„Лицата кои штрајкуваат се од случајот „Диво Насеље" и бараат погодности кои им следуваат и за кои ги исполнуваат условите. Но, тие треба да се во Казнено-поправна установа, а не во Истражен затвор за да го добијат тоа што го бараат. Ние како установа не можеме да им одговориме на барањата, па од тие причини поднесов барање до Управата за извршување на санкции за преместување во друг затвор од каде чекам одговор", изјави Андов.
Затворениците кои штрајкуваат се осудени на затворски казни од 12 до 40 години затвор за тероризам и околу две години се наоѓаат во Истражниот затвор во Шутка.
Образложението е дека таму се сместени поради безбедносни причини, но според Андов секој затвор може и има начин за да спроведе мерки за безбедност за осудени лица во установата.
Управата за извршување на санкции треба да донесе одлука дали ќе го прифати барањето на директорот на Истражниот затвор во Шутка.
Народниот правобранител на 6 мај годинава согласно своите законски надлежности, а по поднесени претставки од тројца осудени лица кои се на издржување на затворска казна во Истражниот затвор во Шутка, изврши увид и разговараше со одговорни лица во установата.
Осудените лица тогаш информираа дека ќе почнат штрајк со глад поради тоа што иако исполнуваат услови не им се дозволуваат одредени погодности како што се викенди и видувања со сопругите односно партнерките.
За штрајкот на осудените лица во случајот „Диво Насеље" минатата недела изјава имаше министерот за правда , Никола Тупанчески.
Доколку се утврди дека осудени лица за настаните во Диво Насеље, кои штрајкуваат со глад не ги добиваат правата што им следуваат со закон, ќе биде соодветно реагирано, изјави минатата недела Тупанчески.
К.Д.