ВО СКЛОП НА УКИМ

Барокните ФИНКИ и Факултет за физичко образование ќе чинат 13,6 милиони евра

Министерството за образование и наука денеска објави тендер за изградба на објекти на Факултет за физичко образование спорт и здравје и ФИНКИ. Двата објекти ќе бидат во склоп на УКИМ, со подземни гаражи и партерно уредување, а нивната процената вредност изнесува  838.120.060 денери, или близу 13.6 милиони евра. 

Со тендерот, МОН конечно го објави и барокниот изглед на образовните објекти, кои ќе се градат по идејно решение на Жарко Чаушевски, архитектот кој досега беше задолжен за фасади во духот на „Скопје 2014“ на Владата, „Водовод“, ГТЦ...

Двете згради на факултетите ќе имаат вкупна површина од 11.238 квадратни метри, а откако ќе биде избран изведувач ќе „никнат“покрај булеварот „Гоце Делчев“, наспроти „Мавровка“ во зеленилото на УКИМ.

Критериум за и доделување на договор за јавна набавка е најниската понудена цена.  Понудите од потенцијалната фирма изведувач се доставуваат најдоцна до 6 јули.

Досега Градот Скопје за да придонесе во реализацијата на проектите и нивна изградба, оцени дека инвеститорот треба да биде ослободен за 60 отсто од надоместоците за уредувањето на земјиштето, односно на МОН им прости милион евра за комуналии.

Целиот досегашен процес за изградбата на објектите се одвиваше во тајност. На конкурсот на МОН за изгледот на Факултетот за физичко образование беа доставени 10, а за ФИНКИ - 7 трудови. Но, покрај избраните дела на Жарко Чаушевски, кој поради претходните барокни решенија доби „титула“ на „владин архитект“, МОН не информираше за целокупната постапка за подготвување на проектната документација.

Службите во надлежното министерство не беа расположени да ја споделат одлуката на жири – комисијата, во која се образложува изборот на победничкиот авторски труд на Конкурсот. Засега не се организираше соодветна изложба каде пошироката јавност би се запознала со визијата на сите 17 вклучени трудови за објектите од кампусот на УКИМ. Нема ниту информации дали воопшто МОН контактирала со авторот на универзитетскиот комплекс, словенскиот архитект Марко Мушич, со оглед на тоа што двата факултети ќе влезат во постојниот архитектонски концепт на УКИМ.

За објектите веќе реагираа од архитектонската фела. Дејан Ивановски, дел од студиото „Архитектри“ и член на Асоцијацијата на архитекти, претходно појасни дека во барањата за конкурсот во ниту еден момент не бил споменат архитектонскиот стил барок. Па, со тоа, помислиле дека е логично во рамките на Универзитетот, како независна институција, да биде распишан и независен конкурс.

„Цртавме 30 дена, надевајќи се дека конечно дојде време да нацртаме зграда со која ќе се гордееме. Но, згрешивме. Во тимот работеа и млади луѓе, патем одлично одговорни личности кои се надеваа на некаква награда за својот сработен труд , признание за тоа што заедно со своите постари колеги одлучиле дека на самото место треба да застане современа зграда што ќе биде репрезент на младите луѓе кои утре ќе се борат за своите права“, рече Ивановски.

Архитектот потенцираше дека работеле на зграда која со своите карактеристики ќе одговара на местото и на контекстот во кој е поставена. Гледале примери од локации кои им биле референтен пример, главно од Европа, како географска одредница.

„Потоа, легално, во рокот што беше предвиден од комисијата (во која нема ниеден проектант, баш ниеден) добивме одговор дека победник на легалниот конкурс во кој вистински, за последен пат веруваме, победил некој си Жарко Чаушевски. Не на едниот, на двата победил човекот! Истиот оној што ја поправи зградата на Владата, истиот оној што сака да го промени и ГТЦ...“, рече претходно Ивановски.

Конкурсот беше распишан на средината на септември. Од архитектите се бараше со своите творечки трудови да применат креативност, инвентивност и оригиналност. Исто така, да обезбедат современ третман на објектот во согласност со неговата функција, да применат ефикасно природно осветлување и да предложат конструкција што би обезбедила сеизмичка стабилност и економичност на функцијата.

Б.Ш. 

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе