Прес-конференција на ДУИ

Адеми: Референдумската инцијатива е ретроградна, не дозволуваме такви процеси

Kога е во прашање државниот и национален интерес, Демократската унија за интеграција нема да дозволи ретроградните сили да ја закочат иднината на земјата, рече на прес-конференција пратеничката група на ДУИ координаторот Арбер Адеми. Тој оцени дека иницијативата за референдум ВМРО-ДПМНЕ намерно ја има смислено да биде правно неиздржана и спротивна на Уставот со цел да биде одбиена и да се создадат поделби и тензии меѓу граѓаните. 

„Демократската унија за интеграција ја повикува опозицијата да го прифати и поддржи Договорот за добрососедство со Република Бугарија, кој што е меѓународен договор и согласно Уставот неговото правно дејство не може да се менува", рече Адеми и нагласи дека иницијативата е отфрлена бидејќи, рече, Уставот е многу јасен во членот 118, каде се предвидува дека потпишаните меѓународни договори, кои потоа се ратификувани, се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Тој даде оценка зошто ВМРО-ДПМНЕ поднесе така иницијатива со такво референдумско прашање:

„Очигледно, опозицијата намерно ја има смислено и поднесено иницијативата на правно неиздржан начин за организирање референдум, која е спротивно на Уставот, и со единствена цел, за да биде одбиена и притоа да создава поделби и тензии меѓу граѓаните и таа партија да го манипулира народот иако знаат дека референдумот нема никакви шанси да успее. Иницијативата на опозицијата значи попречување на патот кон ЕУ. Жалам за антиевропското убедување и делување на опозицијата, но едно е јасно, дека враќање назад нема да има, дека земјата нема да се изолира од останатиот демократски свет“.

Адеми повика на формирање широк проевропски фронт на политички партии, невладини, медиуми, граѓани зашто преговорите со ЕУ, рече, се отпочнати и упати посебен повик за поддршка од „про европското крило во рамките на опозицијата“ со цел да не се запре европскиот пат на земјава, членка на НАТО.

„Префрлањето на одговорноста на граѓаните, е барање алиби за сите неуспеси овие години, и погрешно постројување во регресивни сили преку сеење магла и оспорување Договор кој придонесе членство на нашата држава во НАТО. Во време на најголемата економска и енергетска криза, во пресрет на една тешка и неизвесна зима што не чека не само нас туку целата Европа, крајно неодговорно и недозволиво е да се потрошат 8 милиони евра за организирање на референдум, само за да станеме дел од големата измама на опозицијата. Kога е во прашање државниот и национален интерес, Демократската унија за интеграција нема да дозволи ретроградните сили да ја закочат иднината на Република Северна Македонија“, изјави координаторот Арбер Адеми.

Трендот на заминување на младите од родната земја е загрижувачка појава која се случува во Македонија.

повеќе

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе