Интервју со еден од основачите на Центар за македонски јазик во Грција

„Беше недостижна цел, а сега легално се залагаме македонскиот јазик да влезе во грчките училишта“

По денешната вест дека во Грција судски е регистриран Центар за македонски јазик, МКД.мк побара контакт со овој Центар и направивме разговор со еден од основачите, кој е член на привремениот управен одбор. Вели, се случи важен настан, сега сме легална организација која се залага македонскиот јазик да се изучува и во училиштата со надеж да стане и задолжителен предмет таму каде живеат Македонци во определен процент.

Се случи многу важен настан во Грција, важен за македонското малцинство, како своевидно признавање на неговото постоење - во Грција е судски регистрирано невладино здружение Центар за македонски јазик. Како вие го оценувате тој настан од аспект на правата на Македонците во Грција?

- Едно од основните права на човекот е да може да зборува, да комуниција и да се образува на својот мајчин јазик. Нашиот обид беше да се создадеме здружение, организација на такви основи кое ќе се обиде да го зачува македонскиот јазик во Грција и на легален начин да се обиде да се воведе изучување на македонски јазик во грчките училишта таму каде што е тоа потребно. Тоа се заврши успешно и се согласувам дека е тоа многу важен настан. Како првично, задоволство ни е тоа што судските државни органи донесоа одлука да се регистрира здружение кое се занимава со македонскиот јазик. Тоа e голем успех, некогаш такво нешто беше недостижна цел. Сега има надеж дека македонскиот јазик ќе го слушнеме и во училиштата.

Верувате дека ќе можете да го внесете македонскиот јазик како изборен предмет во училиштата?

- Секако, и како изборен, но и како задолжителен предмет таму каде што има поголем процент на луѓе што го зборуваат нашиот јазик. Не инсистираме само Македонци по националност, односно по свест, да го изучуваат јазикот, туку може македонскиот јазик да го изучуваат и Грци и луѓе од која било националност.

Но, на која основа би станал македонскиот јазик задолжителен предмет во места каде живеат Македонци кога грчката држава не регистрира постоење на македонско малцинство?

- Пописот во Грција не содржи прaшања за националност, автоматски сите се попишуваат како Грци. Затоа и не можеме бројката на Македонци да ја знаеме. Но зборуваме за образование, за изучување на јазик. Нашата цел не се само училиштата, туку планираме и промоција на македонскиот јазик преку издавање на публикации и со онлајн изучување. Тоа подразбира и да образуваме кадар од Грција, а не само во извесна бројка да „увезуваме" наставен кадар.

Можеби веќе и сте започнале процедура за формирање на школо или центар за посета на часови по македонски јазик.

- Сега сме на почетоците, таква постапка не сме започнале. Организираме онлајн предавања кои се одржуваат веќе половина година каде посетителите самостојно можат да влезат и да ги учат предавањата, од самата азбука до високо ниво. Во план имаме, во зависност од ангажманите и донациите, да почнеме и со онлајн предавања во живо.

Колку лица ја посетуваат вака организираната настава и дали има Грци кои сакаат да го научат македонскиот јазик?

- Нашиот систем од веб страницата не калкулира со таков опис, туку колку луѓе ја посетуваат наставата. А само во првите месеци веб страницата www.makedonski.gr ја посетуваат околу 7 илјади луѓе, што за почеток е навистина голема бројка. Знаеме дека има и доста Грци затоа што контактираме кога имаат прашања поврзани со јазикот и граматиката. Некои од нив ги познаваме, за некои заклучуваме дека се Грци од самата комуникација.

Како всушност се одвива онлајн наставата?

- Немаме во живо онлајн настава, туку тоа се веќе подготвени часови во ауидо и пишана форма со објаснувања на грчки јазик. Тие предавања не може да ги користи некој што не знае грчки јазик. Самите посетители се запознаваат со правилата и начинот на слушање и читање на наставата., Имаме и на Juтјуб 70 снимени предавања - часови во аудио форма. Прераснувањето на наставата во физичка форма во центар или училиште за изучување на македонскиот јазик се надеваме ќе биде следна фаза која пак зависи од повеќе прашања и фактори. Тоа е во рамките на нашите краткорочни и долгорочни цели.

Веднаш по објавата на веста дека во Грција е регистриран Центар за македонски јазик поранешниот премиер Зоран Заев упати честитка во која наведе дека станува збор за собирање на плодови од Преспанскиот договор. Дали и вие го делите мислењето дека грчката политика по Преспа омекна кон прашањето на постоење на македонско малцинство во Грција?

- Ние сме јазична организација па сите видови на прашања кои имаат политичка боја не ги коментираме.

П.Џамбазоски

Објавено

Вторник, Ноември 29, 2022 - 15:16

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе