Имено, Миленков ја свика прес-конференцијата откако деновиве во јавноста се отвори дискусија и произлегоа прашања за анкетниот лист за Груевски. На претседателот на Антикорупциска не му беше јасно зошто новинарите се интересираат за имото на Груевски, кога тој веќе не бил премиер.
Миленков на конференцијата тврдеше дека нема разлика во имотниот лист на Груевски на почетокот на стапувањето на функција и по завршувањето. Но, сепак, анкетните листови од почетокот и на крајот на премиерската функција на Груевски не се достапни на сајтот на Антикорупциската комисија и споредба не може да се направи.
На конференцијата Миленков покажа документ со имотна состојба на Груевски, но не им дозволи на новинарите да добијат фотокопија.
Груевски вчера реагираше откако повеќе медиуми објавија и дел од партиите го повикаа да каже за својот имот, па рече дека согласно обврските, во законски предвидениот рок, уште на 8 февруари до Антикорупциската комисија го доставил анкетниот лист.
„Ја користам оваа прилика јавно да ја повикам Државната комисија за спречување на корупција на заинтересираните медиуми слободно да го презентира анкетниот лист и имотната состојба што ја имам наведено во него“, рече Груевски.