На средбата на која присуствувале и Габриел Ескобар, заменик помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан и американска делегација, придружувана од амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз било истакнато дека Македонија, како членка на НАТО и земја кандидатка за ЕУ, функционира според принципите на демократските и европските вредности и дека во предизвиците што ги донесе војната во Украина, се постави брзо и целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ.
„Со ефективните политики за поддршка на народот во Украина и во согласност со надворешната политика на НАТО и на ЕУ, Северна Македонија како што е оценето, даде уште еден силен аргумент дека припаѓа во НАТО и во Европската Унија. Заеднички е констатирано дека ова треба да биде препознаено и вреднувано од ЕУ, со отворање на преговорите за Северна Македонија и Албанија, бидејќи проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан, од геополитичка гледна точка е безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на самата Европска Унија“, се вели во соопштението од Владата.