Без поддршката од партиите на Албанците Мицкоски пред тешка мисија да обезбеди референдумска излезност

Обидите преку референдум да се спречи евроинтеграцискиот процес на Македонија е штетен за државата, смета Алтернатива, партија од владината коалиција, додека опозициската Беса е на став дека нема да поддржи сѐ што е во спротивна насока од интеграцијата на државата во Европската Унија. Опозициската Алијанса смета дека Албанците не си ја трошат енергијата околу прашањето за таков референдум, туку тие се заинтересирани за побрз интеграциски процес на Македонија.

Евентуалните измени на Уставот пак, со кој би било дефинирано постоење на бугарски народ во Македонија, за Беса и за Алијанса се можност од Уставот да се тргне, според нив, ограничувачката одредба од 20 проценти за официјална употреба на албанскиот јазик.

Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија ќе има тешка мисија да дојде до потребната излезност на референдумот од најмалку 910 илјади полнолетни лица со право на глас. Повикот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски заедно со референдумот да се одржат и парламентарни и претседателски избори се чини не е доволен мотив опозициските партии на Албанците да анимираат излезност на евентуалниот референдум со кој ВМРО-ДПМНЕ има за цел да се поништи Договорот за пријателство со Бугарија, како извориште на зајакнатата бугарска позиција за негирање на македонскиот идентитет, или како што Мицкоски се изрази вчера во Смилево, дека тој договор е „отровното дрво" за Македонија. Мицкоски изнесе уверување дека таа бројка може да се исполни, но е јасно дека ќе биде потребна поддршка од партиите на Албанците кои се во опозиција, имајќи предвид дека ДУИ, барем во сегашната политичка констелација, може да биде заинтересирана само за неуспех на овој, обврзувачки референдум, доколку ВМРО-ДПМНЕ ги собере потребните потписи од граѓани за негово спроведување.

Заменик претседателот на Движењето Беса Арјанит Хоџа за МКД.мк вели дека референдумот е демократско право за изјаснување на слободната волја на граѓаните, но и додава дека што се однесува до иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, Беса потсетува дека еднаш граѓаните се изјаснија на референдум „при што јасно се утврди евро-атланската ориентација на Северна Македонија".

„Сѐ што е во насока спротивно на интеграцијата на државата во Европската Унија, Движењето БЕСА нема да подржи", нагласи Хоџа.

Тој вели дека таков референдум не треба да се поврзува со одржување на предвремени избори.

„Оваа влада нема политички легитимитет и ние уште еднаш го реафирмираме ставот дека треба ден порано да се организираат парламентарни избори", нагласи Хоџа.

Хоџа вели дека Движењето Беса не отстапува од ставот, изнесен многупати досега, дека при отварање на Уставот треба да се корегира „20 проценти" со зборот „албански јазик", зашто станува збор за потценувачка уставна формулација со која што албанскиот јазик сѐ уште се сведува на 20 отсто".

Според Орхан Муртезани, порпарол и висок функционер на Алтернатива за МКД.мк вели дека референдумот што сака да го наметне ВМРО-ДПМНЕ е многу сериозен проблем за државата и дури задира и до Москва.

„Повиците преку референдум да се спречат интеграциските процеси, навидум поради договорот со Бугарија, не само што нанесуваат штета на државата, бидејќи во прашање се става нејзината иднина, туку задираат и во меѓуетничките односи. Не дај Боже тој референдум да успее зашто така ќе успее руското сценарио. Организаторите треа да се запрашаат, во случај да успее референдумот, каков ќе биде следниот референдум и со какво референдумско прашање", вели Муртезани.

Според Алтернатива, како што нагласува Муртезани, земјава е веќе на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека секој повик за запирање на тоа патување е всушност повик за враќање назад во непредвидлива криза.

„Се надевам дека никој во нашата држава повеќе не посакува такво нешто", нагласува Муртезани.

Потпретседателот на опозициската Алијанса за Албанците, Арбен Таравари смета дека Албанците ниту се заинтересирани за идејата за референдум, ниту пак се загрижени поради неговото евентуално одржување.

„Ние сме заинтересирани за вистински почеток на преговорите со Европската Унија, со тоа и за интензивирање на евроинтеграцискиот процес кој беше забавен во изминатите години. Преговорите се условени всушност со уставни измени. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ досега неколку пати го повтори ставот дека нема да ги поддржи уставните измени, додека вчера Владата ја дефинираше преговарачката рамка од која премиерот Ковачевски очекува по осум години земјата да стане полноправна членка на ЕУ. Тоа се дијаметрално спротивни ставови", изјави Таравари.

Практично, за да нема предвремени избори, сите политички субјекти ќе треба да се заложат и да ја дадат својата поддршка за уставните измени, додава потпретседателот на Алијанса и потсетува на веќе афирмираниот партиски став дека ќе поддржат отворање на Уставот и ќе гласаат за измени само доколку „се повлечат 20-те проценти од Уставот во делот на остварување на правата на една етничка заедница".

Таравари потсетува дека за уставните измени се потребни 80 гласови во Собранието на Македонија, ама вели, таа бројка е речиси невозможно да се достигне, па оттаму проценува дека предвремени избори се повеќе од извесни.

За каков било „пазар" со Алијанса, всушност е и рано, имајќи предвид дека по оставката на Зијадин Села од лидерската позиција, партиската енергија е сега насочена кон одржување на Конгрес и избор на нов претседател, кој пак ќе го избере најтесното партиско раководство, а кое ќе може потоа да носи крупни политички одлуки.

Од друга страна, се чини дека повикот од ВМРО-ДПМНЕ за одржување на предвремени парламентарни и претседателски избори во ист ден со референдумот не се доволен мотив за опозициските Беса и Алијанса да прават договор со Мицкоски, кои велат дека се за избори што поскоро, а имајќи ги предвид сложените процедури за организирање на референдумско изјаснување на граѓаните.

Летово Мицкоски изнесе интересен став во кој се прочитаа опозициските партии на Албанците, Беса и Алијанса кои веднаш потоа остро реагираа. А Мицкоски зборуваше за инсталации на власта и вазалски однос па рече: „Имам дилема дали воопшто се во опозиција. Имам дилема каде припаѓаат тие, затоа што за да се идентификуваат како опозиција треба да се критички настроени кон постапките на власта", рече тогаш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

П.Џамбазоски

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе