ – затоа што тие воопшто не се невини во целокупната политика на лошо менаџирање на конфликтите и воените команданти или корумпирани лидери, воспоставување на неконзистентна политика на градење институции со нивно дерогирање (со пржински договори, на пример, или со согласување со носење закони во партиски штабови и сл.) секогаш кога овие им одговарале на геополитичките интереси. Но се сложувам дека е бесмислено кукањето над тажната судбина и однесувањето во Калимеро-стил.

Ако сме држава, и ако сакаме да бидеме држава, треба да знаеме да избираме, да не го избираме помалото зло – бидејќи зло е зло, дури и кога е мало – и да се држиме до нашите национални интереси. За жал, и 25 години подоцна, некои сметаат дека синтагмата за „национални интереси“ е смешна или дури и ја изедначуваат со национализам. Тоа е врв на мазохизам! Да признаваш, па и топло да поздравуваш американски национални интереси на Кале и во Македонија, а да сметаш дека е штетно твојата држава да има визија за себе и своето место во светот, но и за благосостојбата на граѓаните, повеќе да прифаќаш државата да ти ја кројат странците, а да немаш слух за сопствените граѓани (кои се нарекуваат глупави, недоветни, примитивни и шутраци) - тоа е лицемерство од најдолен вид.

Како до излез од оваа криза? Поделеноста на општеството во сите сегменти не дава надеж дека одиме напред.

- Длабочината и обликот на кризата се трансформираа низ годините, за конечно да стане сеопфатна – и уставна, и правна, и политичка, и етничка, и општествена... Изборите не донесоа излез од кризата како што мнозина очекуваа, туку беа само тајм-аут за пребројување на силите.

Жалам што партиските лидери (какви и да се) не го имаа општиот интерес пред сè, туку се полакомија околу власта, подготвени да бидат на кормилото дури и ако Македонија е Титаник што тоне.

Мудри политичари при ваква пат-ситуација ќе разговараа за експертска влада (или евентуално за широка коалиција) – бидејќи, на овие избори сите се губитници, како што со право неколкупати на јавни настапи кажа поранешната пратеничка професорката Солза Грчева. Сета онаа „весела математика“ со која сите се обидуваа да докажат дека се (релативни или апсолутни) победници не помага да се создаде стабилна и реформска влада. Кој и да формира влада, таа ќе биде на стаклени нозе, не само поради односот на силите во парламентот, туку и поради она што ќе се случува надвор од него.

А ќе се сложите, во моментов ни е потребна власт во полн капацитет затоа што пред неа се сериозни предизвици – и внатрешни, и регионални, и меѓународни. За целосно да закрепнеме од сето она што се случуваше изминатите години, ќе биде потребно многу трпение, мудрост – ама и време!

Мислам дека погубно ќе биде ако новата влада (претпоставувам дека ќе биде меѓу СДСМ и албанските партии) ја обземе триумфализам и/или реваншизам. Протестното движење не беше за замена на Курто со Мурто, туку за нов демократски начин на владеење. Сметам дека парламентот уште нероден веќе е целосно маргинализиран, владата (во настанување) веќе ги погази принципите на кои се колнеше (барем СДСМ и граѓанските активисти) – во делот на нетранспарентноста, неконсултирањето на експертската и пошироката јавност за прашања што вознемируваат, а и кои не ни беа на агендата на движењето што бараше промени.

Над судството, како што слушаме, се надвиснува некаква чистка – односно, се предлагаат решенија за кои Венециската комисија одамна се има произнесено дека се сосема погрешни и контрапродуктивни.

Можно решение се или беа оставките на неколку партиски лидери.

- Лично, ќе бев среќна ако партиските лидери понесеа одговорност пред своите сопартијци, но и пред јавноста – и ако се повлечеа, заедно со багажот што го носат со себе. Да беа мудри, а не се, и ако ја сакаа Македонија, во што се сомневам, ќе направеа меѓусебни консултации и ќе формираа експертска влада за определен период со точно определена агенда, па подоцна ќе можевме да очекуваме нови парламентарни избори во понормална, немилитантна атмосфера. Сега, очекувам страстите да се прелеат на локално ниво, а тоа не носи ништо добро – наместо локална демократија, ова ќе биде продолжение на изборите од 11 декември.

Мислам дека во моментов на неверојатен раст на страв и набој на национални/националистички емоции, потребно е итно обраќање до граѓаните, особено од оние што се подготвуваат за преземање на власта. Тие мораат да кажат дека ќе го одложат отворањето на сензитивните прашања што задираат во државните и национални интереси за подобро, посмирено време, кога ќе има услови за нормална дебата. Претседателот, исто така, би можел да ѝ се обрати на нацијата (штета што легитимитетот му е толку еродиран што не знам до кого ќе стаса пораката) – тој треба да биде фактор на смирување на страстите, да ги осуди сите повици за насилство, од која страна и да доаѓаат, да укаже на своите уставни ингеренции (суспензивно вето за евентуални закони кои ќе бидат спротивни на Уставот и темелните вредности на уставниот поредок) – со што ќе може да придонесе да се смири стравот дека некои работи веќе се решени зад грбот на мнозинството граѓани.

Што очекувате од претседателот во врска со мандатот за формирање нова влада?

- Очекувам претседателот Иванов да му го додели мандатот за формирање влада на Зоран Заев, бидејќи тоа го налагаат словото и духот на Уставот. Надежите на некои кругови дека Иванов може и треба да биде последниот бедем за одбрана на државата не смеат да го заведат! Тој ниту располага со такви уставни овластувања, ниту пак е човек со харизма и масовна поддршка кај граѓаните. Сега треба само да си ги врши работите за кои е избран, ништо повеќе и ништо помалку.

Заев и Ахмети ќе треба да формираат влада во која ќе има личности од висок углед, и уште поважно, со големи капацитети да се носат со наталожените проблеми. Лојални партиски војници или бледи и истрошени ликови што очекуваат награди за учеството во „револуцијата“ не ѝ се потребни на Македонија, која е пред амбис. Од друга страна, тие ќе мора да манифестираат и државнички капацитет – веќе реков, ова ниту е време за триумфализам (Македонија никогаш не била во полоша состојба), ниту за реваншизам. Македонија или ќе се консолидира брзо – или ќе се соочи со криза од историски пропорции.

Тука е и одговорноста на народните пратеници, кои се претворија во послушни партиски војници, а не во вистински претставници на македонските граѓани.

- Да. Најголемата одговорност за она што ќе се случува, сепак, ја лоцирам во пратениците на Собранието: тие не се претставници на партиите, ами на граѓаните! Од нив очекуваме да не дозволат партиите, па дури и владејачките, да ги киднапираат, односно да ја суспендираат нивната клучна улога.

Собранието не е место каде што се спроведува волјата на партиските вождови и штабови, туку волјата на народот. Треба да се има во вид и дека изминатите две години општеството се „разбуди“, но дека никој не може да предвиди во каква насока ќе се одвиваат некои нови протестни движења и со какви агенди можат да излезат. Се плашам да не се случи она – со твој камен по твоја глава, па наскоро да влеземе во нова епизода на бојкоти, поставување шатори или инциденти, кои сега би добиле насилна форма, која нема да биде само симболичка.

А.Д.

Објавено

Среда, Март 1, 2017 - 10:48

Коментари

Таквата федерализација, како што нѐ учи балканското искуство е само преодна фаза која води кон распад на земјата.

повеќе

Во Македонија мора да се случи мирен премин на власта. Така мора да биде и по изборите од 2016 година. Во спротивно, земјата ќе се третира како „пиратска“ или како „разбојничка“ држава.

повеќе

Ако државата е заробена, а институциите не работат - мислам дека е потребно да се употреби сценариото како со АВНОЈ и АСНОМ во Втората светска војна.

повеќе